Одиме на избори

Во Македонија се најавува предизборие… всушност предвремени избори се скоро факт - останува формално да се определат во Собранието.

Премиерот Груевски дава чудни објаснувања за таквата иницијатива. Дел од оние, барем оние кои вреди да се разгледуваат, во суштина се базираат на сервираната претпоставка дека Собранието е закочено. Според него, Собранието ја кочи расправата и одлучувањето за реформите. Во изјава на Сител, се опиша себеси како Премиер со врзани раце.

Да почнам со разбивање на митовите…

Пречка за иницијативите на извршната власт во законодавниот дом формално се појавуваат тогаш кога во Собранието, Владата нема поддршка од мнозинството. Само тогаш, Собранието и формално може да ја кочи иницијативата за носење на закони и реформи која доаѓа од Владата. Во било каква поинаква ситуација, т.е состојба во која Владата сеуште има поддршка од мнозинството во Собранието, проблемот на Премиерот Груевски е во тоа што неможе да го натера тоа мнозинство да го надгласа малцинството. Како може малцинството да го кочи мнозинството во услови во кои одлуките се носат со мнозинство? Доколку мнозинството редовно си доаѓа на работа, било какво малцинство неможе да го надгласа.

Собранието, освен од политичка стратегија, во ваков контекст се распушта само доколку постои формална пречка за законодавната иницијатива на извршната власт преку губење на поддршката од мнозинството.

Изјавите на Премиерот Груевски имаат многу лош призвук? Што ќе решат новите избори? Ако опозицијата (малцинството) во Собранието досега ги правело проблемите, како ќе се смени состојбата после изборите? Ќе нема опозиција? Во демократијата неможете да се ослободите од опозицијата… поточно, никаде неможете да се ослободите од опозиција… единствено од што можете да се ослободите е демократијата. Лично, во овој момент не мислам дека Премиерот Груевски има таква намера, но ќе мора да ја смени аргументацијата за нови избори ако не сака да наликува на „човек кој сака да стане диктатор“.

Каде ќе згреши ВМРО-ДПМНЕ?

Во изборната кампања ќе мораат да објаснат како се „најреформската влада“ во услови во кое „Собранието ги кочи нивните реформи“. Таквиот плиток политички маркетинг веројатно ќе биде предмет на негативна кампања од опозицијата.

Јас не би сакал да давам прогнози, анкетите наскоро ќе почнат да зборуваат, но постојат две опасности по рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ : (1) Ова се вонредни избори и граѓаните така и ќе ги разберат - како нешто надвор од нормалното, нешто чудно, нешто неприродно. Тоа може да поремети дел од „критериумите“ (ако воопшто ги има) по кои граѓаните ќе го определуваат својот глас. Некои од адутите на оваа власт можат да бидат занемарени токму поради out of the ordinary ситуацијата во која ќе се спроведуваат изборите. (2) СДСМ има углед на партија која полесно гради меѓународни односи, па така клинчот помеѓу неуспехот за влез во НАТО и масовната хистерија на неизвесна ситуација ако не влеземе во НАТО може да го истиснат СДСМ повисоко на рејтинзите. Нормално, се работи само за перцепција на народот, која вели дека во времето на СДСМ ја добивме кандидатурата за членки во ЕУ, таму немаше проблеми како сега со НАТО.

Што се случува кога имате полоша политика од Србија? Вие претпоставете. Србија, која важи за земја со најлоша политика во последниве скоро 20 години, одржува избори _откако_ се „реши“ „проблемот“ со Косово. Сега на сите ќе им биде полесно во изборната кампања. Во Македонија сега се случува обратното. Наместо прво да се реши проблемот со името, сега повторно никој нема да собере храброст и тоа да го стави во изборната програма. Мандат за промена на името нема да има.

Иако ова несериозно делува во очите на странците во чие семејство сакаме да членуваме, таа најлошо ќе се одрази по обичниот граѓанин. Но, политичката неодговорност за ова, веројатно сама по себе никој нема да ја казни. Пратениците веќе ги имаат потребните привилегии за кои наводно се бориме сите да ги имаме. Затоа и иницијативата не им е голема.

Останува да се види како ќе се одвиваат кампањите. Доколку некој игра на националистичка карта во овие моменти - тоа ќе биде погубно. Во овој период, национализмот може да биде моќен мотор за мобилизација на гласови, но истовремено, повеќе од кога било, таквиот национализам ќе биде крајно опасен. Но тешко ми е да поверувам дека нема да се игра на таа карта. Не ја знам стратегијата на Груевски, но во овој момент, со сета можна неточност на прерана прогноза, тој неможе да добие повеќе мандати од тоа што сега веќе го има.