Зошто би можел да служи Виндоуз?

стрип за мрежа од вируси (позајмено од xkcd.com)

Позајмено од xkcd.com.

Сенки

За разлика од „Превртено“, „Сенки“ ми се допадна. Откако го изгледав филмот нешто не ми даваше да кажам дека филмот ми се допаѓа. Уште на излезот од киното знаев дека глумата на двата главни актери (пред се Лазар) е слаба, за разлика од интерпретацијата на сите останати. Можеби се работи само за вкус па други нема да се согласат со мене околу тоа, но јас видов дури и технички пропусти (гледање во камера; предвремена реакција) што не знам како му одминале на Милчо. Но и покрај ова, после неколку дена размислување се определив да им раскажувам на луѓето дека филмот е добар… можеби не најдоброто што Манчевски го снимил… ниту дека е маестрален… но филмот е навистина добар. Зошто?

Приказната е повеќе од „прогонот“ што неколку мртовци му го прават на Лазар со цел да им ги закопа коските. Ова е пак, на некој начин, транзициска приказна (а можеби јас сум трениран да ги наоѓам таму и каде што ги нема) … разбуричкани приказни од минатото кои се бреме на новата генерација и од чие „разбуричкување“ носителите на транзицијата профитирале. Се додека е откопано, минатото стои помеѓу тебе и сонцето па ти го гледаш како сенка. :-) (се извинувам за патосов) Интересно е што Милчо нема негативен однос кон минатото, затоа нема сеништа туку сенки, но сепак прикажува дека е подобро ако е закопано, со што се согласувам.

Тоа што гледам дека се провлекува низ разговорите околу „Сенки“ е темата за сексот и смртта како табу, која пак била носечка идеја на филмот. Можеби е тоа така, но на различни места гледам поврзувања помеѓу приказната за смртта и сексот и приказната за транзицијата. Во филмот авторот не постеќа на заборавени, умрени места и активности, кои не се сеќавам дека сме ги доживеале како умирање.

Веќе слушнав за дискусии предизвикани од шокот (и негодување) кој некои го доживеале гледајќи толку секс во филм од Македонија. Ова, фактички и не е толку точно - сексот редовно бил пропратна карактеристика на кинематографиите од овие простори, но дефинитивно „Сенки“ тоа го прави на поинаков начин и директно се занимава со темата. Се согласувам со Милчо дека сексот и смртта се табу во Македонија, за нив се зборува на многу чуден начин а „Сенки“ ќе има улога во демистификација на тие сфери од животот. Така, од повеќето спорадични приказни поврзани со темите на „Сенки“ морам да ја споменам љубовната приказна помеѓу Лазар и Менка - отелотворување на идејата за мортификација на предметот на желбата, па кога ја препознав, како Жижекијанец многу се возбудив. ;-) Што би рекол Славој - Само мртва жена е добра жена. ;-)

Филмот е многу прецизен. Не постои кадар кој е залудно употребен, ниту пак кадар кој не е приказна сама по себе. Симболи, предмети, клучеви за големата сложувалка можете да видите насекаде низ филмот. Тоа што мене ми е интригантно се референците кон самиот Милчо, кон самиот филм, но и кон урбаниот живот во Скопје, тоа што било и тоа што е сега. Сето ова има врска со основните идеи на приказната.

За крај: доколку можеш филмот да го раскажеш за Movie a minute, па и со неколку реченици изгледа интересно, тогаш веројатно е дека филмот е добар и треба да се гледа. Мислам дека „Сенки“ спаѓа во таков тип на филмови.

Со што па ние се тупиме?

Вчера, на СподелиКино, го гледав предавањето/презентацијата на Тео Јансен на овогодинешниот TED, насловена како „Уметност на креирање суштества“. Презентацијата зборува сама за себе, но прво што мене ми дојде на памет кога го гледав беше: Со што па ние овде во земјава се тупиме? Со името? Со историските (не)вистини?

Каде ни се идеите за иднината?

филм: Врзан

Вчера на Youtube се појави „Врзан“ - колку јас знам првиот македонски филм кој користи слободна лиценца. Ај нека се множат. ;-)

„Врзан“ е напишан и режиран од Горјан Милошевски, го снимаа Маја Јакимовска и Кирил Шентевски а го монтираше Тања Фиш. Опремата ја позајмија Cre8ive8 и Британскиот Совет. За глумците ќе си видите во каст листата на крајот на филмот.

„Врзан“ е обид да се раскаже приказна за една дилема на еден млад човек. Нема да опишувам понатаму, нити критикувам… сум учествувал во правењето - тоа не е моја работа туку на публиката.

