Писмо до „Македонско братство“

На мејл ми стигна едно писмо (тагови: моронско, кретенско, идиотско, нацистичко, загрижувачко) од „Македонското братство“. По се изгледа, додека мекнеевме пред некое време со Стама, ги видовме и во живо и уште тогаш ни изгледаа „сомнително“ ;-). Не ми требаше долго пред да им одговорам. Не се замарав да им кажам нешто претерано ново, ама морав нешто да им кажам.

<почеток>

Почитувани,

Ќе ве молам во иднина да не ме спамирате со мејлови од ваква содржина.
Не само што не сум побарал да ми праќате мејл, ниту пак се знам со
било кој од вас, а уште помалку го поддржувам тоа што го правите.

Ја посетив вашата интернет страна и како политолог можам да кажам дека
изобилува со пораки на радикален национализам кои не му помагаат на
ниту едно општество, а најмалку на современите општества, кои се
претежно, во поголема или помала мера - мултикултурни.

Какви се овие приказни за „крвта” која ја носиме. Зарем постои нешто
како „македонска крв” која е различна од другите? Не постои - секоја
македонска крв може лесно да биде компатибилна и со свинска крв, како
што е воопшто случај и со било која „човечка крв”. До кога со вакви
„ариевски” симболики ќе се обидувате да мобилизирате?

„секој Македонец треба да го сака својот брат поради тоа што е Македонец”

Јас па мислев дека луѓето треба да ги цениме поради тоа што прават, а
не поради тоа што се. Или можеби грешам а македонците се непогрешлив
народ?

„edna celina, edna nacija,
eden narod, edna Makedonija”

Ова е парафраза на „Еден народ, една држава, еден фирер” или јас само
мислам дека сакате да го цитирате нацистичкото начело. Се додека
сликата за „успешно општество” ни претставува монолитна целина, не
можеме да напредуваме до слободата.

За крај, гледајќи многу млади луѓе во вашите редови, се прашувам дали
полемички им ги претставувате вашите идеи, или ја користите нивната
младост за лесно да ја продадете вашата догма.

поздрав,

Миша Поповиќ - дежурен предавник

п.с.

Неможноста да го напишете спамот на кирилица не е технички проблем -
бидејќи сервисот од каде е пратен мејлот Gmail одлично се справува со
кирилица. Напротив, користењето на латиница во вашиот случај ќе го
сметам како одбивност да се научи нешто ново, па се користи нешто
старо, античко, исконско - latinica.

<крај>