Archives for posts with tag: skopje

На 28.03.2009, група студенти од Архитектонски факултет, придружувани од заинтересирани граѓани и здруженија, организираа протест против градење на црква на градскиот плоштад. Во тој обид беа спречени од лута толпа „верници“, навивачи и националисти. Јас би ја додал и полицијата, која не правејќи ништо, практично го креираше инцидентот. Но, да не се повторувам, еве што напишав тогаш.

план за црквата

Што се случува година дена подоцна?

Тотално арбитрарно одбирам да одделам два значајни феномени кои на некој начин се поврзани со инцидентот.

Првиот е очигледно проектот „Скопје 2014“ или маркетиншки поубаво формулиран како „визија за градот“. За оваа тема има многу што да се каже, но јас ќе оставам ова да го разработам во некоја блиска иднина. Во меѓувреме се обидував да убедам неколку мои пријатели за политичкиот контекст на идејата за урбаниот простор и изгледот на тој простор. Најчесто попусто, бидејќи за нив визијата беше или симпатична, или прашање чисто на вкус а не на политика (ако нема политика и во вкусот). Нормално, тие рекоа дека не би ги уредиле своите куќи и станови со римски столбови. Меѓутоа, да не застранувам од темата, приказната за „Скопје 2014“ не е за тоа дали некому му се свиѓаат колонади, жардињери и што ли друго.

централниот дел на плоштадот

Вториот феномен се „валканите 50мина“, или што би рекол „Вечер“, оние кои протестираат за се и сешто. Дел од нив, заедно со уште некои, беа луѓето кои се појавија да протестираат на 28.03.2009. Откако се случи тоа што се случи, центрипеталните сили почнаа да работат. Така, во саботите изникнаа „Распеани Скопјани“ (кои требаше на Евровизија да ги пратиме), „Плоштад слобода“ кои го проширија својот хоризонт воопшто на култура и политика. Да не ги заборавам и „Архи бригада“ кои се посебно релевантни како коментар за „Скопје 2014“.

транспарент

За крај, денес повторно има собир на плоштадот, како знак на сеќавање за инцидентот минатата година. Меѓутоа, ако минатата година „крстоносците“ беа барикада, оваа година плоштадот е заграден бидејќи на него веќе почна да се гради.

знак

гроб или паметник за изборување слобода?

Во врска со препородениот национализам во рамките на македонската нација, честопати ја слушам тезата дека ова се фази низ кои мораме да поминеме. Овој аргумент најчесто ја има смислата на „оправдување“ на национализмот, како „состојба“ низ која мора да се помине. Дали ова треба да значи нешто во стилот „прележување заушки во детство“ незнам, ама најчесто така ми звучи.

Меѓутоа, доколу за момент се заборави на имплицитното оправдување на национализмот при ваквиот аргумент, сепак остануваат прашања во врска со него. Првото прашање би било дали навистина сме скокнале било која фаза од „нашиот“ (македонскиот) национализам. Второто, и веројатно позначајно прашање во практична смисла е дали мораме да ги поминуваме, наводно скокнатите, фази на национализмот.

автор: Матеј Богдановски

Првата дилема се однесува на аргумент развиен од идејата дека т.н. комунистички (или социјалистички) режими го „замрзнале“ национализмот за време на сопствената епоха, па пост-социјалистичките општества сега се соочуваат со тој рез. Меѓутоа, таквата концептуализација, инаку доста влијателна, денес во научните кругови се избегнува, бидејќи големо тело на докази го покажуваат спротивното. Меѓу другото, два влијателни (а јас би рекол и сосема различни) теоретичари на национализмот, Ѓерѓ Шопфлин (György Schöpflin) и Роџерс Брубејкер (Rogers Brubaker), релативно добро ја имаат опишано „љубовната афера“ помеѓу национализмот и „комунизмот“. На примерот на Југославија, доволно е само да се посочи дека концептуализацијата на федерацијата е базирана на национални премиси, па оттука Босна и Херцеговина нема конститутивен народ се додека не се формулира посебна заедница на Муслимани (подоцна Бошњаци итн).

За Македонија, тој период се одликува со стандардни појави при формулирање на нацијата, како стандардизација на јазикот, креирање на образовни инситуции и сопствена администрација (види Ернест Гелнер (Ernest Gellner) и Бенедикт Андерсон (Benedict Anderson) за општи теории), а во истиот, се формира и националната црква (денес сметана за важен фактор на „духот“ на нацијата), како и формулира националната историја итн. Во исто време, македонското национално градење на државата (во тоа време федералната република) не е оперирано од можностите да се асимилираат другите, потенцијално компетитивни етнички групи во општеството, што е една стандардна националистичка алатка. Така, стандарден јазик за комуникација е македонскиот, образованието (во најголем дел) е на македонски. „Социјализмот“, во таа смисла не бил неутрален кон етничките категории во формална смисла. Оттука, се чини проблематично да се означи тој период како „ледена коцка“ за македонскиот национален развој.

