Archives for posts with tag: communism

Вуна, во својот вчерашен осврт на насловен „Против крдото“, каде пишува за тоа како „крдото“ ги доживува неподобните во Македонија, меѓу другото го цитира и Алекс Букарски. Ќе го пренесам цитатот:

„Добредојдени се и омразените комунисти, стари и млади, секакви, кои ќе ги прифатат конзервативните начела, кои ќе се откажат од лажната социјална сигурност наспроти иницијативноста и земањето на работите во свои раце, или ако се откажат од сталинистичката униформираност во однос на индивидуализмот, секој има право на втора шанса, секој може да се преобрати.”

Овој цитат, Вуна го користи како еден од аргументите евидентната нетолерантност на „крдото“ кон различното мислење. Мене пак, овој цитат ме потсети на ставот на Славој Жижек дека нацизмот и комунизмот, иако и двата тоталитарни режими, треба да се разликуваат по тоа што вториот дозволува, макар симболична, рехабилитација на неподобните.

(…) исто како што во сталинистичките судови, обвинетиот морал јавно да ги признае своите злосторства, и да даде отчет како ги направил, додека нацистите никогаш не би побарале од Евреин да признае учество во еврејскиот заговор против германската нација. Причината е јасна. Сталинизмот се сфаќал себеси како дел од просветителската традиција, според која, бидејќи вистината е достапна на секој рационален човек, без оглед колку бил обесправен, сите се одговорни за своите злосторства. Но за нацистите, вината на Евреите била биолошки факт: не постоела потреба таа да биде докажувана, бидејќи тие по своето постоење како Евреи се сметаат за виновни.

Значи… каде би ја сместиле изјавата на Алекс Букарски во овој контекст? Во кој камп? Или што би рекол мастер Угвеј од „Кунгфу панда“: Човек си ја сретнува судбината на патот кој го бира за да ја избегне.

Понекогаш, тоа што го пишуваме, излегува со спротивното значење. Прашањето што треба да се постави е дали, буквите се наопачки или огледалото „исправува“.

Проблемот со младата генерација е што веќе не сте дел од неа. (Салвадор Дали)

Вчера присуствував на дебата во „Точка“ по повод 11 Октомври насловена како „Зошто комунистите го дигнале востанието“. Една од работите кои ги увидов беше приказ на времето до 1991 година: еден „комунист“, осум апологети и еден неподобен.

Организаторите веројатно имаа добра намера. Веќе 18 години, а во скриените улички веројатно и подолго, наследството од храброста и револуционерноста на генерацијата партизани од 1941 останува подзаборавено. Уште повеќе што таквиот револуционерен зафат, против реална воена окупација, но и против нацистичкиот ахуман светоглед има конкретна релевантност денеска, во 2008 година. Што би рекла една учесничка на дискусијата: денеска, за разлика од 1941 година се соочуваме со домашен фашизам.

Меѓутоа, добрите намери не се гаранција дека работите нема да излезат од контрола и завршат контрапродуктивно. Тоа и се случи. Критичкото мислење, кое учесниците сакаа да го применат на идејата за капитализмот денеска, не беше дозволено кога се зборуваше за 1941.

Учесници на дебатата беа: Коле Чашуле, Владо Ивановски, Љубомир Цуцуловски и Жарко Трајаноски.

Накратко, Коле Чашуле раскажа за 11 октомври 1941 година во Прилеп, Владо Ивановски за историските тези за периодот, Љубомир Цуцуловски зборуваше општо за марксизам а Жарко се дрзна да го доведе во прашање именувањето на настаните од 1941 за востание, водејќи се од аргументот за размер на борбата, кој зема замав дури во 1943 година. Иако Жарко се согласи дека востанието симболички почнува 1941 година, тој понуди низа аргументи зошто смета дека фактички востанието почнува 1943 година. Но можете да замислите како реагираа другите на ова…

Апологетската реакција следеше моментално. Од нудењето нелогични контра-аргументи, до ad hominem напади и коментари дека треба повеќе да чита. Единствениот кој прифати нормално да полемизира со Жарко Трајаноски беше, the man himself, човекот кој учествувал во настаните од 11 октомври – Коле Чашуле. Иако сеуште тврдеше дека треба да се зборува за „востание“, тој прифати дека размерот и поимањето на „востание“ се нешто за што може да се разговара.

Од сите апологети, најмногу ме разгневи Љубомир Цуцуловски – човекот од кој што, според етикетите кои сам си ги закачи (комунист, социјалист, марксист и професор по филозофија), требаше да се очекува прецизен одговор на зададената тема, полемички капацитет и критичко мислење. Отсуствуваше се погоре наведено.

Прашањата на Жарко ги искоментира како невкусни бидејќи немале мерка, што е онаков конзервативен пристап од учебниците. Можам да си замислам (драматизација) некаков салонски бал во Софија во 1941 година, каде некој ги искоментирал акциите во Прилеп и Куманово како „претерани“ и „невкусни“.

На дилемата на Жарко колку од востаниците биле комунисти а колку антифашисти тој понуди одговор од типот: „Водачот на НОБ бил комунист“, што не е одговор на прашањето.

На реакцијата на Никола Гелевски (од публика) кој протестираше против апологетските напади над Жарко Трајаноски, Љубомир Цуцуловски го „отера“ Гелевски дома да си ги лечи фрустрациите кај жена му. Немам коментар!

