Archives for posts with tag: freedom

На 28.03.2009, група студенти од Архитектонски факултет, придружувани од заинтересирани граѓани и здруженија, организираа протест против градење на црква на градскиот плоштад. Во тој обид беа спречени од лута толпа „верници“, навивачи и националисти. Јас би ја додал и полицијата, која не правејќи ништо, практично го креираше инцидентот. Но, да не се повторувам, еве што напишав тогаш.

план за црквата

Што се случува година дена подоцна?

Тотално арбитрарно одбирам да одделам два значајни феномени кои на некој начин се поврзани со инцидентот.

Првиот е очигледно проектот „Скопје 2014“ или маркетиншки поубаво формулиран како „визија за градот“. За оваа тема има многу што да се каже, но јас ќе оставам ова да го разработам во некоја блиска иднина. Во меѓувреме се обидував да убедам неколку мои пријатели за политичкиот контекст на идејата за урбаниот простор и изгледот на тој простор. Најчесто попусто, бидејќи за нив визијата беше или симпатична, или прашање чисто на вкус а не на политика (ако нема политика и во вкусот). Нормално, тие рекоа дека не би ги уредиле своите куќи и станови со римски столбови. Меѓутоа, да не застранувам од темата, приказната за „Скопје 2014“ не е за тоа дали некому му се свиѓаат колонади, жардињери и што ли друго.

централниот дел на плоштадот

Вториот феномен се „валканите 50мина“, или што би рекол „Вечер“, оние кои протестираат за се и сешто. Дел од нив, заедно со уште некои, беа луѓето кои се појавија да протестираат на 28.03.2009. Откако се случи тоа што се случи, центрипеталните сили почнаа да работат. Така, во саботите изникнаа „Распеани Скопјани“ (кои требаше на Евровизија да ги пратиме), „Плоштад слобода“ кои го проширија својот хоризонт воопшто на култура и политика. Да не ги заборавам и „Архи бригада“ кои се посебно релевантни како коментар за „Скопје 2014“.

транспарент

За крај, денес повторно има собир на плоштадот, како знак на сеќавање за инцидентот минатата година. Меѓутоа, ако минатата година „крстоносците“ беа барикада, оваа година плоштадот е заграден бидејќи на него веќе почна да се гради.

знак

гроб или паметник за изборување слобода?

Стојан напиша интересен поглед на проблемот со поимање и пракса на традицијата во новото доба. Тргнав да пишувам коментар, ама го претворив во пост:

„Традиционалните вредности“ сите ние ги учиме во процесот на нашата социјализација во општеството. Дел од тие вредности, како такви, ние ги контекстуализираме во совремието и ги применуваме.

Обидот за „навраќање кон традиционалните вредности“, во таа смисла тогаш не е обид за промоција на истите, туку за промена на начинот на кој тие се манифестираат во секојдневниот живот.

Пример : семејните вредности > поимањето на тоа што треба да прави семејството, идејата за блиско семејство кое те поддржува и помага не се променило.

Тоа што се променило (од времето кога денешните промотори ја лоцираат традицијата (пред 1945-та, што е дополнително проблематично) се (1) производствените сили; и (2) улогата на жената во општеството. Нормално, ова се само дел од промените, но јас ќе се задржам на овие.

Индустријализацијата на селото, кое е едно од главните изворишта на ресурси во земјоделските земји, како Македонија до 1945, ја намалува потребата од големи семејства. Дотогаш, бројните семејства значење компаративна предност при обработка на нивите и чувањето на стоката. Тоа значело дека домаќинството (во стопанска смисла) можело да расте. Затоа, многудетните семејства природно се развиле како некаков доминантен животен стил на село. Но со механизацијата, таа потреба се изгубила. Индустријализацијата воопшто, во голема мера го променува обликот на семејството.

Истовремено, промената на класичното селско патријархално семејство, довело до промена на улогата на жената. Промените од 1945 довеле до проширување на улогата на жената, која претходно можела да биде само домаќинка. Pater familias веќе не бил единствениот кој го обезбедувал семејството (формално – целата дебата за реалната улога на жените во македонското општество ќе ја оставам за друг пат). Таквото отворање на општеството за жените значело проширување на дејностите со кои тие се занимавале, па така дошло до намалување на обемот на работа дома, највеќе во бројот на деца кои треба да се одгледаат. Тоа, повторно го сменило обликот на семејство.

Значи промените кои се промовираат, идат спротивно на некоја природна еволуција на семејството предизвикана од општествените и технолошки промени. Прашањето кое треба да се постави е дали промените се туркаат поради верски уверувања (пр. Господ сакал луѓето да се размножуваат) или од некаква мачо потреба жените да се сместат повторно дома. Јас мислам дека овие два мотива не се взаемно исклучиви.

Можете да го гледате или како гроб или како споменик… но ако имате време и волја, поминете и оставете цвеќе.

(придружено до: Слобода!)

Денеска Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ не успеа да донесе заклучок со кој ќе се осуди насилството врз студентите на 28.03.2009 на Плоштадот во Скопје. Во суштина, без таква одлука, фактички Сенатот донесе одлука со која „не се осудува насилството“.

Зошто ова го тврдам?

Фактите кои се утврдени се дека:

1. Постои студентска иницијатива која одлучила да протестира. Таа иницијатива немора да е дел од формалното здружување на студентите.

2. Студентската иницијатива, како таква, е нападната од насилниците на плоштадот. Ова е клучниот аргумент зошто мора Универзитетот да се произнесе. Фактот дека повеќе не-студенти се приклучиле кон протестот е ирелевантен по ова прашање.

3. Прашањето кое се постави на Сенатот не е поврзано со содржината на протестот, или намерите на протестот, туку со актот на насилство врз студенти за време на нивен мирен протест во кој тие го искажуваат мислењето.

Значи, во услови на овие три параметри, Универзитетот не бил ставен во ситуација да одлучува за сопствената партиска припадност, туку во најмала рака да одлучи како ќе се постави по прашање кога припадници на академската заедница, како такви, се нападнати во обидот да го искажат своето мислење и правото на протест. Зборувам во најмала рака, бидејќи сметам дека Универзитетот, во поширока смисла на зборот, треба да има улога на некаков коментатор на секојдневието и тогаш кога академската заедница не е директно засегната.

Студентските застапници, вообичаено си молчат, односно зборуваат нешто што јас не го разбирам.