Но еве, доколку сме скокнале фази, дали е потребно да ги доживуваме, за да се исцелиме на крајот?

На ова прашање неможам да понудам објективен одговор. Од една страна, неодамнешната реконструкција на национализмот во нашето општество се чини дека креира одлични појави. Така, дуализмот во македонската политика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сега се поместува во дуализам помеѓу патриоти и предавници, мажи и жени, хетеросексуалци и хомосексуалци, побожни и атеисти, националисти и комуњари. Така, естаблишментот (кој и да е) веќе неможе да ја најде сопствената опозиција во определна партија, туку надвор, во цивилното општество. Таквиот конфликт е релативно добро распореден по оските на тоа што го подразбираме како имагинација за нацијата: спремноста да се гине за нацијата; нацијата како жена контролирана од мажи; моралната слика за нацијата. Денес, ако ја погледнете јавната дебата по горливите прашања, дискусијата се води помеѓу власта и оние „педесетина“ кои „Вечер“ ги нарекува дежурни демонстранти за се и сешто. Каде е тука СДСМ? Никаде. СДСМ е сведен на слика која и служи на власта за да проектира неморал врз јавната опозиција. Нереформираната партиска опозиција неможе да генерира вистинско спротивставување бидејќи се способни (ако воопшто се) да се соочат само со ВМРО-ДПМНЕ, а не со самите себеси. Најважното е што ниту едната ниту другата партија, на долг рок, сеуште не е спремна да прифати постоење на постојана (непартиска) граѓанска опозиција сместена во рамките на цивилното општество.

автор: Матеј Богдановски

Партиите на страна, ако се прочепка подлабоко, ќе се види огромно опозициско творештво генерирано како реакција на национализмот од последните неколку години. Како веројатно никогаш претходно, социјалните мрежи на Интернет, и реакцијата на мобилизираниот национализам, почна да обединува креативни сили од општеството. Доволно е да се провери хаш тагот на Твитер „skopje-2014“ за да се види какви се сатиризации, интервенции, вицови, изместувања и слични субверзивни тактики вирално се раширија за само неколку часа по повод проектот „Скопје 2014“. Таквите активности зближуваат определена, релативно широка група на луѓе, која ако не ја карактеризира заедничка политичка идеологија, барем отсликува критичко размислување.

Меѓутоа, не би рекол дека сето ова има само оптимистичка страна. Напротив, национализмот од доцните 2000ти, има своја цена. Начинот на кој ќе ја „замислуваме“ нашата заедница влијае на тоа кој ќе биде „внатре“ а кој „надвор“ од телото на нацијата; како ќе ја концептуализираме историјата во нашата иднина; со каква политичка митологија ќе го дефинираме политичкиот дискурс итн. Поради ова, сметам дека е проблематично да го доживуваме (преживуваме) тоа што наводно било ускратено како развој на нацијата (ако воопшто ни било ускратено).

автор: Матеј Богдановски

Пред некој ден, присуствував на едно предавање на London School of Economics во кое Даниел Широ (Daniel Chirot) се надоврза на истражување на Роџерс Брубејкер за Романија и примерот со градот Клуж. Имено, Клуж е центaр на Трансилванија населен со Унгарци (традиционално маркиран непријател во романскиот национализам), и иако постои имплицитна тензија помеѓу овие групи, а во Клуж со години се бира(л) ултранационалистички градоначалник, национализмот никогаш не се материјализирал во нешто сериозно. Ова не го давам како пример за некаква аналогија на потенцијален конфликт помеѓу Македонците и Албанците, туку се надоврзувам на заклучокот кој Широ го извлекува а тоа е дека факторите во Романија одлучиле да се посветат на иднината а не на минатото. Според него, европската перспектива на земјата била значаен фактор кој ги амортизирал потенцијалите за распламтување на национализмот.

Каде е тука Македонија? Немам намера некритички да ги бранам определбите за европска интеграција, туку ги ставам во контекст на замислување на иднината. Во таа смисла, учесниците во македонскиот политички процес, и оние кои го коментираат, предлагам да почнат да ја контекстуализираат Македонија во 2010 година, како држава во општество во кое треба да се решаваат современи проблеми на пристап на граѓаните до сервисите на администрацијата, здравство и образование, јавен транспорт, отворени граници, економска сигурност, владеење на правото и најважно од се, човекови права. Така, самиот факт дека сме 2010, налага скокање, синхронизација (или обид) со останатите. Како што „развивање на капитализам“ со (најмалку) 100 години доцнење не дозволува искористување на работниците како на почетокот на дваесетиот век (иако кај нас тоа се прави), така и концептуализацијата на нацијата не треба да ни биде анахрона. Наместо големите наративи од почетокот на минатиот век, потребно е да ја редефинираме државата како мултикултурен сервис, а најважно од се, да развиеме критички однос кон сопствената историја и митологија. На некој начин, потребно е и исмевање на минатото.

