Туѓа крв за наши гомна

Ете, Република Македонија не доби покана за влез во НАТО. И сега што? Да се убиеме?

Лично, јас мислам дека не требаше да се вклучуваме во НАТО, бидејќи остро се противам на воени сојузи (посебно во „мирно време“). Мојот став го извлекувам од длабоката убеденост дека на Републиката не и треба војска. Но за ова во друга прилика.

Можеби, потајно се ситам што бевме одбиени, но мислам дека најголема придобивка од ова ќе има македонската политичка мисла. За што се работи?

Уште од самиот почеток, во македонскиот политолошки академски круг не постоеше никаква дебата околу интеграцијата на Република Македонија во НАТО. Таканаречениот „консензус“ се потхрануваше од импресијата дека „не постои поинаква патека“ по која може да се движи меѓународната интеграција на државата. Но, никогаш немаше добро организирана академска јавна дебата за ова.

И додека лично сметам дека меѓународна интеграција, како општ принцип, е неминовен „природен“ процес, тоа што мене ми беше поразително е нечувствителноста и опортунизмот во оправдувањето на фактичката политика на државата за потребите на својата интеграција во НАТО.

Инвазијата на Ирак, соработката со CIA за апсења надвор од закон во борба против тероризмот, беа оправдувани како активности кои се потребни за да ја освоиме симпатијата на САД, кој ќе не поддржувал за интеграцијата во НАТО. Учеството во НАТО мисијата во Авганистан беше оправдувана за да се придобијат и другите сојузници од НАТО.

Притоа, никој не ги доведуваше под знак на прашање контекстот и оправданоста на мисиите и активностите, начинот на кој тие се спроведуваат и кој се гине за „интересите на македонските граѓани“. Тие интереси беа ставани пред мирот и животот на другите нации, пред се на луѓето во Ирак.

Сето ова се користеше како аргументација за активностите за „потребната“ интеграција во НАТО. И додека тоа може да се очекува од политичари, проблематично, според мене, беше што локалната политичка мисла ги прифати тие аргументи. Таквата состојба не е тривијална, бидејќи некритичката академска мисла се мултиплицира во површен фронт во цивилното општество кое е контролор во слободните општества. Истовремено, голем дел од академската заедница учествуваат во едукација на идните генерации каде ја пренесуваат сопствената некритичност.

И сега, кога се покажа дека сите жртви кои највеќе ирачаните, ги претрпеа за Македонија да влезе во НАТО; компромисите за прекршување на меѓународното право; купување оружје наместо поинтензивна развојна политика, биле залудни, како ќе ги објасниме тие постапки во иднината? Со каква совест, сите тие академици ќе можат да го објаснат своето оправдување на една таква и причинска и методична погрешна политика.

Некои тврдат дека една малечка рипка како Република Македонија во морето на меѓународната политика треба да плива покрај китот, за да успее. Денешниот ден покажува дека таквата теорија паѓа во вода. Китот, кој наводно (и реално) може многу да направи, не и помогна на рипката да влезе во неговото јато.

Јас би рекол дека таквата океанографска слика за структурата на меѓународната политика е илузорна. Отсега, на сите тие академици ќе им биде многу потешко да ги оправдуваат овие нивни тези пред публиката.

Во момент на цинизам би рекол дека структурата на меѓународната политика ја сочинуваат три категории на држави: dicks, pussies и assholes.

Иако непосредното добро од целата ситуација е што не влеговме во овој проблематичен сојуз, тоа што би било добро е овој историски момент да ги разретчи апологетските кругови во македонската политолошка академска заедница и ќе помогне во формирање на поиздржан критички дискурс за меѓународните политички интеграции на државата.

Др. Спинољуб

Или Како Научив да Престанам Да се Грижам и го Сакам НАТО

НАТО нема да ја подобри безбедноста на граѓаните, ниту ќе ги подобри економските прилики… но НАТО ќе ги спаси граѓаните од македонските политичари… а тоа не е мала работа.