Archives for posts with tag: freedom

[лично]

„Христос е љубов, радост и мир“ – ако тоа е така, тогаш тоа не го мислат македонските христијани, барем не оние „побожните“ кои се собраа на плоштадот и со насилство се пресметаа со оние кои беа против изградбата на црквата на плоштадот.

„Господ ќе го уништи вашиот собир, затоа што тој е на наша страна“ (парафраза)

Ако тоа е така, тогаш не видов ангели кои ги растеруваат луѓето што не се согласуваат со вас. Напротив, видов дизелаши кои беа спремни, на една sms порака или повик, да улетаат и до крај го уништат собирот на оние кои се противат на градењето на црквата. Јас лично гледав како луѓето кои се собраа во протест против изградбата на црквата на плоштадот, откако растурени со насилство и повлечени на тревникот карши МЕПСО, беа опколени со добро позиционирани „набљудувачи“ со јакните увлечени во панталони.

Христијани фундаменталисти

[/лично]

Не навлегувам кој го организирал протестот. Очигледно е дека различни типови на луѓе се здружија да протестираат против архитектонското кич нарушување на градот мотивиран од повеќе идеолошки точки. Едно е јасно, во отсуство на современи идеи за уредување на центарот на градот (па и градот воопшто), централните и локалните власти посегаат по тоа што тие го знаат – стереотипи за „големи зданија“.

Во отсуство на една систематизирана историографија за поновото време и тотална неписменост за тоа што се случувало помеѓу историските приказни по учебниците кои завршуваат во 1945 и денешницата, идеите можат да се развијат само до ниво на големите приказни од почетокот на 20тиот век а тоа се: „народниот херој“, „ослободителната борба“ и „народното остварување и зачувување“. Затоа е и целата приказна со „хунзи“, „генетика“, „Александар Велики“, „предавници“ и сл. Во отсуство на идеи за сегашноста, тука некаде логична е и идеата за „црква на плоштад“. Да биде сето тоа иронично, целиот тој историски фетиш како да потекнува во голема мерка и од несвесноста за „сегашната историја“ – тоа што во овие времиња се случува. Тие и не се свесни дека некој нешто работел тука во изминативе повеќе од 50 години. Историјата како да им завршува со партизаните.

И сега мотивот кој е? Да се изгради ново Скопје по стар урнек? Каква е таа кич митологија?

Многу луѓе се песимисти после она што се случи денеска. Глупаво би било јас сега тука да се радувам, но тоа што можам да кажам е дека оние кои се обидоа, и успеаја да го уништат протестот денеска, фактички го направија протестот повеќе од тоа што можеше да биде само како мирен протест. Да беше ова само мирен протест, задутре сите оние, кои не беа посебно мотивирани да се противат на изградбата на црквата на плоштадот, ќе заборавеа дека таков протест воопшто се случил.

Но вака, се галванизира јавното мислење, се мобилизираат активисти и утре организациите стануваат посилни. Ако не оваа, посилна ќе биде некоја друга организација. Утре, знаејќи дека полицијата неможе да ги заштити, тие ќе научат како самите да се заштитат. Сега ќе се зборува за овој протест подолго време а за некои ќе остане ако историски датум без разлика дали е „почеток на крајот“ или „крај на почетокот“ на македонската демократија.

Ако некој мисли дека може на долг рок да го спречи слободното мислење – тој се лаже. Тоа е авторитарната замка која никако авторитарните умови да ја запамтат. Таквата политика не успева. Таквиот притисок ја контекстуализира притиснатата група по определено прашање а механизмот за самоодбрана и сензибилизација за темата само се изострува.

Но да се вратам на неколку конкретни моменти.

1. „Шиптари, шиптари…“ : Ова морам да признаам дека одамна го немав слушнато. Барем не од 2001 година. Е сега… јас не одам по фудбалски натпревари – можеби таму е тоа нормално. Но, откако првпат кога го видов ова, ми падна малку смешно по својата „анахроност“, но подоцна ме загрижи таа анахроност. А кога сум веќе кај навивачките групи, ако убаво ги разгледате видеата, ќе видите дека тоа се такви типови. Така и навиваат – спремно и во формација. А поголемиот дел од тие типови се во секое општество фашистичкиот елемент. Оние кои го следат јавното мислење и проблемите поврзани со „толпа“ веднаш ќе ја воочат директната поврзаност.

