Сексот, Градот и Големото разочарување

Го изгледав, не толку краткиот филм „Сексот и градот“ и можам да кажам дека е едно големо разочарување.

Не очекував дека филмот ќе биде нешто феноменално - но очекував добра забава, бидејќи сум фан на серијата. Површната замерка е дека филмот е практично неколку епизоди залапени - а не вистински филм. Истовремено - динамиката на филмот ми е некако тапа. Но мене ми пречи една многу побитна работа. Филмот е практично 2 часа и 20 минути една голема реклама и ништо повеќе.

Постер за филмот Сексот и Градот

Брендовите, модата и гламурот секогаш биле дел од серијата, но како што излезе, испаднаа попатни места на приказната… нешто што со секоја сезона стануваше се поретко. Во филмот се случува токму обратното, приказната е толку споредна во однос на product placement-от, некои делови од филмот се буквално одвоени од линијата на приказната само за да се изрекламираат производи (сцената со венчаниците е пообсцена од генгбенгот на Џасмин Сентклер). Мерцедес, Епл, дизајнери, торби, фустани, чевли - во крупен кадар - фалеше уште и цената да ја кажат.

Скопски филмски фестивал 2.0

Блогот Кинотека, веќе некое време пишува за програмата на Кинотека на Република Македонија, а ја користи таа прилика и да ги дополнува содржините на мк.Википедија со статии за филмовите кои се прикажуваат.

Овој пат, блогот ќе ги покрива „филмовите на денот“ (оној филм на фестивалскиот ден кој од некои причини е „најважен“), за овогодинешниот филмски фестивал. Како дополнување на таа содржина, ќе биде објавен и дневниот распоред. Веќе падна првиот пост, па можете да го видите форматот.

Но тоа што е најбитно е што доколку имате Google Account, можете лесно да си го организирате времето што ќе го посветите на СФФ. Уредувачкиот тим на блогот Кинотека, комплетно ја пренесе програмата на фестивалот во календарот. Немора веќе да се шетате со брошурката и лутате за да видите што сте заокружиле. Вчитајте го календарот следејќи го ова упатство, а после тоа одберете кој филм кога ќе го гледате и како сакате Google да ве извести за настанот. Тој тоа го прави преку е-пошта и смс, што е прилично корисно ако планирате да посетите поголем број на филмови.

прашање: Дали е фелациото компатибилно со феминизмот?

Освен што почнуваат на иста буква, се чини дека фелациото и феминизмот немаат ништо заедничко. Така барем испаднало на дебатата на последниот Берлински порно филмски фестивал, каде учествувале неколку женски порно автори а темата била феминизмот и порнографијата. Меѓу нив била и Ерика Ласт која напиша подолг текст како одговор на обвинувањата дека оние кои снимаат фелацио не се феминистки. Сетоа ова се претвори во дебата околу порното и феминизмот, која мене ми е секогаш интересна…

Но одлучив јас ништо да не напишам на темата, туку да го поставам прешањето и да ги поканам сите оние што ќе налетаат на овој пост да одговорат во коментари или со свои постови (не заборавајте да го вклучите пермалинкот до оваа страна за да полесно се следи дебатата). Па што мислите: Дали фелациото може да биде феминистичко? Или поедноставено: Дали си феминистка ако изведуваш фелацио?

Доколку сакате да бидете анонимни, во полето за e-mail адреса пополнете anonymous @ k i b e r k o t l e . n e t

Сенки

За разлика од „Превртено“, „Сенки“ ми се допадна. Откако го изгледав филмот нешто не ми даваше да кажам дека филмот ми се допаѓа. Уште на излезот од киното знаев дека глумата на двата главни актери (пред се Лазар) е слаба, за разлика од интерпретацијата на сите останати. Можеби се работи само за вкус па други нема да се согласат со мене околу тоа, но јас видов дури и технички пропусти (гледање во камера; предвремена реакција) што не знам како му одминале на Милчо. Но и покрај ова, после неколку дена размислување се определив да им раскажувам на луѓето дека филмот е добар… можеби не најдоброто што Манчевски го снимил… ниту дека е маестрален… но филмот е навистина добар. Зошто?

Приказната е повеќе од „прогонот“ што неколку мртовци му го прават на Лазар со цел да им ги закопа коските. Ова е пак, на некој начин, транзициска приказна (а можеби јас сум трениран да ги наоѓам таму и каде што ги нема) … разбуричкани приказни од минатото кои се бреме на новата генерација и од чие „разбуричкување“ носителите на транзицијата профитирале. Се додека е откопано, минатото стои помеѓу тебе и сонцето па ти го гледаш како сенка. :-) (се извинувам за патосов) Интересно е што Милчо нема негативен однос кон минатото, затоа нема сеништа туку сенки, но сепак прикажува дека е подобро ако е закопано, со што се согласувам.

Тоа што гледам дека се провлекува низ разговорите околу „Сенки“ е темата за сексот и смртта како табу, која пак била носечка идеја на филмот. Можеби е тоа така, но на различни места гледам поврзувања помеѓу приказната за смртта и сексот и приказната за транзицијата. Во филмот авторот не постеќа на заборавени, умрени места и активности, кои не се сеќавам дека сме ги доживеале како умирање.

Веќе слушнав за дискусии предизвикани од шокот (и негодување) кој некои го доживеале гледајќи толку секс во филм од Македонија. Ова, фактички и не е толку точно - сексот редовно бил пропратна карактеристика на кинематографиите од овие простори, но дефинитивно „Сенки“ тоа го прави на поинаков начин и директно се занимава со темата. Се согласувам со Милчо дека сексот и смртта се табу во Македонија, за нив се зборува на многу чуден начин а „Сенки“ ќе има улога во демистификација на тие сфери од животот. Така, од повеќето спорадични приказни поврзани со темите на „Сенки“ морам да ја споменам љубовната приказна помеѓу Лазар и Менка - отелотворување на идејата за мортификација на предметот на желбата, па кога ја препознав, како Жижекијанец многу се возбудив. ;-) Што би рекол Славој - Само мртва жена е добра жена. ;-)

Филмот е многу прецизен. Не постои кадар кој е залудно употребен, ниту пак кадар кој не е приказна сама по себе. Симболи, предмети, клучеви за големата сложувалка можете да видите насекаде низ филмот. Тоа што мене ми е интригантно се референците кон самиот Милчо, кон самиот филм, но и кон урбаниот живот во Скопје, тоа што било и тоа што е сега. Сето ова има врска со основните идеи на приказната.

За крај: доколку можеш филмот да го раскажеш за Movie a minute, па и со неколку реченици изгледа интересно, тогаш веројатно е дека филмот е добар и треба да се гледа. Мислам дека „Сенки“ спаѓа во таков тип на филмови.

Превртено

Уште еден филм од Македонија… кој не ми се допадна.

1. Обид да се раскаже со кадрите повеќе отколку обично регистрирање на актерската игра, но недоволно тоа веднаш да се примети. Треба уште еднаш да го гледам за да заклучам дали режисерот и снимателот успеале.

2. Веќе ми е здосадено да размислувам за скопската актерска школа, но очигледно е дека лошо работи. Или не се знае како да се глуми или се преглумува. Таквата театралност многу лошо изгледа на филм. Тука виновен е и режисерот, затоа што во голема мерка неговата идеја и деталност во замислата на ликот може да одведе и потпросечен актер до добра интерпретација на лик. Од троецот Милан Тоциновски, Сања Трајковиќ и Славиша Кајевски, најдобар ми беше Славиша иако тој подобро изигра во „Караула“. Милан е многу подобар во „Превртено“ отколку во „Како убив светец“, но и тоа не е доволно за да се каже дека неговата игра е на минимум потребно ниво. Од тоа што го гледам веќе во два филма - тој ќе биде актер од типот: цел живот го играм Леоне Глембај, па дури и кога го играм Зоки Поки. За театралноста голема улога игра и слабата телевизиска и филмска продукција, па актерите во нашите филмови играат за последниот ред во салата, наместо за филмската камера. Браво за Гоце Тодоровски кој има најголемо искуство пред камера. Јовица Михајловски ја имаше несреќета да глуми тапа лик.

3. Не би знаел за „Папокот на светот“ но писателите од Македонија не знаат да склопат добра драмска конструкција. Ниту приказната е интересна, ниту ликовите се сами по себе интересни. За да има добра фабула, мора барем еден од двата услова да биде исполнет.

4. Тоа што ми се допадна: малиот трибјут за Скопје и вклучување во актерската листа на некои помалку експонирани ликови од градот. Убаво е кога ги гледаш местата каде се движиш на филм, посебно кога твојата зграда е домот на главниот јунак а ти си пораснал со истиот поглед кон гимназијата „Јосип Броз Тито“, само без висење од тераси.

Се надевам дека следниот филм ќе биде подобар.

Next Page »