Внимавај на секирата Јуџин!
Денеска, и вчера, мојот пријател организираше забава по повод своето неколкугодишно заминување од Скопје на студии во Тексас. Поради музиката во својот двор заработи поплака од комшиите поради која полицијата интервенираше па забавата се префли во неговата куќа и тоа на компјутерски - не толку јаки звучници. И тоа не беше доволно за соседството па повторно забавата ја прекинаа полицајците кои сега, поради повторените пријави, го одведоа мојот пријател на „информативен разговор“ заедно со уште неколку случајни учесници на забавата. Отидовме да ги бодриме другарите пред полициската во Ѓорче.
Од тоа што го видов полицијата беше пристојна. На најдобар начин се обидоа да ни објаснат дека ништо не се случува со нашите другари и само ќе бидат прашани за некои основни работи, како лични информации и слично, и потоа ќе бидат пуштени без никакви дополнителни проблеми. Тоа и се случи. Нормално, групата беше значително вознемирена бидејќи не сметаше дека направила ништо лошо, туку напротив, ги слушнала сугестиите при првата посета на полицијата и веднаш се повлекла на забава внатре во куќата. Да биде сето тоа смешно, јас играв улога на добар „полицаец“ во Ѓорче па се ставив на страна на полицајците додека другите играа улога на лоши „цајкани“. Не мислам дека бев хипокритичен. Тие полицајци ја работеа својата работа и постапуваа според жалби. Неформално, еден од полицајците ни призна дека не гледа некој проблем во забава каква што ние ја опишавме до доцна во ноќта, посебно ако соседството било известено а се работи за несекојдневна пригода.
Тоа што мене ме натера да го напишам постов е немањето на објективни мерила за звучна контаминација на средината според која ќе се определи дали некој го нарушува јавниот ред и мир. Наместо мерење на децибели, полицијата и законите се потпираат на субјективната звучна осетливост на соседството, чија нетолерантност најчесто се базира на некомпатибилен музички вкус. Така, тоа што е музика во ушите на еден, истовремено е и бука во ушите на некој друг. Во отсуство на подобри средства за мерење на бука, полицијата фактички постапува по нечиј музички вкус или комшиска фрустрација. Не дека не е можно забавата да е прегласна. Но без инструменти - тоа е сепак субјективна оценка.
Втората полициска посета дефинитивно ја згасна забавата. Кога некој живее во куќа и пушта музика на мали компјутерски звучници а се простува од Скопје и пак бива пријавен, веројатно е лоша волја на соседството. Но јас го имам совршениот лек. На мејл ќе му ја пратам Carefull With That Axe Eugene од Pink Floyd. Доколку имате проблеми со повампирено соседство - тоа е песната за вас.
Comments(2)