Имам коментари и за конкретните одговори на Љубомир Цуцуловски на зададената тема и теоретското објаснување и хипотези, но тие не се релевантни за овој пост кој го пишувам како реакција на нивото кој еден универзитетски професор, кој си ја присвојува улогата на „алтернативен мислител во овие некритички времиња“, го има.

Да се вратам на почеток. Онаа малку критика што сакам да ја кажам кон организаторите е посочување на важноста дискусиите да се водат поиздржано а модерирањето да ги елиминира нападите. Ја чекам идната трибина.

А оваа трибина ми го покажа Коле Чашуле во едно позитивно светло. Без разлика на пост-воената историја на човеков, тој вчера ја покажа разликата помеѓу „изживеаните комунисти“ и „неизживеаните апологети“. Човекот кој најмногу би бил засегнат од евентуална ревизија на „11 Октомври“ немаше проблем да разговара за тоа, додека цела чета апологети му се насрна на неподобниот младич кој се дрзна да ги расчачка авторитетите. Во целата приказна не ми е важна вистината, колку што ми е важна можноста да се дебатира. Вчерашниот настан ми помогна да додадам уште едно парче од мозаикот кој го градам за да го сфатам минатото.

Новица забележил интересна разлика во изразувањето на државата во легалните документи денес и во бившата држава. Денес државниците ја потпишуваат својата функција во рамките на Република Македонија, додека во СФРЈ, државниците ја имале својата функција во рамките на Републиката (без името). Новица се прашува зошто е тоа така, па побара и од мене да го дадам моето мислење. Ќе му одговорам прашање по прашање, со мал вовед претходно.

Тоа што сакам да го расчистам за почеток е дека во сите посочени документи кои Новица ги дава за пример, јасно стои за која република се работи, без разлика дали е ставено и објаснето во заглавието на документот или во содржината на документот, па потпишувањето на целото име на републиката не е потребен услов за да е јасно за која држава се работи.

Се прашувам зошто е ова вака?

Едно од објаснувањата може да биде истакнување на името (во новата република) за да се „зацврсти“ националниот идентитет (не етнички сфатен туку политички). Идеолошки, претходниот режим имал задача да го преброди националниот идентитет, и да ја истакне „републиката“ пред „името“, кое ако нема територијално значење најчесто има национално. Реално, политичкиот систем на СФРЈ не работел баш на таквото замрзнување на националните идентитети (Југославија има баш чисто национално значење), но во формалните акти, можеби следеле некакви идеолошки упатства.

Дали е случајно?

Па иако претходниот одговор наведува да кажам „не“, сепак мислам дека е случајно. Факт е дека не е некаква исклучително интелектуална финта да ти текне ваков начин на зајакнување на националниот идентитет преку врзување на „името“ со „републиката“ во секоја пригода. Немам посебни аргументи ни за тезата ниту за антитезата, па ќе оставам ваков клифхенгер тип на одговор.

Дали има некакво поинакво значење кога ќе се каже Претседател на Републиката наместо Претседател на Република Македонија?

Па и нема поинакво значење во формална смисла, ако претходно во текстот е наведено и „името“. Смисловно, може да има разлика во значењето затоа што мислам дека кога не се употребува „името“, методолошки помалку прецизниот читател или слушател полесно ќе сфати дека се работи за „државата“ а не за „општеството“ или „земјата“.

дополнување: Мислам дека одделувањето на „република“ и користењето само на тој поим кога е јасно за која држава се работи, појасно покажува дека државата е само дел од општеството кое зафаќа определена територија и има право да се меша во само дел од јавната сфера (околу тоа каде се треба да има удел државата е една од главните дебати помеѓу левичарите и десничарите) а никако во приватната сфера. Тоа, во демократија која се развива, има позитивно влијание во развојот на политичката култура и сфаќањата за слободата.

Дали Република е поважен дел од Македонија во името Република Македонија?

Зависи од стојалиштето, што ти е важно и што ти е предмет на интерес. Некои држави од минатото ги паметиме поради тоа што биле републики, а некои поради името иако го менувале обликот на држава. Сите нив ги ословуваме по името, но Атина на пример, ја знаеме поради Републиката. Доколку не се јавела античката демократија и секуларната филозофија, Атина ќе била историска фуснота (а со тоа и многу други работи ќе беа фуснота – поедноставено кажано).

Затоа, релативно е што е важно. Мене ми е важна „републиката“, но факт е дека „републиката“ + „името“ = „целината“ ако зборуваме општо за држава а не за политичка теорија или идеолошки пристап.

Дали Македонија навистина е Република или само се вика Република Македонија?

Формално е република. Ги има сите обележја на тоа што го сметаме за современа Република. Но ако се повикаме на тоа што „република“ изворно значи, а тоа е „општо добро“ – одговорот сам се наметнува. Иако Република Македонија изгледа како „република“, се повеќе гледам дека таа не работи на тоа да биде „општо добро“ – нешто поради кое луѓето се откажале од дел од своите права. Лично преферирам одумирање на државата, но не на идејата дека е потребна заедница за да обезбеди општо добро.

Каде k во првиот случај е капиталистичка а во вториот комунистичка…

Прашањето е: дали GNU GPL лиценцата и дел од Криејтив комонс лиценците се анти-капиталистички?

Овој муабет периодично јас и Дамјан го водиме веќе неколку години… ова е последниот апдејт:

[14:53:43] < Дамјан> ако си анти-капиталист користи NC :)

[14:54:38] не е баш тоа така
[14:54:53]
имаше на неттајм една таква дискусија
[14:55:10]
јас би рекол дека SA e повеќе антикапиталистичка
(more…)