2. Наводно ќе бидат казнети оние кои го организирале протестот против градење на црква на плоштадот, а луѓето кои „спонтано“ од други градови и со знамиња се собрале немало да бидат казнети. Јас сум организирал неколку настани од кои неколку и протести и секогаш сум ги најавувал во полиција. Но ова, за жал, ќе биде лоша лекција за понатаму. Наместо да се погледне во содржината, власта имплицитно ќе ги научи групите дека не треба да ги пријавуваат протестите за да можат да се заштитат ако нешто тргне наопаку. Зошто мисли власта дека оние кои се ранливи од посилниот ова нема да го научат?

3. Тоа што го просведочив и тоа што јасно може да се види од снимките е дека полицијата малку се трудеше некого да заштити. Ова е лошо сценарио. Тоа покажува дека власта неможе да одржи ред, ниту да ги заштити граѓаните ако се доведени во опасност слободно да го искажат своето мислење. Дали тоа е намерно или не, неможам да тврдам, но да се овозможи или да не се спречи некаква „параполиција“ да ги средува неистомислениците е крајно опасно.

За крај, дали е ова конечно демократската пролет на Македонија или уште еден чекор кон авторитарно општество. Зависи дали си оптимист или песимист. Мене ми е најкомотно како циник… што би рекол Вуди Ален – за мене чашата е полуполна, ама со отров.

Неодамна, голема фама се крена околу експресно донесените закони за следење на комуникациите, работните односи и лобирањето. Определената доза на негативно прифаќање на законите во потесната јавност, Бранко Црвенковски ја искористи за да не ги потпише указите за стапување на законите во сила, но притоа да ја искористи својата постапка како услов за опозицијата да се врати во Собранието. Што би се рекло, „со една мува две“… a потегот може да се толкува како шлаканица и за едните и за другите – првите поради тоа што наводно не ја следат постапката за носење закони, а вторите бидејќи не им се игра опозиција.

За ова ценкање, Владата и ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат Претседателот Црвенковски за државен удар по институциите на системот. Но колку е оправдана таквата констатација?

Во тој пакет ценкања, стоеше и аболицијата на Заев, која дефинитивно може да се карактеризира како удар по правосудниот систем, иако е во законските овластувања на Претседателот. Сега, ВМРО-ДПМНЕ шутира пенали на празниот гол на СДСМ и постојано пентира и ќе поентира со топката „аболиција за Заев“… без разлика на тоа што самите пристапија кон политичка соработка со Доста Димовска, аболирана од Борис Трајковски поради незаконско прислушкување на политичките противници (исто така сериозен прекршок).

Меѓутоа, пред да се извлече заклучок за непотпишувањето на указите, вреди да се проанализира содржината на законите, како и формалната постапка во која се донесени.

Ниту еден од законите не беше донесен по редовна постапка. Иако во предлозите за итна постапка, предлагачите изнесуваат аргументи во полза на итното донесување на законите, Законодавниот дом треба да биде крајно рестриктивен во дозволувањето определен предлог на закон итно да се гласа. Историјата на Собранието на Република Македонија покажува дека повеќето закони се донесуваат по итна постапка, што покажува на релативно нискиот квалитет на работата на законодавството. Мандатот кој граѓаните го пренесуваат на Собранието не е само мандат за гласање, туку „работа во име на граѓаните“. Во стандардната либерално-демократска логика, врз база на која Република Македонија како држава теоретски се гради, тоа значи дека во текот на својата работа, Законодавниот дом треба да ги разгледува законите, да ги дискутира и да се консултира со заинтересираните страни. Оттаму, работата на Собранието е поделена во „специјализирани“ комисии, каде се дискутираат предлозите на закони, пратениците ги слушаат мислењата на стручњаците но и на заинтересираните страни. Паралелно со тоа, се одвива јавна дебата, надвор од институциите. Самиот акт на гласање е краток процес, па не знам дали граѓаните би ги плаќале пратениците само да креваат (или не) рака. Тие таму работат, тоа им е работното место од 8 до 16ч (некогаш и повеќе). Долгиот процес на носење на закони дозволува да се филтрираат про и контра аргументи со кои пратениците се служат за да го изградат својот став. Самите пратеници неможат да бидат, ако воопшто се, стручњаци за се, па оттука ваквата долга постапка обезбедува можност дека барем можеле да се слушнат сите аргументи (или повеќето).

