Мажите се од Марс а жените се родилки?

Од целата дискусија околу абортусот, највеќе ме нервира аргументот дека жените треба да раѓаат за да го подобрат наталитетот.

Јасно ми е дека верските зилоти постојано ќе мрчат против абортусот како грев.

Јасно ми е дека нема да можам да им понудам добра аргументација на некои хуманисти кои го гледаат абортусот надвор од општествениот контекст, туку само како акт на уништување на живот. Но не секој би можел во ова општество во кое живееме да му обезбеди на своето идно дете пристоен живот (животот станува се поскап) а ниту институциите на општествена нега не се на минимум потребното ниво за да добро ги негуваат децата без родители. Затоа е потребно правото на избор да биде загарантирано затоа што не смее жената да биде принудена да биде родител тогаш кога не може или тогаш кога не сака. Таквата принуда најчесто најлошо ќе испадне по детето. Но, тука секогаш треба да се додаде и дека абортусот не е најдобриот метод на контрацепција и никогаш не треба да биде примарен.

А за да не дојде до несакана бременост, многу е поважно во училиштата да се има сексуално образование наместо парите да се трошат на учење за верата. Таму, жените ќе бидат ставени во уште полоша ситуација. И понатаму извор на знаењето за сексуалниот живот ќе биде непосредното искуство, наместо да се вклучи социјална и медицинска компонента, а дополнително веронауката ќе ги „учи“ младите девојки за нивното место во светот, каде меѓу малкуте улоги на жената е и нивната „приплодна функција“. Можам да си замислам во каква позиција ќе бидат девојките, наполнети со идеи за гревот а во ситуација кога не ја посакувале својата бременост.

Но да се вратам на родилките и националниот наталитет… ова секогаш ме вади од такт. Тука се сумирани сите шовинистички идеи за машката доминација и „вистинското“ место на жените како мајки родилки на нацијата, чија функција не излегува подалеку од прагот на семејната куќа.

„Како да не ни умира нацијата ако жените не сакаат да раѓаат?“

Тоа е истиот ментален склоп од каде потекнува идејата дека најголемата победа во една војна е силувањето и затруднувањето на жените на непријателот - потсвесната идеја дека така најдлабоко се уништува националниот капацитет на спротивставената страна. Оваа идеја девастираше илјадници човечки животи во многу војни, а најблиску ни се граѓанските војни од Балканот во 90тите.

Се плашам од вакви идеи и сметам дека е сериозен општествен проблем доколку такви идеи станат доминантен дел од „општественото размислување“.

Што се однесува до потребата од наталитет, мислам дека човештвото и онака е прекубројно и лошо делува по екосистемот. Оние жени кои се загрижени за намалениот наталитет можат слободно да се потрудат да родат 10 деца наместо да ги тераат другите тоа да го прават, а мажите истомисленици можат да побараат начин како и тие да почнат да раѓаат.

Сенки

За разлика од „Превртено“, „Сенки“ ми се допадна. Откако го изгледав филмот нешто не ми даваше да кажам дека филмот ми се допаѓа. Уште на излезот од киното знаев дека глумата на двата главни актери (пред се Лазар) е слаба, за разлика од интерпретацијата на сите останати. Можеби се работи само за вкус па други нема да се согласат со мене околу тоа, но јас видов дури и технички пропусти (гледање во камера; предвремена реакција) што не знам како му одминале на Милчо. Но и покрај ова, после неколку дена размислување се определив да им раскажувам на луѓето дека филмот е добар… можеби не најдоброто што Манчевски го снимил… ниту дека е маестрален… но филмот е навистина добар. Зошто?

Приказната е повеќе од „прогонот“ што неколку мртовци му го прават на Лазар со цел да им ги закопа коските. Ова е пак, на некој начин, транзициска приказна (а можеби јас сум трениран да ги наоѓам таму и каде што ги нема) … разбуричкани приказни од минатото кои се бреме на новата генерација и од чие „разбуричкување“ носителите на транзицијата профитирале. Се додека е откопано, минатото стои помеѓу тебе и сонцето па ти го гледаш како сенка. :-) (се извинувам за патосов) Интересно е што Милчо нема негативен однос кон минатото, затоа нема сеништа туку сенки, но сепак прикажува дека е подобро ако е закопано, со што се согласувам.

Тоа што гледам дека се провлекува низ разговорите околу „Сенки“ е темата за сексот и смртта како табу, која пак била носечка идеја на филмот. Можеби е тоа така, но на различни места гледам поврзувања помеѓу приказната за смртта и сексот и приказната за транзицијата. Во филмот авторот не постеќа на заборавени, умрени места и активности, кои не се сеќавам дека сме ги доживеале како умирање.

