Денеска Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ не успеа да донесе заклучок со кој ќе се осуди насилството врз студентите на 28.03.2009 на Плоштадот во Скопје. Во суштина, без таква одлука, фактички Сенатот донесе одлука со која „не се осудува насилството“.
Зошто ова го тврдам?
Фактите кои се утврдени се дека:
1. Постои студентска иницијатива која одлучила да протестира. Таа иницијатива немора да е дел од формалното здружување на студентите.
2. Студентската иницијатива, како таква, е нападната од насилниците на плоштадот. Ова е клучниот аргумент зошто мора Универзитетот да се произнесе. Фактот дека повеќе не-студенти се приклучиле кон протестот е ирелевантен по ова прашање.
3. Прашањето кое се постави на Сенатот не е поврзано со содржината на протестот, или намерите на протестот, туку со актот на насилство врз студенти за време на нивен мирен протест во кој тие го искажуваат мислењето.
Значи, во услови на овие три параметри, Универзитетот не бил ставен во ситуација да одлучува за сопствената партиска припадност, туку во најмала рака да одлучи како ќе се постави по прашање кога припадници на академската заедница, како такви, се нападнати во обидот да го искажат своето мислење и правото на протест. Зборувам во најмала рака, бидејќи сметам дека Универзитетот, во поширока смисла на зборот, треба да има улога на некаков коментатор на секојдневието и тогаш кога академската заедница не е директно засегната.
Студентските застапници, вообичаено си молчат, односно зборуваат нешто што јас не го разбирам.
„Христос е љубов, радост и мир“ – ако тоа е така, тогаш тоа не го мислат македонските христијани, барем не оние „побожните“ кои се собраа на плоштадот и со насилство се пресметаа со оние кои беа против изградбата на црквата на плоштадот.
„Господ ќе го уништи вашиот собир, затоа што тој е на наша страна“ (парафраза)
Ако тоа е така, тогаш не видов ангели кои ги растеруваат луѓето што не се согласуваат со вас. Напротив, видов дизелаши кои беа спремни, на една sms порака или повик, да улетаат и до крај го уништат собирот на оние кои се противат на градењето на црквата. Јас лично гледав како луѓето кои се собраа во протест против изградбата на црквата на плоштадот, откако растурени со насилство и повлечени на тревникот карши МЕПСО, беа опколени со добро позиционирани „набљудувачи“ со јакните увлечени во панталони.
[/лично]
Не навлегувам кој го организирал протестот. Очигледно е дека различни типови на луѓе се здружија да протестираат против архитектонското кич нарушување на градот мотивиран од повеќе идеолошки точки. Едно е јасно, во отсуство на современи идеи за уредување на центарот на градот (па и градот воопшто), централните и локалните власти посегаат по тоа што тие го знаат – стереотипи за „големи зданија“.
Во отсуство на една систематизирана историографија за поновото време и тотална неписменост за тоа што се случувало помеѓу историските приказни по учебниците кои завршуваат во 1945 и денешницата, идеите можат да се развијат само до ниво на големите приказни од почетокот на 20тиот век а тоа се: „народниот херој“, „ослободителната борба“ и „народното остварување и зачувување“. Затоа е и целата приказна со „хунзи“, „генетика“, „Александар Велики“, „предавници“ и сл. Во отсуство на идеи за сегашноста, тука некаде логична е и идеата за „црква на плоштад“. Да биде сето тоа иронично, целиот тој историски фетиш како да потекнува во голема мерка и од несвесноста за „сегашната историја“ – тоа што во овие времиња се случува. Тие и не се свесни дека некој нешто работел тука во изминативе повеќе од 50 години. Историјата како да им завршува со партизаните.
И сега мотивот кој е? Да се изгради ново Скопје по стар урнек? Каква е таа кич митологија?
Многу луѓе се песимисти после она што се случи денеска. Глупаво би било јас сега тука да се радувам, но тоа што можам да кажам е дека оние кои се обидоа, и успеаја да го уништат протестот денеска, фактички го направија протестот повеќе од тоа што можеше да биде само како мирен протест. Да беше ова само мирен протест, задутре сите оние, кои не беа посебно мотивирани да се противат на изградбата на црквата на плоштадот, ќе заборавеа дека таков протест воопшто се случил.