Итното носење на законите само ја покажува подреденоста на Законодавниот дом во однос на Извршната власт (во овој случај Владата). Тоа, за волја на вистината е светски проблем а не карактеристика на овдешната политичка состојба. Но истовремено, случајов јасно покажува дека аргументот на Никола Груевски за предвремени избори поради посилен Парламент е само реторика и желба за контрола на повеќе седишта во Собранието и ништо повеќе.

Содржината на изгласаните закони е уште поалармантна…

Законот за следење на комуникациите без никаква дебата во Собранието (и јавноста) ја проширува листата на дела поради кои може да се дозволи мерка следење на комуникациите. Ова наиде на негодување кај експертите. За мене најпроблематичен дел е можноста истражниот судија и обвинителот усмено да се договараат за следење на комуникациите не подолго од 24 часа. Со оглед на лошата историја на спроведување на правото на приватност на комуникацијата, ваквите законски решенија оправдано се дочекуваат на нож. Не знам што не им е јасно на политичарите, но граѓаните паметат афери поврзани со ова, генерално се исплашени и параноични. Ако на ова го придодадете фактот дека во Македонија Интернет провајдерите имаат обврска да чуваат логови за сурфање неоправдано долго (драстично подолго од европските препораки), заклучокот се наметнува сам по себе.

Итната измена на законот за работни односи можеби не требаше да изненади, но дефинитино не можам да ја оправдам. Во Македонија константно се руши социјалната држава уште од 1991. Овие измени на законот за работни односи се дел од тоа. Ќе видиме што ќе се случи, но фактот дека законот е изгласан по итна постапка покажува дека Владата проценила дека овие решенија нема да бидат поддржани од работниците. А зошто да бидат? Граѓаните досега изгубија бесплатно високо образование, функционално здравство, чувство на сигурност, сега и работничките права им ги крати наводно неконтаминираната нетранзициска Влада која ги убедува дека се бори против нивните експлоататори – македонските олигарси.

Проблемот во овие измени на законот е враќањето наназад. Веќе стекнатите права тешко се враќаат назад. Тие се резултат на долгогодишните борби на работничкото движење низ целиот свет.

Од измените на самиот текст, не успеав да увидам како законот е во полза на работниците. Пример: Доколку досега работодавачите незаконски ги принудувале да не го користат одморот, сега тоа е дозволено, а отштета за некористење на одморот немора да биде повисока од платата што и онака (незаконски принуден) би ја добил.

И повторно – тука немаше јавна дебата, ниту пак при носење на законот се консултирани било какви работнички здруженија – како синдикати и сл.

Јас би предложил закон (по итна постапка) за работодавачи, каде спектакуларно, со цевка на слепоочница ќе биде апсен секој генерален директор кој ќе го прекрши законот за работни односи.

За мене, теоретски најинтересен предлог на закон е „законот за лобирање“. Оваа тема ја следам веќе некое време, бидејќи е актуелна тема во САД, каде Лоренс Лесиг, професор по право на Стенфорд и поранешен главен човек на Криејтив Комонс, иницираше ново движење за промена на Конгресот, во голема мерка базирано на промена на начинот на кој се лобира. Истовремено, демократскиот кандидат Барак Обама начелно се спротивставува на т.н. „лобисти“ кои ја креираат американската политика. Значи, „проблемот на лобирање“ е актуелна дебата… но… како тоа бива во Македонија, очигледно е дека некој или е неинформиран или има лоша намера.

Каде е проблемот?