Веќе слушнав за дискусии предизвикани од шокот (и негодување) кој некои го доживеале гледајќи толку секс во филм од Македонија. Ова, фактички и не е толку точно - сексот редовно бил пропратна карактеристика на кинематографиите од овие простори, но дефинитивно „Сенки“ тоа го прави на поинаков начин и директно се занимава со темата. Се согласувам со Милчо дека сексот и смртта се табу во Македонија, за нив се зборува на многу чуден начин а „Сенки“ ќе има улога во демистификација на тие сфери од животот. Така, од повеќето спорадични приказни поврзани со темите на „Сенки“ морам да ја споменам љубовната приказна помеѓу Лазар и Менка - отелотворување на идејата за мортификација на предметот на желбата, па кога ја препознав, како Жижекијанец многу се возбудив. ;-) Што би рекол Славој - Само мртва жена е добра жена. ;-)

Филмот е многу прецизен. Не постои кадар кој е залудно употребен, ниту пак кадар кој не е приказна сама по себе. Симболи, предмети, клучеви за големата сложувалка можете да видите насекаде низ филмот. Тоа што мене ми е интригантно се референците кон самиот Милчо, кон самиот филм, но и кон урбаниот живот во Скопје, тоа што било и тоа што е сега. Сето ова има врска со основните идеи на приказната.

За крај: доколку можеш филмот да го раскажеш за Movie a minute, па и со неколку реченици изгледа интересно, тогаш веројатно е дека филмот е добар и треба да се гледа. Мислам дека „Сенки“ спаѓа во таков тип на филмови.

13-те минути на Миленко

Велат дека секој има свои 15 минути… епа Миленко има 13…

Пред некоја вечер, не можев да заспијам, па го уклучив телевизорот. Кратко сурфав по програмите и застанав на Канал 5 каде Миленко Неделковски си води своја вечерна контактна програма. Веројатно некоја глупа смс порака ме запре на оваа програма, што ми е честа навика, веројатно од внатрешната потреба кон антрополошки песимизам…

Класична приказна… излегле луѓе да зборуваат за секс, водење љубов и вештини на љубењето, а нашиот народ се сјатил со пораки за тоа со колку машки е способна гостинката да се справи, чудните чорапи на гостинот и веќе секојдневните моралистички закани кон блудните грешници. Што се случува? Миленко Неделковски ги поканил Комаја, да зборуваат за нивната заедница и ставови кон љубовта. Супер! Тоа е за поздравување. Уште повеќе што Комаја се во поход кон лобирање за воведување на сексуално образование во училиштата - нешто што дефинитивно ни треба. Браво за Миленко што ја отворил темата на оваа телевизија, па макар и со тоа што ги повикал Комаја. Но….

Кутриот водител испадна, по мене, лош домаќин. И неговите ставови не беа многу поразлични од простите ставови на публиката, уште помалку што постојано им се потсмеваше и се обидуваше да изнуди слика на Комаја како за некое оргијашко друштво. Но најголемиот пораз Миленко го доживеа токму кога се обидуваше да го потврди балканското мачо фијаско како успешна приказна. Гостинката од Комаја цитираше истражување на Дурекс кое утврдило дека просечното времетраење на сексот кај Францизите е скоро двапати пократко од она во Македонија (13 минути). Миленко почна да се пува, но брзо слушна дека Комаја сметаат дека минимумот за здраво водење љубов е 90 минути…

Ова беше тотален пораз за Миленко… нешто што го мачеше до крајот на емисијата а веројатно го мачи сеуште. 90 минути. Тоа е мнооогу долго… Но тоа ме навраќа на друга тема…

Настрана тоа што Комаја се некаков култ. Јас се изнасмеав кога го разгледував сајтот, исто ко што ми е смешно, или нервозно кога читам било каков религиски текст. Но од тоа што површно го гледам и знам, интересни и интригантни прашања секогаш ми произлегуваат кога ги гледам. Веројатно е добро тоа редефинирање на љубовна или интимна заедница. Денешниот материјалистички свет ни ги ослабува вештините на љубењето па нив ги утврдуваме според однапред утврдени правила, стереотипи или фрустрации. Она што веројатно е потребно да направиме е длабоко да размислиме што сакаме.

За крај, имаше еден многу интересен и апсурден смс кој морам да ви го пренесам:

…(кон Комаја) вашата филозофија е погрешна. Уште во Библијата јасно стои дека Бог сака парови, па така му наредил на Ное да собира парови…

видри ли се, што ли се

Ама многу се слатки