Герилците

Пред некој ден ја наслушнав оценката на портпаролот Ивица Боцевски за прославата во Пелинце. Тој ја оцени прославата како герилска. Симптоматично… но тој со ова се обиде да и додели пејоративно значење. Ова пластично покажува колку естаблишментот се има оддалечено од историскиот контекст на револуционерните или востанички движења од Македонија.

Пелинце ја симболизира токму герилската војна која партизаните ја имаат водено против Оската. Во моментите кога нацистичките сили изгледале непобедливи, партизаните низ целата територија на тогашна Југославија (во рамките на тоа и во Македонија) одлучиле да се конфронтираат. Храброста која денешните генерации ја немаат, минатите генерации ја имале.

Не се обидувам да ја оправдам прославата во Пелинце. Тоа што е поентата тука е што некој се обидува со терминот „герила“ определен феномен негативно да го етикетира. Со ова ја покажуваме нашата непочит кон повеќето револуционерни движења во Македонија, кои биле пред се герилски. А тука се двете најзначајни - комитите од Македонската Револуционерна Организација на почетокот на 20ти век и партизаните од Народно-ослободителната Војна.

Оние кои денес ја водат политиката во Македонија немаат скоро ништо заедничко со борците за слобода од минатото. Тоа што е заедничко се придобивките од минатите борби со кои што денес се китат политичарите а не сакаат во целост да го прифатат начинот, условите и идеите за кои се бореле минатите генерации.