Archives for posts with tag: capitalism

Како и секој гик, така и јас често си сурфам и размислувам за следниот лаптоп. Прилично сум задоволен со сегашниот Thinkpad Z60t, но размислувам дали од септември да си купам нов.

Иако не баш во мојот ценовен ранг, еден од кандидатите, ако воопшто купувам нов лаптоп, е Lenovo Thinkpad X200s. Ако навистина ви треба добар бизнис лаптоп, тогаш многу е тешко да го заобиколите X200s. Тој што користел Thinkpad тешко се откажува од ова семејство на преносни компјутери. Затоа и го разгледував лаптопот.

Разгледувајќи ги варијантите приметив еднo класично однесување на производител. Lenovo за X200s нудат опција за LED осветлување на екранот, кое троши помалку струја а дава подобри резултати. Тоа е понова технологија и ако некој купува нов лаптоп, некако логично е да ја одбере.

Но… постојат две серии на X200s лаптопи, кои се разликуваат по цена а LED екранот е достапен само во поскапата варијанта.

Иронично е што разликата помеѓу двете серии не е во некаква базична хардверска платформа која креира две (логично) разгранети серии. Напротив, нема никаква логична причина, освен што Lenovo одлучиле дека како и да е, ако сакаш LED екран – тогаш ќе мора и нешто друго повеќе да платиш. Работата што највеќе ме погоди е дека една од работите на кои мора повеќе да се плати е Microsoft оперативен систем, бидејќи ако го сакам таквиот екран, морам да купам минимум Vista Business наместо можноста да купам поефтина Vista во другата серија, кога и онака нема да користам Windows.

Можете да го гледате или како гроб или како споменик… но ако имате време и волја, поминете и оставете цвеќе.

(придружено до: Слобода!)

Честитки до земјоделците. Ако веќе системот не е на твоја страна – смени го системот!

Јас апсолутно ги поддржувам земјоделците кои се одлучија да ја окупираат млекарата Swedmilk. Секако, тие наплатата треба да ја бараат и на суд па извршителите да можат на сила да го наплатат долгот. Ако тоа не им успее – следен објект за окупирање веројатно ќе им биде една зграда на ул. Илинденска.

Во отсуство на видливо функционирање на политичкиот систем, луѓето ќе почнат да ги превземаат работите во свои раце. Можеби тоа е единствениот начин како се учи демократија и освојува слободата. Тоа што властите, сите овие години не го разбираат е дека луѓето имаат инстинкт да се одбранат, па ако системот не ги згрижува, тогаш, на крајот, тие ќе го променат системот. Таа плима не се запира.

Проблемот со младата генерација е што веќе не сте дел од неа. (Салвадор Дали)

Вчера присуствував на дебата во „Точка“ по повод 11 Октомври насловена како „Зошто комунистите го дигнале востанието“. Една од работите кои ги увидов беше приказ на времето до 1991 година: еден „комунист“, осум апологети и еден неподобен.

Организаторите веројатно имаа добра намера. Веќе 18 години, а во скриените улички веројатно и подолго, наследството од храброста и револуционерноста на генерацијата партизани од 1941 останува подзаборавено. Уште повеќе што таквиот револуционерен зафат, против реална воена окупација, но и против нацистичкиот ахуман светоглед има конкретна релевантност денеска, во 2008 година. Што би рекла една учесничка на дискусијата: денеска, за разлика од 1941 година се соочуваме со домашен фашизам.

Меѓутоа, добрите намери не се гаранција дека работите нема да излезат од контрола и завршат контрапродуктивно. Тоа и се случи. Критичкото мислење, кое учесниците сакаа да го применат на идејата за капитализмот денеска, не беше дозволено кога се зборуваше за 1941.

Учесници на дебатата беа: Коле Чашуле, Владо Ивановски, Љубомир Цуцуловски и Жарко Трајаноски.

Накратко, Коле Чашуле раскажа за 11 октомври 1941 година во Прилеп, Владо Ивановски за историските тези за периодот, Љубомир Цуцуловски зборуваше општо за марксизам а Жарко се дрзна да го доведе во прашање именувањето на настаните од 1941 за востание, водејќи се од аргументот за размер на борбата, кој зема замав дури во 1943 година. Иако Жарко се согласи дека востанието симболички почнува 1941 година, тој понуди низа аргументи зошто смета дека фактички востанието почнува 1943 година. Но можете да замислите како реагираа другите на ова…

Апологетската реакција следеше моментално. Од нудењето нелогични контра-аргументи, до ad hominem напади и коментари дека треба повеќе да чита. Единствениот кој прифати нормално да полемизира со Жарко Трајаноски беше, the man himself, човекот кој учествувал во настаните од 11 октомври – Коле Чашуле. Иако сеуште тврдеше дека треба да се зборува за „востание“, тој прифати дека размерот и поимањето на „востание“ се нешто за што може да се разговара.

Од сите апологети, најмногу ме разгневи Љубомир Цуцуловски – човекот од кој што, според етикетите кои сам си ги закачи (комунист, социјалист, марксист и професор по филозофија), требаше да се очекува прецизен одговор на зададената тема, полемички капацитет и критичко мислење. Отсуствуваше се погоре наведено.

Прашањата на Жарко ги искоментира како невкусни бидејќи немале мерка, што е онаков конзервативен пристап од учебниците. Можам да си замислам (драматизација) некаков салонски бал во Софија во 1941 година, каде некој ги искоментирал акциите во Прилеп и Куманово како „претерани“ и „невкусни“.

На дилемата на Жарко колку од востаниците биле комунисти а колку антифашисти тој понуди одговор од типот: „Водачот на НОБ бил комунист“, што не е одговор на прашањето.

На реакцијата на Никола Гелевски (од публика) кој протестираше против апологетските напади над Жарко Трајаноски, Љубомир Цуцуловски го „отера“ Гелевски дома да си ги лечи фрустрациите кај жена му. Немам коментар!

Имам коментари и за конкретните одговори на Љубомир Цуцуловски на зададената тема и теоретското објаснување и хипотези, но тие не се релевантни за овој пост кој го пишувам како реакција на нивото кој еден универзитетски професор, кој си ја присвојува улогата на „алтернативен мислител во овие некритички времиња“, го има.

Да се вратам на почеток. Онаа малку критика што сакам да ја кажам кон организаторите е посочување на важноста дискусиите да се водат поиздржано а модерирањето да ги елиминира нападите. Ја чекам идната трибина.

А оваа трибина ми го покажа Коле Чашуле во едно позитивно светло. Без разлика на пост-воената историја на човеков, тој вчера ја покажа разликата помеѓу „изживеаните комунисти“ и „неизживеаните апологети“. Човекот кој најмногу би бил засегнат од евентуална ревизија на „11 Октомври“ немаше проблем да разговара за тоа, додека цела чета апологети му се насрна на неподобниот младич кој се дрзна да ги расчачка авторитетите. Во целата приказна не ми е важна вистината, колку што ми е важна можноста да се дебатира. Вчерашниот настан ми помогна да додадам уште едно парче од мозаикот кој го градам за да го сфатам минатото.