Кибер котле, од извори блиски на Холивуд, ексклузивно дознава нови детали за продолжението на „Гладијатор“. Како што македонската јавност неодамна можеше да дознае, Ридли Скот одлучи дека му е поефтино да го снима „Гладијатор II“ во новото Скопје, кое ќе изобилува со знаменитости кои би и прилегале на сценографијата потребна да се долови античкиот Рим. Иако се знаеше дека Расел Кроу е заинтересиран да глуми во продолжението, многу малку детали беа откриени за приказната на филмот.

Меѓутоа, инсајдерски информации оваа недела открија клучни делови од сценариото на филмот. Имено, бидејќи главниот лик Максимус (Расел Кроу) умира во првиот дел, приказната во продолжението открива дека тој имал македонски корени. Така, вториот дел ја следи приказната на Минимус, неговиот близнак од Македонија, кој сака да ја освети смртта на својот брат. Во обид нелегално да ја помине границата за да влезе во Рим, Минимус бива измамен од Ставрос, кој го остава некаде во Италија без пасош. Минимус, без никаква лична документација, завршува како гладијатор.

За да нема премногу тестостерон, Ридли Скот во моментов ја пишува љубовната приказна, љубовен тријаголник помеѓу Минимус, Инконтинентија и неименуван Илир.

Расел Кроу изјави дека е возбуден за доаѓањето во Македонија, уште повеќе откако македонските иселеници во Австралија му подариле шише домашна жолта ракија. На прашањето дали му се допаднал нашиот пијалок, Расел одговори дека жежела повеќе од виски, но дека убаво легнала со туршија, исто така подарок од нашите иселеници.

Расел Кроу дава изјава за македонските медиуми

Кроу: Пегланите пиперки беа супер!
автор на фото: Andre Luis

На прашањето каде ќе ја гради семејната куќа, Расел одговори дека сеуште не знае, но дека се мисли помеѓу Охрид и Галичник. Тој изјави дека како и секој Австралиец, така и тој отсекогаш сакал да чува овци, па покрај убавините на нашето езеро, во игра е и едно бачило за кое што не сакаше да открива повеќе детали.

Во наредните неколку месеци ќе пристигне првата екипа која ќе ги почне подготовките за снимање. На социјалната мрежа Фејсбук веќе се обзнани и дублерот на Расел Кроу а сликите од аудицијата не можеме да ги објавиме поради немање на авторски права.

Гордан Георгиев, во својата колумна во Утрински насловена „Нашето Скопје“ (внимавај! политички маркетинг), пишува за промената на културниот живот во градот. Накратко, тоа што тој го определува како „културно урнисување“ на градот, според него во најголема мера се должи на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Иако се согласувам дека актуелната конзервативна власт во таа смисла има свој печат (кој не треба да се игнорира) и на културниот живот, сепак мислам дека одговорот треба да се бара на друго место.

Размислете. Оваа година полнолетна стана генерација која е родена во 1990тите, значи без никаква меморија на 1980тите. Не правам нормативна квалитативна разлика помеѓу периодите, туку само потсетувам на фактот дека новите генерации своите херои ги има во транзицијата. Новите вредности се поинакви, не неопходно многу полоши, но со поинакви ефекти, вкусови, потреби итн. Сите кои што читам како, во последно време, коментираат за „падот“ на културниот живот се или во своите доцни 20ти или во рани 30ти. Значи, родени најдоцна на почетокот на 80тите, во едно друго време. И повторно, не навлегувам во тоа дали тоа време било подобро, туку само потенцирам дека било поинакво и сеќавањата од тое време, за голем дел од тие генерации, биле некаков фактор во обликувањето и на културниот живот.

А инаку се сложувам со Гордан, дека на Скопје му фали Brick Lane. (иако е калдрма ;-) Меѓутоа, тоа е маргинален проблем на културниот живот во Скопје… а на градот (и на Републиката) и требаат слободарски принципи врз база на кои ќе се креираат политиките, меѓу другите и културните. Така, негувањето на маргиналните култури нема да биде резултат на ад-хок волјата на некој добронамерен политичар, туку резултат на систем во кој тие самите лесно ќе се репродуцираат. Еден таков принцип е негување на слободни зони, во Скопје и во републиката, кои локалните власти (или државата) ќе ги дадат на користење на различни здруженија и иницијативи. Таквите локации можат да послужат како автономни или алтернативни точки каде оние кои сакаат да бидат поинакви ќе можат да си најдат свои истомисленици. Градот Пула, на пример, се откажа од огромна касарна во центарот на градот и ја подари на фолклорни друштва, невладини организации, хакери, металци и панкери. Една таква активност мислам дека би била добар почеток, за СДСМ или ДПМНЕ, таму каде што имаат влијание, да создадат потенцијал за културен плурализам кој ќе се создава „од долу“. Носталгијата е непотребна, бидејќи Скопје, за добро или лошо, никогаш нема да биде ист. Градовите се менуваат – тие така живеат.