Што е што во „Република Македонија“?

Новица забележил интересна разлика во изразувањето на државата во легалните документи денес и во бившата држава. Денес државниците ја потпишуваат својата функција во рамките на Република Македонија, додека во СФРЈ, државниците ја имале својата функција во рамките на Републиката (без името). Новица се прашува зошто е тоа така, па побара и од мене да го дадам моето мислење. Ќе му одговорам прашање по прашање, со мал вовед претходно.

Тоа што сакам да го расчистам за почеток е дека во сите посочени документи кои Новица ги дава за пример, јасно стои за која република се работи, без разлика дали е ставено и објаснето во заглавието на документот или во содржината на документот, па потпишувањето на целото име на републиката не е потребен услов за да е јасно за која држава се работи.

Се прашувам зошто е ова вака?

Едно од објаснувањата може да биде истакнување на името (во новата република) за да се „зацврсти“ националниот идентитет (не етнички сфатен туку политички). Идеолошки, претходниот режим имал задача да го преброди националниот идентитет, и да ја истакне „републиката“ пред „името“, кое ако нема територијално значење најчесто има национално. Реално, политичкиот систем на СФРЈ не работел баш на таквото замрзнување на националните идентитети (Југославија има баш чисто национално значење), но во формалните акти, можеби следеле некакви идеолошки упатства.

Дали е случајно?

Па иако претходниот одговор наведува да кажам „не“, сепак мислам дека е случајно. Факт е дека не е некаква исклучително интелектуална финта да ти текне ваков начин на зајакнување на националниот идентитет преку врзување на „името“ со „републиката“ во секоја пригода. Немам посебни аргументи ни за тезата ниту за антитезата, па ќе оставам ваков клифхенгер тип на одговор.

Дали има некакво поинакво значење кога ќе се каже Претседател на Републиката наместо Претседател на Република Македонија?

Па и нема поинакво значење во формална смисла, ако претходно во текстот е наведено и „името“. Смисловно, може да има разлика во значењето затоа што мислам дека кога не се употребува „името“, методолошки помалку прецизниот читател или слушател полесно ќе сфати дека се работи за „државата“ а не за „општеството“ или „земјата“.

дополнување: Мислам дека одделувањето на „република“ и користењето само на тој поим кога е јасно за која држава се работи, појасно покажува дека државата е само дел од општеството кое зафаќа определена територија и има право да се меша во само дел од јавната сфера (околу тоа каде се треба да има удел државата е една од главните дебати помеѓу левичарите и десничарите) а никако во приватната сфера. Тоа, во демократија која се развива, има позитивно влијание во развојот на политичката култура и сфаќањата за слободата.

Дали Република е поважен дел од Македонија во името Република Македонија?

Зависи од стојалиштето, што ти е важно и што ти е предмет на интерес. Некои држави од минатото ги паметиме поради тоа што биле републики, а некои поради името иако го менувале обликот на држава. Сите нив ги ословуваме по името, но Атина на пример, ја знаеме поради Републиката. Доколку не се јавела античката демократија и секуларната филозофија, Атина ќе била историска фуснота (а со тоа и многу други работи ќе беа фуснота - поедноставено кажано).

Затоа, релативно е што е важно. Мене ми е важна „републиката“, но факт е дека „републиката“ + „името“ = „целината“ ако зборуваме општо за држава а не за политичка теорија или идеолошки пристап.

Дали Македонија навистина е Република или само се вика Република Македонија?

Формално е република. Ги има сите обележја на тоа што го сметаме за современа Република. Но ако се повикаме на тоа што „република“ изворно значи, а тоа е „општо добро“ - одговорот сам се наметнува. Иако Република Македонија изгледа како „република“, се повеќе гледам дека таа не работи на тоа да биде „општо добро“ - нешто поради кое луѓето се откажале од дел од своите права. Лично преферирам одумирање на државата, но не на идејата дека е потребна заедница за да обезбеди општо добро.

Еден друг свет е можен

бегање од полиција

Така гласи мотото на социјалните форуми кои скоро секогаш паралелно се одржуваат како протест пред самитите на Големите 8, Светската Банка, Светската трговска организација итн итн… укажувајќи на светските проблеми и прашања кои постојано се ингорираат од овие големи организации.

Оваа година еден таков собир на многу различни лево ориентирани организации се случи и во Росток, Германија. Како и секогаш, односот помеѓу демонстрантите и полицијата е критичен и секогаш постои шанса да избувне. Овојпат, избија нереди. Јас сум секогаш на страна на тие кои протестираат, па прво мислам дека нередите ги креирале агенти провокатори, како што тоа се случи во Џенова. Така, полицијата има зошто да тепа, а организаторите се етикетираат како хулигани.

Да не должам многу, сликите се добар начин како да се увиди ситуацијата. За оние кои сакаат да разгледуваат понатаму кликајте тука.

Г-8

Клиентот е секогаш во право?

Отсекогаш ми бил интересен моторот на капитализмот - немањето работничка свест, која понекогаш, добро е да се преведе како „незнаење дека моќта која определено лице ја има врз некого, во контекст на капиталистичкото стопанисување, е истовремено и немоќ“. Како тоа?

Како прво, мислам дека секој однос на моќ можеме да го толкуваме како виртуелен - замислен и конструиран во корист на општествениот систем, па надвор од тој контекст, вистински материјални извори на субмисивната наспроти доминантната улога не постојат. Овие интриги беа дел од едно интересно предавање што еден црногорски професор го одржа за Лакан. Во популарната телевизиска култура, од она што јас го знам, за оваа тема неодминливи ми се две епизоди од CSI Las Vegas: Slaves of Las Vegas и Lady Heather’s Box.

Но тоа што се случува на површината, е истовремено немањето увид во тоа дека секој е дел од капитализмот и дека се додека се повинуваме на однесувањето кое тоа општество ни го диктира, го држиме жив, залажувајќи се дека ние, или некој, е на врвот на хиерархијата. Тоа никогаш не е случај и сите, во некој момент сме или работничката класа или потрошувачи.

Така денес, присуствував на сцена предизвикана од т.н мото: Клиентот е секогаш во право! Клиентот се расправаше со келнерот за определена мушичка која се нашла во определена чаша вино, без да биде сигурен дека тоа е вина на келнерот или ресторанот а не на, да речеме - биосферата. Јазикот беше дрзок и потценувачки.

Се поставува прашањето: Откаде толку големо отсуство на почит за работата која работникот ја работи и потребата од изживување врз грешка која тој не ја направил?

Мојата претпоставка е дека тоа доаѓа од потребата да се имитира капиталистот. Тажното во сето тоа е што не се сфаќа целата слика и сопственото место во системот што го отежнува развојот на работничката и класна свест.

Но тоа е. На младината и треба веронаука за да знае како да го сврти образот.