Формата или содржината на блогосферата?

Првата вест која денес ја чув беше дека имало моја слика во печатеното издание на Глобус. Второто нешто беше линкот до сторијата. Додека ја читав, се присетив на замката која ја проследува скоро секоја дискусија за блоговите во која сум учествувал.

Првпат ја приметив на Мк.Блог.Конференцијата во мај минатата година кога се разви дискусија за политичкото значење на блоговите. Една од тезите беше дека содржината на блоговите е нешто што е алтернативно на политиката. Таквото сфаќање се пресликува и во текстот во Глобус, каде авторот го пренесува доживувањето на блоговите како „револуционерно“. Мислам дека оваа теза има две значајни слаби точки.

Првата слаба точка е фактот дека сите блогови не се занимаваат со новинарство или политичко коментаторство. Таквиот ладен туш им го соопшти Жарко Трајаноски на учесниците на блогерската конференција. Според него, не може да се занемари бројот на блогери ја искажуваат својата уметност преку блоговите или ги користат сервисите за забава. Јас би додал дека овој тип на употреба можеби е и доминантен.

Втората слаба точка има повеќе врска со потесното сфаќање на политичкиот контекст на блогот како феномен. Ова беше директен повод за соочување на некои македонски блогери и Роберто Беличанец по повод неговиот став искажан во „Без пардон“ на МТВ. Проблемот или стапицата тука честопати е преферирањето на анализата на содржина наместо на формата на блоговите.

Како и другите медиуми, блоговите функционираат во комплицираниот свет на испреплетени идеологии, субкултури и рефлексија врз стварноста, па во својата содржина неможат да го надминат тоа. Така, како што кажуваат и Дарко и Ивица во текстот, блоговите го отсликуваат политичкиот спектар и култура во општеството. Во таа смисла, беспредметно е да се плашиме дека блогосферата ќе емитира пораки од центрите на моќ кои во иднина би ја употребувале, бидејќи тоа таа веќе го прави преку блогерите, кои свесно и несвесно ги манифестираат пораките кои тие центри сакаат да бидат манифестирани. Но тоа што ги разликува блоговите од другите медиуми е нивната форма и начинот на кој се пренесуваат пораките. Тука мислам дека вреди да се разговара за блоговите.

Вмрежувањето, хипертекстот и ефектот на долгата опашка се клучните точки каде блоговите, и воопшто Веб 2.0 значат медиум на новото време. Тие нема да донесат нова содржина, но начинот на контекстуализирање на информациите, нивната размена и пристап до нив, додаваат нова вредност. Лесниот пристап до ресурсите значи дека и најмалку популарниот има можност да учествува во таа размена (everybody will be tv) - што не е случај со класичните медиуми, хиперлинкот значи лесна дистрибуција на информацијата а ефектот на долга опашка посочува дека никој не е толку непопуларен и секој може да најде своја мрежа на истомисленици кои ќе агрегираат слични содржини.

Наместо заклучок, го вгнездувам ова TED видео од Џонатан Херис наречено „Веб Тајни“. Мислам дека многу добро ја покажува формалната надмоќ на Веб2.0 наспроти класичните медиуми, а фактот дека користи тривијални содржини баш оди во прилог на мојата теза… :-)

Тагови ли се, тагови…

Една од главните нови подобрувања на Wordpress, софтверот за блогирање кој го користам за овој блог, е домашната (вградена) поддршка за тагови (етикети) кои помагаат во семантичката дескрипција на содржината на блогот. Значи, од верзија 2.3 не ви требаат посебни проширувања за Wordpress за да можете да користите тагови, па сега има два начина за класификација на содржината - категории и тагови.

