Стоп! Затвори ги очите!

Проблемот на современата демократија и слободна култура и живеење се одлучувачи кои живеат надвор од реалноста со половични погледи на свет.

Денес, од Ротари клубот во Скопје биле промовирани неколку спотови кои ќе се емитуваат пред определени програмски содржини кои ќе ги предупредуваат малолетниците кои содржини се соодветни за нив. Тоа во светот и не е нешто ново, но ете, стигна и кај нас. Нормално, пуританскиот Совет за радиодифузија со отворени раце ја пречека иницијативата од „елитните“ Ротаријанци.

Но, интересно е како се опишува ситуацијата во македонскиот етер. Канал 5, од каде ова го дознав, го опишува ова на следниот начин:

Секојдневно сме сведоци на дневни програми емитувани на телевизија, исполнети со насилство и порнографија. На удар на таквите програми е токму малолетната популација.

Јас претходно пишував дека насилството постои во голема количина во македонскиот медиумски простор. Дебатливо е како треба да се справуваме со насилството како слика во текот на развојот на малолетниците и воопшто луѓето.

Меѓутоа, од каде порнографија секојдневно на македонските медиуми. Порнографија најелементарно би се дефинирала како „содржина која цели кон сексуално возбудување“. Сигурен сум дека во очите на просечниот малолетник во пубертет, многу работи можат да му бидат возбудливи, но исто така мислам дека општеството не може секаква голотија или еротика да дефинира и подреди на порнографија.

Така, не ми е јасно каде ја гледаат новинарите, Советот за радиодифузија и Ротаријанците порнографијата по македонските медиуми. Таа, напротив е изрично забранета на сите јавни медиумски мрежи вклучително и кабелските. Значи, единствен начин како обичен малолетник да гледа порнографија на телевизија е ако дома има сателитска програма. Тоа, мора да се признае е простор кој семејството го уредува. Значи, што се однесува до „порнографија“, целата оваа кампања е неоснована, бидејќи, според постоечката регулатива - никогаш нема да биде емитувана.

Што е тогаш целта на оваа кампања?

По мене, овие политики имаат тенденција да го поедноставуваат светот и нудат прилично штура слика, оневозможувајќи алтернативни погледи. Честопати, една приказна се раскажува преку насилство и секс. Тоа се фактите на секојдневното живеење, а потребно е да се зборува за нив во текот на социјализацијата на младите. Отсега, општеството тие приказни ќе ги обележува како несоодветни, а тоа е врата која честопати ќе помага промоција на мејнстрим поглед на свет и ќе оневозможува алтернативни и честопати критични погледи на реалноста која не опкружува.

Еве една компарација. Во прва година средно, малолетниците се соочуваат со „Пеколот“ од Данте Алигери. Ако се оддалечите од општата прифатеност на оваа книга, ќе сфатите дека е тоа грозоморна слика за кралството на Ѓаволот, исполнето со убијци и блудници, издајници и неверници. Сликите што ги пее Данте се честопати и вознемирувачки. Меѓутоа, таа критика која поетот ни ја нуди, останала запишана како едно од најголемите достигнувања во светската книжевност, па ние им ја нудиме на нашите малолетници за да можат да изведат некоја поука од стиховите на Алигери.

Но, што би се случило со „Очи ширум затворени“ од Стенли Кјубрик. Несомнено, филмот е одличен и прифатен. Но како ќе го обележи Советот за радио дифузија. Во САД тој бил обележен со R што ако не се лажам, значи дека не смеат да го гледаат малолетници. Така, додека филмот поставува неколку интригантни прашања за кои вреди сите ние да се замислиме, а во некоја крајна мерка ја критикува сексуалноста, пуританското општество не ја сака таа критика а филмот го чита како „секс сцени и користење дрога“.

И пак си го поставувам прашањето. Јас постојано очекувам, кога на кабелска ги гледам тие телоп-предупредувања, да го видам црното знакче, кое ќе го најави порничот. Напротив, што помала рестрикција тоа ми се помали очекувањата за добар филм.

Дополнување:

Еден од промоторите на оваа кампања и политика е режисерот Александар Поповски. Се надевам дека тој ќе се противи кога малолетници ќе отидат да гледаат некоја од неговите претстави кои вклучуваат секс и насилство или дека барем ќе стави еден постер каде ќе ги предупреди децата.