Лобирањето е срцето на политичкиот процес. На терен, политика е тоа што се случува надвор од самиот чин на гласање: убедување, влечење за ракав, потплатување. Сето тоа е во некоја форма лобирање. Може да мислите дека тоа е погрешно но политиката е таква. Оние кои одлучуваат не знаат се, а лобирањето е начинот како оние кои имаат (или немаат) интерес од некоја политика ги пласираат идеите кај оние кои одлучуваат.

Голем дел од проблемите со лобирањето се регулираат со антикорупциско законодавство и земањето предвид на конфликтот на интереси. Тоа што добар закон за лобирање треба да регулира е затворање на сите дупки кои другите закони ги имаат, како на пример – забрана за големи донации, подароци и сл. заобиколувања на антикорупциското законодавство. Така, сите лобисти се на иста позиција, државниот претставник нема интерес да слуша некого повеќе од друг, па формално неговата одговорна работа пред граѓаните е загарантирана. Токму тоа се препораките на професорот Лесиг: уредување на тоа како државните институции ќе се однесуваат кон лобирањето, а не самото лобирање.

Но овој законски предлог има во себе поинакви механизми. Почетната проблематична точка е дефинирањето на тоа што не е лобирање (таков начин на дефинирање на законска проблематика генерално е полош пристап). Според таквата дефиниција, многу мал дел од комуникацијата на интересните групи (застапени или не од лобисти) не се смета за лобирање, оставајќи голем дел под капата на лобирањето. Според законскиот предлог, освен кога интересната група (еве да речеме некоја невладина организација) не е повикана од државните институции, за било каква друга комуникација, таа мора да биде застапувана од регистриран лобист. Тоа, ги спречува актерите на цивилното општество, да комуницираат лесно со државните или локални институции во предочувањето на било какви аргументи за определена идна или сегашна политика. Таквото законско решение е отворен напад врз цивилното општество, каде се сконцентрирани најголемиот дел од интересните групи. Не се грижете за компаниите и религиозните групи – тие секогаш ќе најдат пари за да ангажираат лобист. Дополнително, определувањето на тоа што не е лобирање, како начин на регулирање на лобирањето, остава одрврзани раце на власта широко да толкува што е лобирање. Така, доколку некоја невладина организација излезе на телевизија да зборува за, на пример, топилницата во Велес и загадувањето, државните институции можат тоа да го обележат како лобирање и да бараат лиценца за лобирање за да може да се изнесуваат аргументи во јавноста. Тоа, реално е зафатено во овој предлог на закон бидејќи покрај опцијата да се дефинира „што не е лобирање“, во самиот предлог се третира и настапот на лобисти во медиумите (т.е дозвола тоа да го прават), што уште повеќе упатува на можноста власта да го ограничува изнесувањето на аргументи во јавноста од нелиценцирани „лобисти“. Правно гледано, овој закон е многу лошо напишан и остава простор за сериозна манипулација. Практично, овој закон се обидува да ја уредува политиката, т.е начинот на кој таа се одвива – што е од една страна невозможно, а од друга страна – не-либерално, комуњарски или како веќе власта неќе да биде нарекувана.

Останува да се види, што би рекол еден истакнат активист, дали сиве овие, скоро 15 години, интензивно трошење пари од невладините организации за градење на капацитетите на цивилното општество, ќе се исплатат, т.е дали невладините организации, негувани да креираат силно цивилно општество, ќе бидат способни да се одбранат од овој државен удар по нивното право да учествуваат во политичкиот процес.

Сумирано, ова што се случува денес, со т.н. „вето“ на законите, кое го постави Бранко Црвенковски може да се третира како македонскиот систем за „проверка и баланс“ со кој властите ја контролираат меѓусебната работа. Секако, дамка претставува аболицијата на Зоран Заев, но „ветото“ на Претседателот на законите е пречка на државните удари кои Собранието ги задава на општеството, непочитувајќи ја системската поставеност на процесот на донесување на закони, со долг процес и дебата. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да го објасни на граѓаните е зошто отсуствува моментот на јавноста во работата при креирање и донесување на законските решенија. Собранието не треба да е гласачка машина – нема мандат да биде само тоа.

