Не пиеме крв
Блогерај упорно тврди дека не сум човек, иако капчата ја погодувам… Во неможност да му одговорам на Трибун за неговиот пост против петицијата „Не пиеме нафта“, мојот коментар го ставам како пост:
Ех… до каде може да те одведе денковистичкиот фетиш кон реализмот во политиката…
1. Тоа како ти ја претставуваш поделбата на реалисти и идеалисти е прилично проблематичен пристап и пред се едностран. Фактички, реалистите ја зборуваат приказната на посилниот, кому повеќе му одговараат практичните решенија (општо земено for the sake of argument) а идеалистите ја зборуваат приказната на послабиот чии интереси најчесто не се работите да се решаваат на база на моќ и сила. Дека ваквата поделба е апстрактна укажува фактот дека во ситуација на нарушување на status quo оние кои биле реалисти се повикуваат на правила, правда и вредности - најчестиот арсенал на идеалистите, а не на правилото на сила.
2. Прилично е апсурдно твоето повикување на некои општествени вредности, од каде произлегуваат поголемиот дел од правилата, правата, законите и сфаќањата за тоа што е правда, кога во исто време се ставаш на страна на практичните решенија, интереси, сила и моќ.
3. Застрашувачки е како ја резонираш опозицијата на status quo-то во нашето општество, посебно имајќи предвид дека си, на некој начин, политичар.
Прво, споредбата на идејата за повлекување на војниците од Ирак или отшрафување на Крстот со нацистичкото узурпирање на демократијата - теоретски е неодржливо. Развојот на демократијата во Македонија ќе има своја историска правилност и белези на приказните и искуствата на другите општества од минатото, но во свој контекст и неизолиран од средината. Ако е така како што ти тврдиш, тогаш немаме што да бараме во НАТО или ЕУ, бидејќи допрва не очекуваат диктаторите. Дополнително: Ваквото етикетирање на опозицијата на некоја идеја како узурпација на демократската или слободарска стабилизација на општеството е авторитарен став сам по себе. Повикувањето на воздржување од опозиција се додека не дојдат подобри времиња е реторика која често се среќава во налети на авторитаризам и тоталитаризам, а без да можам да референцирам, сигурен сум дека сум го слушнал Кастро како зборува на тој начин (во филмот на Оливер Стоун).
Второ, неумесно е идеи за мир или верска толеранција (или индиференција) да се споредуваат со нивната директна спротивност отелотворена во нацистите. Можеш да тврдиш дека идеите се глупави, но евидентно е дека носителите на иницијативите немаат узурпаторски позиции кон слободата и демократијата во Македонија.
А ако ирачка крв е условот за да во Македонија имаме слобода и демократија, тогаш веројатно нешто не е во ред со нашето општество. Ако мирот и стабилноста во нашата земја се купуваат толку далеку - на друг континент - тогаш имаме навистина голем проблем. Зошто на таков начин не го поставиш проблемот со безбедноста?
Comments(0)