Но, не е се така едноставно. Луѓето од Wordpress, се одлучиле таговите да не можете да ги администрирате. Зошто е тоа така - не знам. Тоа најпрво значи дека тагирање со кирилица е проблематизирано, затоа што доколку имате и најмал проблем со кирилица во урл - адресите ќе бидат долги и нечитливи. Ова беше решено кај категориите, со опцијата category slug што е алтернативно име - јас до вчера ги користев англиските верзии на македонските имиња на категориите. Оваа опција беше многу корисна бидејќи секаде во интерфејсот ја читате категоријата во кирилица а во url-то, Wordpress го користи алтернативното име.

Сега, ваквиот аранжман е загрозен, затоа што по се изгледа софтверот ги третира таговите и категориите исто, па ако како таг употребите едно од алтернативните имиња на категориите, автоматски тагот се преведува во неговото првично (кирилично име) кое сте го употребиле како категорија. Уште ако ја искористите опција convert categories to tags ќе изгубите било каква можност за менаџирање.

Како го решив проблемот?

Откако направив се погрешно - ги конвертирав сите категории во тагови - решив да ги разделам категориите и таговите јазично. Категориите ќе ја опишуваат содржината на блогот на македонски а таговите на англиски. Алтернативните имиња на категориите ќе бидат истите имиња транслитерирани во латиница (за поклопувањата со англискиот јазик како на пример блог користев b-l-o-g). Бидејќи администрирањето на категориите го загубив конвертирајќи ги во тагови, морав старите категории директно да ги бришам во база (не го правете ова доколку не знаете иако и јас го правев без точно да знам што правам).

Сега имам два семантички облаци - едниот од категории другиот од тагови. Останува да ја хакнам темата за да ги покажува категоризациите и тагирањето на секој пост - нешто што оваа тема го нема.

За оние кои ме следат преку web feed

Полека ги интегрирам моите активности на Интернет во еден веб фид кој можете да го најдете тука.

Морам да признаам дека интеграцијата што ја нуди Feedburner.com не е лоша иако не е тешко да се искомбинираат можностите на Google Reader и Yahoo Pipes за да се направи нешту уште поубаво. На тоа дефинитивно ќе поработам бидејќи ми фалат Last.fm фидовите.

Како и да е, Feedburner.com е добро централно место. Ќе видиме што ќе донесе и фактот дека е купен од Google.

Чекор понатаму

Денес беше последниот ден на мојот ангажман во Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје.

Последниве неколку години… чинам од 2004-та бев дел од тимот за истражувања на ИДСЦС кој највеќе се занимаваше со истражувања на политичкото јавно мнение. Во целото тоа време се здобив со знаења и вештини за истражувања а имав увид во најразлични трендови и промени во јавното мнение предизвикани од најразлични настани.

Но, во меѓувреме ја увидов потребата повеќе да се ангажирам за промоција на слободниот софтвер и култура а паралелно, во последнава година се кристализираше моето гиковство па сфатив дека таму повеќе припаѓам.

Затоа, мојот следен ангажман ќе биде во „Слободен софтвер Македонија“ каде ќе се обидам да допринесам во понатамошно јакнење на организацијата и нејзините активности. Се надевам дека ќе ја докажам довербата која ми беше укажана пред нешто помалку од месец дена кога бев примен како член на организацијата.

My name is Black, Jack Black

Денес дознав дека студентите ме викаат Џек Блек. Демек… многу сум личел на него.
Џек Блек од Фликр
Мене Џек Блек ми е топ… па ова си го доживеав како комплимент, иако не мислам дека си личиме. :-)

Интересно ми беше исто така, кога пред некој месец, на едно соопштение кое го оставив на огласна табла на факултет, некој допишал kotle до моето име. Можеби треба да ставам некоја забелешка дека киберкотле и Миша не се иста личност, иако се ист човек… мада… секогаш ќе ми биде тешко да го докажувам тоа. :-)

Било како било… у мое време, надимаците кои се користеа за професори беа: Гестапо, Гонзо, (името на предметот), Строги, Косата, Цицкотрес… ех… времињата се менуваат.

п.с: фотографијата на овој пост е од друг автор и се дистрибуира под друга лиценца. кликни на неа за да видиш повеќе

Next Page »