п.с. Текстовите на предлозите можете да ги најдете на сајтот на Собрание на Р.М. www.sobranie.mk

Од целата дискусија околу абортусот, највеќе ме нервира аргументот дека жените треба да раѓаат за да го подобрат наталитетот.

Јасно ми е дека верските зилоти постојано ќе мрчат против абортусот како грев.

Јасно ми е дека нема да можам да им понудам добра аргументација на некои хуманисти кои го гледаат абортусот надвор од општествениот контекст, туку само како акт на уништување на живот. Но не секој би можел во ова општество во кое живееме да му обезбеди на своето идно дете пристоен живот (животот станува се поскап) а ниту институциите на општествена нега не се на минимум потребното ниво за да добро ги негуваат децата без родители. Затоа е потребно правото на избор да биде загарантирано затоа што не смее жената да биде принудена да биде родител тогаш кога не може или тогаш кога не сака. Таквата принуда најчесто најлошо ќе испадне по детето. Но, тука секогаш треба да се додаде и дека абортусот не е најдобриот метод на контрацепција и никогаш не треба да биде примарен.

А за да не дојде до несакана бременост, многу е поважно во училиштата да се има сексуално образование наместо парите да се трошат на учење за верата. Таму, жените ќе бидат ставени во уште полоша ситуација. И понатаму извор на знаењето за сексуалниот живот ќе биде непосредното искуство, наместо да се вклучи социјална и медицинска компонента, а дополнително веронауката ќе ги „учи“ младите девојки за нивното место во светот, каде меѓу малкуте улоги на жената е и нивната „приплодна функција“. Можам да си замислам во каква позиција ќе бидат девојките, наполнети со идеи за гревот а во ситуација кога не ја посакувале својата бременост.

Но да се вратам на родилките и националниот наталитет… ова секогаш ме вади од такт. Тука се сумирани сите шовинистички идеи за машката доминација и „вистинското“ место на жените како мајки родилки на нацијата, чија функција не излегува подалеку од прагот на семејната куќа.

„Како да не ни умира нацијата ако жените не сакаат да раѓаат?“

Тоа е истиот ментален склоп од каде потекнува идејата дека најголемата победа во една војна е силувањето и затруднувањето на жените на непријателот – потсвесната идеја дека така најдлабоко се уништува националниот капацитет на спротивставената страна. Оваа идеја девастираше илјадници човечки животи во многу војни, а најблиску ни се граѓанските војни од Балканот во 90тите.

Се плашам од вакви идеи и сметам дека е сериозен општествен проблем доколку такви идеи станат доминантен дел од „општественото размислување“.

Што се однесува до потребата од наталитет, мислам дека човештвото и онака е прекубројно и лошо делува по екосистемот. Оние жени кои се загрижени за намалениот наталитет можат слободно да се потрудат да родат 10 деца наместо да ги тераат другите тоа да го прават, а мажите истомисленици можат да побараат начин како и тие да почнат да раѓаат.

Освен што почнуваат на иста буква, се чини дека фелациото и феминизмот немаат ништо заедничко. Така барем испаднало на дебатата на последниот Берлински порно филмски фестивал, каде учествувале неколку женски порно автори а темата била феминизмот и порнографијата. Меѓу нив била и Ерика Ласт која напиша подолг текст како одговор на обвинувањата дека оние кои снимаат фелацио не се феминистки. Сетоа ова се претвори во дебата околу порното и феминизмот, која мене ми е секогаш интересна…

Но одлучив јас ништо да не напишам на темата, туку да го поставам прешањето и да ги поканам сите оние што ќе налетаат на овој пост да одговорат во коментари или со свои постови (не заборавајте да го вклучите пермалинкот до оваа страна за да полесно се следи дебатата). Па што мислите: Дали фелациото може да биде феминистичко? Или поедноставено: Дали си феминистка ако изведуваш фелацио?

Доколку сакате да бидете анонимни, во полето за e-mail адреса пополнете anonymous @ k i b e r k o t l e . n e t