Најголемото богатство досега

Денес, во мојот автомобил со Дамјан пренесувавме софтвер во вредност од најмалку 2.500.000$. За што се работи?

Инет АД донираше 5000 Fedora Linux дискови на „Слободен софтвер Македонија“. Ако се земе предвид дека Windows XP чини 100$ а Microsoft Office 400$ тогаш, може да се претпостави дека цената на еден диск кој содржи оперативен систем и канцелариски пакет би чинел 500$. Бидејќи Fedora Linux содржи GNU/Linux оперативен систем, а истовремено содржи и OpenOffice.org пакет за канцелариска продуктивност, тогаш можеме да претпоставиме дека доколку вредноста на XP+MsOffice е навистина 500$, тогаш вредноста на Fedora Linux е најмалку исто толку, иако Fedora-та содржи многу повеќе од тоа.

Нормално, нашата намера не е да продаваме, туку да ги искористиме за да промовираме слободен софтвер преку донирање на овие дискови на различни организации и индивидуи. Како и да е, еве некоја перспектива колку 2.500.000$ изнесуваат. Со таа цифра може да се купи:

    1. 23.363 Linksys WRT54GL безжични рутери со линукс
    2. 68 Opel Vivaro комби возила за гикови
    3. 1827 Lenovo X61s лаптопи за хакерот во сите нас
    4. 6250 Asus EEEPC компактни 7 инчни лаптопи за да ви обрнуваат внимание на не-гиковски места
    5. 250.000 8-битни кравати за да ја ширите гиковштината и во јапи светот
    6. 14.705 бинарни рачни часовници за да само вие знаете колку е часот.

Нормално - вредноста од 500$ е претпоставена вредност. Ова е само интересен пример и весела математика за тоа колку навистина може да се заштеди само ако не се набават Мајкрософт производите. Дури и понатаму, користејќи слободен софтвер заштедувате на многу скриени трошоци кои ги носат неслободните софтверски пакети.

Општествените користи се уште поголеми, можејќи за релативно малку пари да донирате толку многу софтвер, кој е квалитетен, лесно се шири понатаму и никој не е крив ако го ископира или позајми дивидито за да му помогне на својот пријател.

Денот на слободен софтвер…

… или како научив да ја посакувам смртта на козата на комшијата…

Утре, на 15ти септември е „Ден на слободен софтвер“, па затоа, 2с.мк ќе организира настани во текот на целиот ден за да ја одбележи пригодата. За таа цел, ќе се делат дискови со слободен софтвер а заедницата на корисници се стави на располагање и ќе им овозможи на посетителите краток вовед во интересната страна од живеењето со слободниот софтвер.

Значи, во текот на денот, 2с.мк ќе го презентира слободниот софтвер од 11 до 18 часот во Магор и културниот центар Точка. Навечер, 20ч во Мала Станица ќе се проектира Good Copy Bad Copy - интересен филм за копирањето и табуата околу тоа. Можете да видите повеќе за тоа тука.

П.С Баш ми е жал што луѓето во Метаморфозис, во својата мисија да го промовираат слободниот софтвер или интернет животот во Македонија, не го следат Кајмак.от и блогосферата која пишува за технологијата и слободниот софтвер, за да знаат дека и во Македонија ќе има настани посветени на „Денот на слободниот софтвер“.

Чекор понатаму

Денес беше последниот ден на мојот ангажман во Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје.

Последниве неколку години… чинам од 2004-та бев дел од тимот за истражувања на ИДСЦС кој највеќе се занимаваше со истражувања на политичкото јавно мнение. Во целото тоа време се здобив со знаења и вештини за истражувања а имав увид во најразлични трендови и промени во јавното мнение предизвикани од најразлични настани.

Но, во меѓувреме ја увидов потребата повеќе да се ангажирам за промоција на слободниот софтвер и култура а паралелно, во последнава година се кристализираше моето гиковство па сфатив дека таму повеќе припаѓам.

Затоа, мојот следен ангажман ќе биде во „Слободен софтвер Македонија“ каде ќе се обидам да допринесам во понатамошно јакнење на организацијата и нејзините активности. Се надевам дека ќе ја докажам довербата која ми беше укажана пред нешто помалку од месец дена кога бев примен како член на организацијата.

Ubuntu чучи во владиното кафе

Пред неколку дена, Владата на Република Македонија го отвори првото државно интернет кафе, каде младите и пензионерите ќе можат бесплатно да сурфаат по Интернет.

Случајно, додека читав на Вест за сторијата, ја забележав Gnome десктоп околината на екранот на компјутерот, а по кратка консултација, моите сомнежи беа потврдени - Убунту чучи на компјутерите. Еве и слика…

ѕирни го убунтуто

Убаво што во Владата сфатиле дека информатичкиот развој оди рака под рака со слободниот софтвер.

GNU GPL e kPL или kPL?

Каде k во првиот случај е капиталистичка а во вториот комунистичка…

Прашањето е: дали GNU GPL лиценцата и дел од Криејтив комонс лиценците се анти-капиталистички?

Овој муабет периодично јас и Дамјан го водиме веќе неколку години… ова е последниот апдејт:

[14:53:43] <Дамјан> ако си анти-капиталист користи NC :)

[14:54:38] не е баш тоа така
[14:54:53] имаше на неттајм една таква дискусија
[14:55:10] јас би рекол дека SA e повеќе антикапиталистичка
Read more »

Next Page »