Archives for posts with tag: culture

За разлика од „Превртено“, „Сенки“ ми се допадна. Откако го изгледав филмот нешто не ми даваше да кажам дека филмот ми се допаѓа. Уште на излезот од киното знаев дека глумата на двата главни актери (пред се Лазар) е слаба, за разлика од интерпретацијата на сите останати. Можеби се работи само за вкус па други нема да се согласат со мене околу тоа, но јас видов дури и технички пропусти (гледање во камера; предвремена реакција) што не знам како му одминале на Милчо. Но и покрај ова, после неколку дена размислување се определив да им раскажувам на луѓето дека филмот е добар… можеби не најдоброто што Манчевски го снимил… ниту дека е маестрален… но филмот е навистина добар. Зошто?

Приказната е повеќе од „прогонот“ што неколку мртовци му го прават на Лазар со цел да им ги закопа коските. Ова е пак, на некој начин, транзициска приказна (а можеби јас сум трениран да ги наоѓам таму и каде што ги нема) … разбуричкани приказни од минатото кои се бреме на новата генерација и од чие „разбуричкување“ носителите на транзицијата профитирале. Се додека е откопано, минатото стои помеѓу тебе и сонцето па ти го гледаш како сенка. :-) (се извинувам за патосов) Интересно е што Милчо нема негативен однос кон минатото, затоа нема сеништа туку сенки, но сепак прикажува дека е подобро ако е закопано, со што се согласувам.

Тоа што гледам дека се провлекува низ разговорите околу „Сенки“ е темата за сексот и смртта како табу, која пак била носечка идеја на филмот. Можеби е тоа така, но на различни места гледам поврзувања помеѓу приказната за смртта и сексот и приказната за транзицијата. Во филмот авторот не постеќа на заборавени, умрени места и активности, кои не се сеќавам дека сме ги доживеале како умирање.

Веќе слушнав за дискусии предизвикани од шокот (и негодување) кој некои го доживеале гледајќи толку секс во филм од Македонија. Ова, фактички и не е толку точно – сексот редовно бил пропратна карактеристика на кинематографиите од овие простори, но дефинитивно „Сенки“ тоа го прави на поинаков начин и директно се занимава со темата. Се согласувам со Милчо дека сексот и смртта се табу во Македонија, за нив се зборува на многу чуден начин а „Сенки“ ќе има улога во демистификација на тие сфери од животот. Така, од повеќето спорадични приказни поврзани со темите на „Сенки“ морам да ја споменам љубовната приказна помеѓу Лазар и Менка – отелотворување на идејата за мортификација на предметот на желбата, па кога ја препознав, како Жижекијанец многу се возбудив. ;-) Што би рекол Славој – Само мртва жена е добра жена. ;-)

Филмот е многу прецизен. Не постои кадар кој е залудно употребен, ниту пак кадар кој не е приказна сама по себе. Симболи, предмети, клучеви за големата сложувалка можете да видите насекаде низ филмот. Тоа што мене ми е интригантно се референците кон самиот Милчо, кон самиот филм, но и кон урбаниот живот во Скопје, тоа што било и тоа што е сега. Сето ова има врска со основните идеи на приказната.

За крај: доколку можеш филмот да го раскажеш за Movie a minute, па и со неколку реченици изгледа интересно, тогаш веројатно е дека филмот е добар и треба да се гледа. Мислам дека „Сенки“ спаѓа во таков тип на филмови.

Вчера, на СподелиКино, го гледав предавањето/презентацијата на Тео Јансен на овогодинешниот TED, насловена како „Уметност на креирање суштества“. Презентацијата зборува сама за себе, но прво што мене ми дојде на памет кога го гледав беше: Со што па ние овде во земјава се тупиме? Со името? Со историските (не)вистини?

Каде ни се идеите за иднината?

Сурфајќи случајно налетав на интересен текст од Наоми Вулф наречен „Митот за Порното“ во кој таа пишува за последиците од масовното ширење на порнографијата во мејнстримот.

