Отидов на парадата за да видам како е. Уште повеќе, отидов на парадата за да видам што е тоа што во Македонија чинам дека се уште е ризично да се организира. Минатата година, ако не се лажам, т.н „Марш на толеранцијата“ требаше да биде, меѓу другото и крипто-парада, сместена, со право, во контекст на промоција на толеранцијата воопшто. Самиот факт што имаше потреба да не се кажат работите експлицитно, кажува до каде се стигнати работите.
Како и да е, овде во Лондон, не очекував дека некој нешто ќе крие. Мислам, после толку време шетајќи низ улиците на Камден, каде што живеам, и Сохо, во чија близина студирам, не очекував некои посебни изненадувања. Неможам да зборувам многу за други градови низ светот, но во Лондон, битисувањето по свој вкус е приоритет број еден. Без разлика дали е индивидуално изграден или не. Нормално, зборувам за периодот после работа, кога армија јапиевци/ки (и други категории на работници) се трансформираат во нешто сосем поинакво. Се разбира, ако имаат време, пари и волја… а се почесто немаат.
Последното нешто, кое вака по луѓе го раскажувам беше сликата на дечко кој ја шеташе својата девојка врзана за ланец. На сред улица… еве да речеме… нешто како Рузвелтова во Скопје. Без некоја посебна помпа, си влегоа во автобус и си отидоа накај дома. Балканскиот сеирџија во мене (за службена употреба читај: антрополог), падна во искушение да влезе во автобусот и да го допука сеирот (читај: participant observation).
Меѓутоа, и покрај мојата „стручна спрема“ во последниве девет месеци, парадата ме изненади. Шега на страна, иако очекував дека целиот настан ќе биде фешта од индивидуалци кои ќе ја покажуваат својата поинаквост (ако воопшто е фер така да се постават работите), тоа што ме изненади беше спремноста на останатите групи да ги прифатат и признаат хомосексуалците (и другите) како интегрален дел од нивната заедница.
Вообичаено, заедниците на хомосексуалци, бисексуалци и трансродови личности, се конструираат (или ги конструираат) надвор од симболичките граници на останатите идентитети. Така, дури и во повеќе композитните идентитети, како на пример нацијата, овие заедници во најдобар случај ги зафаќаат маргиналиите на границите на определен идентитет. Во таквиот случај, како што и примерите од дискурсот во Македонија покажуваат, хомосексуалците (на пример), неможат да потпаднат под сликата за просечниот Македонец, затоа што „обичниот“ припадник на заедницата се конструира како маж со жена и дете.
Да се биде фер, тоа и не е специфично за Македонија. Ретко која идентитетска категорија се конструира себеси поаѓајќи од премисата на хетерогеност и/или комплексност. Оттука и пријатното изненадување кога видов како државни институции и приватни претпријатија, учествуваа во парадата, не како спонзори, туку буквално како учесници, поддржувајќи ги *своите* припадници. Тука се фатив неспремен. Замислете! Бирото за домашни работи на Обединетото кралство, заедно со граничните служби и слични институции на тоа што кај нас би се нарекло Министерство за внатрешни работи имаа свое камионче, на кое нивни вработени танцуваа, фестивалски облечени и пуштаа музика и се забавуваа во поворката. Можеби тоа не е нешто ново, но сепак ова беше мојата прва парада. Враќајќи се кон македонскиот контекст, си го поставувам прашањето колку време ќе треба за да тоа се случи кај нас.
Почнувам со „розевиот Џек“, односно алтернативната варијанта на британското знаме. Интересното овде е двојната игра помеѓу субверзијата на традицијата и националниот идентитет и обидот лгбт заедницата да зборува со познатиот „национален јазик“ кон пошироката заедница.
Во сличен стил, Геј Гордонс танцуваат традиционални шкотски танци.
Малку скокање кон Балканот и приказната со Србија и проблемите околу парада во Белград…. сепак си најдоа место во Лондон
Не ги сликав останатите две големи партии, кои исто така учествуваа, ама посебно ме поттикнаа Конзервативците… замислете кога нашите конзервативни партии од Македонија ќе го направат ова. (Иако, фер е да додадам дека Конзервативната партија е прилично критикувана во контекст на геј права и политики)
Поздрав до МПЦ „упатија“ и стотина христијани со вакви транспаренти:
Учеството на синдикатите посебно ме израдува. Во конкретниов случај, тоа е синдикатот на наставници, што исто така покажува како стојат работите.
А како гик, посебно се израдував кога го видов ова:
За крај, постерот на тукашните служби за внатрешни работи:













