Пред некое време одекна начинот на кој беше извршено апсењето на Саша Андоновски на Скопскиот Аеродром.
И додека Жарко брзо го осуети обидот апсењето да се означи како соодветно и во согласност со Европски стандарди, а со него потполно се согласувам за ова, мене ми влета и една друга идеја.
Зошто маскирани полицајци го пренесуваа од полициската станица на Аеродромот до полициските возила?
Ајде да разберам дека специјалните полицајци се маскираат за да се заштитат од одмазда после извршена акција. Но ова не беше таков случај. Тој веќе бил уапсен на влезот во Македонија, што значи дека овие полицајци само го пренесоа од една полициска станица до друга. Каква е опасноста по полицајците? Слично на ова, невкусно делуваше што маскирани полицајци го растоваруваа камионот со спорното запленето оружје кое патуваше за Бугарија. Зошто маскирани полицајци?
Но, симптоматично е тоа што токму маскираните полицајци го извршија самиот акт на такво спектакуларно апсење. Криењето позади маската носи слобода. Чувството за одговорност е намалено.
Затоа мислам дека треба да се ограничи употребата на маски или таквото јавно користење на маскирани полицајци. Кога еден полицаец, немаскирано ќе треба да изврши такво брутално апсење, откриен пред јавноста, комшиите, пријателите, сам ќе биде приморан двапати да провери што тоа допрва ќе направи, дали наредбата е во согласност со правилниците, кодексите и законите.
powered by performancing firefox