Фактот дека е дело со слободна лиценца мене ми е исто драг. Тоа значи дека било каква копија од филмот не е акт на пиратство, туку акт на една здрава култура на споделување. Постојат и други слободи кои можете да ги прочитате во текстот на лиценцата.

Стоп! Затвори ги очите!

Проблемот на современата демократија и слободна култура и живеење се одлучувачи кои живеат надвор од реалноста со половични погледи на свет.

Денес, од Ротари клубот во Скопје биле промовирани неколку спотови кои ќе се емитуваат пред определени програмски содржини кои ќе ги предупредуваат малолетниците кои содржини се соодветни за нив. Тоа во светот и не е нешто ново, но ете, стигна и кај нас. Нормално, пуританскиот Совет за радиодифузија со отворени раце ја пречека иницијативата од „елитните“ Ротаријанци.

Но, интересно е како се опишува ситуацијата во македонскиот етер. Канал 5, од каде ова го дознав, го опишува ова на следниот начин:

Секојдневно сме сведоци на дневни програми емитувани на телевизија, исполнети со насилство и порнографија. На удар на таквите програми е токму малолетната популација.

Јас претходно пишував дека насилството постои во голема количина во македонскиот медиумски простор. Дебатливо е како треба да се справуваме со насилството како слика во текот на развојот на малолетниците и воопшто луѓето.

Меѓутоа, од каде порнографија секојдневно на македонските медиуми. Порнографија најелементарно би се дефинирала како „содржина која цели кон сексуално возбудување“. Сигурен сум дека во очите на просечниот малолетник во пубертет, многу работи можат да му бидат возбудливи, но исто така мислам дека општеството не може секаква голотија или еротика да дефинира и подреди на порнографија.

Така, не ми е јасно каде ја гледаат новинарите, Советот за радиодифузија и Ротаријанците порнографијата по македонските медиуми. Таа, напротив е изрично забранета на сите јавни медиумски мрежи вклучително и кабелските. Значи, единствен начин како обичен малолетник да гледа порнографија на телевизија е ако дома има сателитска програма. Тоа, мора да се признае е простор кој семејството го уредува. Значи, што се однесува до „порнографија“, целата оваа кампања е неоснована, бидејќи, според постоечката регулатива - никогаш нема да биде емитувана.

Што е тогаш целта на оваа кампања?

По мене, овие политики имаат тенденција да го поедноставуваат светот и нудат прилично штура слика, оневозможувајќи алтернативни погледи. Честопати, една приказна се раскажува преку насилство и секс. Тоа се фактите на секојдневното живеење, а потребно е да се зборува за нив во текот на социјализацијата на младите. Отсега, општеството тие приказни ќе ги обележува како несоодветни, а тоа е врата која честопати ќе помага промоција на мејнстрим поглед на свет и ќе оневозможува алтернативни и честопати критични погледи на реалноста која не опкружува.

Еве една компарација. Во прва година средно, малолетниците се соочуваат со „Пеколот“ од Данте Алигери. Ако се оддалечите од општата прифатеност на оваа книга, ќе сфатите дека е тоа грозоморна слика за кралството на Ѓаволот, исполнето со убијци и блудници, издајници и неверници. Сликите што ги пее Данте се честопати и вознемирувачки. Меѓутоа, таа критика која поетот ни ја нуди, останала запишана како едно од најголемите достигнувања во светската книжевност, па ние им ја нудиме на нашите малолетници за да можат да изведат некоја поука од стиховите на Алигери.

Но, што би се случило со „Очи ширум затворени“ од Стенли Кјубрик. Несомнено, филмот е одличен и прифатен. Но како ќе го обележи Советот за радио дифузија. Во САД тој бил обележен со R што ако не се лажам, значи дека не смеат да го гледаат малолетници. Така, додека филмот поставува неколку интригантни прашања за кои вреди сите ние да се замислиме, а во некоја крајна мерка ја критикува сексуалноста, пуританското општество не ја сака таа критика а филмот го чита како „секс сцени и користење дрога“.

И пак си го поставувам прашањето. Јас постојано очекувам, кога на кабелска ги гледам тие телоп-предупредувања, да го видам црното знакче, кое ќе го најави порничот. Напротив, што помала рестрикција тоа ми се помали очекувањата за добар филм.

Дополнување:

Еден од промоторите на оваа кампања и политика е режисерот Александар Поповски. Се надевам дека тој ќе се противи кога малолетници ќе отидат да гледаат некоја од неговите претстави кои вклучуваат секс и насилство или дека барем ќе стави еден постер каде ќе ги предупреди децата.

Next Page »