Основната теза е дека наспроти очекувањата дека порнографијата ќе ги открие прималните пориви на мажите, а со тоа и ќе ги направи поагресивни кон жените, се случува токму спротивното – мажите губат интерес за „реалната жена“ научувајќи со време дека тоа што им треба е – порно глумица (силиконски скроена и спремна на се).

типична слика од индустријата

Текстот е посветен највеќе на женската страна од приказната и ефектите кои ги има порнографијата врз секојдневната жена и нејзиниот однос (пред се еротски) со секојдневниот маж. Според авторката, „реалните голи жени“ ја губат трката со „женските икони на порнографијата“ бидејќи очекувањата на машкиот партнер се скроени од порно филмови.

„Голото женско тело на секојдневната жена е сведено на лошо порно“

Јас тука би ја додал и машката иконографија која се сервира од порно индустријата – сликите на билдери и жени на кои должината/големината им е приоритет број 1 – исто така влијае на намалување на либидото кај мажите. Со ова мислам дека сликата е покомплетна… во умот на мажот… женското со кое си, никогаш неможе да биде Џена Џејмисон а ти никогаш неможеш да бидеш Роко. Фрустрацијава не е неопоходно карактеристична за порно индустријата. Ликовите на манекенки и манекени како референци го имаат истиот ефект денес во културатата на маркетингот и масовните комуникации. Љубовта и тагата по работите кои се тешко дофатливи се моторна сила на денешното потрошувачко општество. Дури и независни порно филмови, како на пример „Добрата девојка“ ја повторуваат оваа иконографија. Тоа што останува како продукт на порнографијата дистрибуирана преку Интернет е „домашното порно“ каде гледаме „направи сам“ филмови кои во отсуство на индустрија – портретираат сцени од сексуалниот живот кој е „пореален“.

Во текстот на Вулф не ми се допаѓа крајот. Точно е дека мистиката е силен афродизијак кој може здраво да влијае на една секојдневна еротска врска но сметам дека сакрализацијата на еротскиот однос не е неопходно најдобриот, дури ни одблиску добриот начин за „оздравување“ на контаминираните, од порно, сексуални апетити. Сексуалната слобода е важен дел од современото општество а сакралните формати (примерот со криењето на косата во еврејската култура или булата во Исламот) на љубовната врска најчесто се во спротивност со ослободувањето на индивидуата и директно во врска со сексот и посредно, толкувајќи марксистички, религијата не му помага на човекот да се ослободи.

Ликот на Саманта од „Сексот и градот“ говорејќи за новото доба и сексуалната ориентација тврдеше дека тоа што е поважно е „сексуалната експресија“. Но јас сум скептик дека без некоја поголема промена во општеството, социјализацијата ќе и даде предност на вештината во водење љубов воопшто, наспроти сликите за добриот љубовник сервирани од масовната култура.

Им напишав писмо на креативекоммонс.орг.мк во врска со рестриктивната кк варијана која ја користат за нивниот сајт. Еве го текстот на писмото:

Почитувани,

Следејќи ја веќе некое време дебатата која се води во рамките на Creative Commons движењето, и распределбата на нивните лиценци на повеќе рестриктивни и помалку рестриктивни, каде NonCommercial и Non Derivative варијантите се предмет на постојана критика, сакам да ве прашам зошто, како промотери на ова движење во Македонија, сте ја одбрале најрестриктивната лиценца за вашиот сајт?

Зарем не мислите дека со ова оставате лош пример кај сегашните и идни корисници на cc во Македонија промовирајќи лиценца која најмалку, според многумина активно вклучени во движењето, го помага развојот на слободната култура – нешто за што cc неуморно се бори.

За разлика од вашиот сајт, матичниот сајт creativecommons.org ја користи најмалку рестриктивната варијанта? Зошто тоа не е следено?

со почит

Одговорот ќе го пастам коа ќе го добијам… ако го добијам