Рафали во сечии нозе

И како по обичај, „Вечер“ е добро мерило за тоа како размислуваш. Ако ги користи истите аргументи како тебе, но за да го докаже спротивното - тогаш знаеш дека си на вистинскиот пат.

Случај: спотот „Нема каење после 1 јуни“.

„Вечер“ се вознемирил како тоа гласачкото тело е споредено со „лесна женска“.

Таков секс имаат само луѓе и народи кои се апсолутно неморални или пак биле пијани и несвесни. Фактот што СДСМ гласачкото тело и сопствениот народ го оценил како таков е најголема навреда која било кога и на било кое место гласачите на една држава го доживеале.

Мојот претходен пост се занимаваше, накратко, со спотот. И јас ги искористив тие асоцијации.

Но интересно е како новинарот, фактички ја повторува истата порака од спотот - ја прифаќа конотацијата на „лесна женска“ како проблем во општеството, но за разлика од спотот, не му се допаѓа што таа конотација е асоцирана со гласачкото тело. На новинарот, како да не му пречи токму обратното - тоа што за да се искритикува евентуална погрешна одлука на гласачите, се користат класичните родови стереотипи на „лесна женска“ која после ќе се кае што толку лесно скокнала во кревет.

Но тоа е. Веќе ми сугерираа дека постои можност после 1 јуни да се забрани one night stand. Единствената утеха денес ми е вчерашниот успешен собир на студенти кои, по повод 40 години од протестите во 68 иницираа дебата од која се надевам ќе произлезе движење кое ќе манифестира силна критичка мисла (и акција) во ова општество.

И повторно пукање во своја нога

Веќе фамозниот „женски фустан“ излезе дека се повикува на постоечките мачо стереотипи без притоа да ги менува.

И новата реклама на коалицијата „Сонце“, по мое мислење крие мачо светоглед.

Во деталите се крие ѓаволот, а деталите се: (1) женското е македонија / глупите граѓани а
не машкото; (2) велосипед во спална - влези/излези - радодајка; (3) сето
претходно крунисано со наравоучението „после ебење нема каење“ коешто треба
да го научиме преку примерот на женското - а не машкото.

Знаењето е моќ vs Создај иднина

Владата, помеѓу другите кампањи, ги тера и кампањите за поттикнување на обрзование и кампањата за зголемување на наталитет - претенциозно наречена „Создај иднина“.

Но, во изјава на Владата, тие посочија дека дел од причините за негативниот демографски тренд е „зголеменото учество на жените во образованието“, како и се помалата традиционална улога на жените во семејството.

Како да се реши овој парадокс? Како Владата, во обид да делува холистички, ги помири овие два проблема - да промовира образование кај популацијата чие образование резултира со негативен наталитет?

Котле го има решението : партиципацијата за студирање да биде двапати повисока за жените отколку мажите.

Така Владата помирно ќе спие знаејќи дека „Преродбата 2.0“ е заокружен круг на знаење и вистина.

Мажите се од Марс а жените се родилки?

Од целата дискусија околу абортусот, највеќе ме нервира аргументот дека жените треба да раѓаат за да го подобрат наталитетот.

Јасно ми е дека верските зилоти постојано ќе мрчат против абортусот како грев.

Јасно ми е дека нема да можам да им понудам добра аргументација на некои хуманисти кои го гледаат абортусот надвор од општествениот контекст, туку само како акт на уништување на живот. Но не секој би можел во ова општество во кое живееме да му обезбеди на своето идно дете пристоен живот (животот станува се поскап) а ниту институциите на општествена нега не се на минимум потребното ниво за да добро ги негуваат децата без родители. Затоа е потребно правото на избор да биде загарантирано затоа што не смее жената да биде принудена да биде родител тогаш кога не може или тогаш кога не сака. Таквата принуда најчесто најлошо ќе испадне по детето. Но, тука секогаш треба да се додаде и дека абортусот не е најдобриот метод на контрацепција и никогаш не треба да биде примарен.

А за да не дојде до несакана бременост, многу е поважно во училиштата да се има сексуално образование наместо парите да се трошат на учење за верата. Таму, жените ќе бидат ставени во уште полоша ситуација. И понатаму извор на знаењето за сексуалниот живот ќе биде непосредното искуство, наместо да се вклучи социјална и медицинска компонента, а дополнително веронауката ќе ги „учи“ младите девојки за нивното место во светот, каде меѓу малкуте улоги на жената е и нивната „приплодна функција“. Можам да си замислам во каква позиција ќе бидат девојките, наполнети со идеи за гревот а во ситуација кога не ја посакувале својата бременост.

Но да се вратам на родилките и националниот наталитет… ова секогаш ме вади од такт. Тука се сумирани сите шовинистички идеи за машката доминација и „вистинското“ место на жените како мајки родилки на нацијата, чија функција не излегува подалеку од прагот на семејната куќа.

„Како да не ни умира нацијата ако жените не сакаат да раѓаат?“

Тоа е истиот ментален склоп од каде потекнува идејата дека најголемата победа во една војна е силувањето и затруднувањето на жените на непријателот - потсвесната идеја дека така најдлабоко се уништува националниот капацитет на спротивставената страна. Оваа идеја девастираше илјадници човечки животи во многу војни, а најблиску ни се граѓанските војни од Балканот во 90тите.

Се плашам од вакви идеи и сметам дека е сериозен општествен проблем доколку такви идеи станат доминантен дел од „општественото размислување“.

Што се однесува до потребата од наталитет, мислам дека човештвото и онака е прекубројно и лошо делува по екосистемот. Оние жени кои се загрижени за намалениот наталитет можат слободно да се потрудат да родат 10 деца наместо да ги тераат другите тоа да го прават, а мажите истомисленици можат да побараат начин како и тие да почнат да раѓаат.

прашање: Дали е фелациото компатибилно со феминизмот?

Освен што почнуваат на иста буква, се чини дека фелациото и феминизмот немаат ништо заедничко. Така барем испаднало на дебатата на последниот Берлински порно филмски фестивал, каде учествувале неколку женски порно автори а темата била феминизмот и порнографијата. Меѓу нив била и Ерика Ласт која напиша подолг текст како одговор на обвинувањата дека оние кои снимаат фелацио не се феминистки. Сетоа ова се претвори во дебата околу порното и феминизмот, која мене ми е секогаш интересна…

Но одлучив јас ништо да не напишам на темата, туку да го поставам прешањето и да ги поканам сите оние што ќе налетаат на овој пост да одговорат во коментари или со свои постови (не заборавајте да го вклучите пермалинкот до оваа страна за да полесно се следи дебатата). Па што мислите: Дали фелациото може да биде феминистичко? Или поедноставено: Дали си феминистка ако изведуваш фелацио?

Доколку сакате да бидете анонимни, во полето за e-mail адреса пополнете anonymous @ k i b e r k o t l e . n e t

Next Page »