Но вака, се галванизира јавното мислење, се мобилизираат активисти и утре организациите стануваат посилни. Ако не оваа, посилна ќе биде некоја друга организација. Утре, знаејќи дека полицијата неможе да ги заштити, тие ќе научат како самите да се заштитат. Сега ќе се зборува за овој протест подолго време а за некои ќе остане ако историски датум без разлика дали е „почеток на крајот“ или „крај на почетокот“ на македонската демократија.
Ако некој мисли дека може на долг рок да го спречи слободното мислење – тој се лаже. Тоа е авторитарната замка која никако авторитарните умови да ја запамтат. Таквата политика не успева. Таквиот притисок ја контекстуализира притиснатата група по определено прашање а механизмот за самоодбрана и сензибилизација за темата само се изострува.
Но да се вратам на неколку конкретни моменти.
1. „Шиптари, шиптари…“ : Ова морам да признаам дека одамна го немав слушнато. Барем не од 2001 година. Е сега… јас не одам по фудбалски натпревари – можеби таму е тоа нормално. Но, откако првпат кога го видов ова, ми падна малку смешно по својата „анахроност“, но подоцна ме загрижи таа анахроност. А кога сум веќе кај навивачките групи, ако убаво ги разгледате видеата, ќе видите дека тоа се такви типови. Така и навиваат – спремно и во формација. А поголемиот дел од тие типови се во секое општество фашистичкиот елемент. Оние кои го следат јавното мислење и проблемите поврзани со „толпа“ веднаш ќе ја воочат директната поврзаност.
2. Наводно ќе бидат казнети оние кои го организирале протестот против градење на црква на плоштадот, а луѓето кои „спонтано“ од други градови и со знамиња се собрале немало да бидат казнети. Јас сум организирал неколку настани од кои неколку и протести и секогаш сум ги најавувал во полиција. Но ова, за жал, ќе биде лоша лекција за понатаму. Наместо да се погледне во содржината, власта имплицитно ќе ги научи групите дека не треба да ги пријавуваат протестите за да можат да се заштитат ако нешто тргне наопаку. Зошто мисли власта дека оние кои се ранливи од посилниот ова нема да го научат?
3. Тоа што го просведочив и тоа што јасно може да се види од снимките е дека полицијата малку се трудеше некого да заштити. Ова е лошо сценарио. Тоа покажува дека власта неможе да одржи ред, ниту да ги заштити граѓаните ако се доведени во опасност слободно да го искажат своето мислење. Дали тоа е намерно или не, неможам да тврдам, но да се овозможи или да не се спречи некаква „параполиција“ да ги средува неистомислениците е крајно опасно.
За крај, дали е ова конечно демократската пролет на Македонија или уште еден чекор кон авторитарно општество. Зависи дали си оптимист или песимист. Мене ми е најкомотно како циник… што би рекол Вуди Ален – за мене чашата е полуполна, ама со отров.
Резултатите се такви какви што се. Тоа што мене ми фати око е споредбата помеѓу анкетите и фактичките изборни резултати за претседател на државата. Нормално, ќе се дебатира за отстапувањата и распоредот на кандидатите, но веројатно е дека сите ќе најдат доволно добро објаснување за грешките. Во просек – ниту една организација значајно не ги утнала резултатите, а ИДСЦС излегоа со најмала грешка.
Но сите агенции значајно ја промашија проекцијата за излезност на гласачите. Процентот на излезени гласачи, според последните неофицијални извори на Државната изборна комисија се движи околу 58%. Најконзервативната проценка за излезност која некоја од агенциите ја пласираше пред избори беше излезност од 67% што е значајна разлика од фактичкиот резултат. Ако се има предвид дека ова отстапување се појавува кај сите, тезата која се наметнува е дека дел од оние кои на анкетите се изјасниле – не излегле на избори. За да го прибележат овој ефект, истражувачите ќе треба да вградат во своите прашалници нови променливи, за да можат да ги разликуваат сигурните од несигурните гласачи.
Како и да е, најзначајниот заклучок кој може да се изведе од постоечките резултати е дека состојбата регистрирана и од почетокот на февруари, не се разликува значајно од фактичките резултати на изборите. Промените и разликите кои агенциите ги регистрираа се најверојатно дел од статистичките грешки, отколку реални промени на гласачките преференци. Тоа и се покажа на избори.
Што тоа значи?
Целта на секоја политичка кампања е мобилизирање на неопределените гласови. Успешната кампања ќе привлече дел од неопределените и тие ќе излезат на гласање. Тоа во Македонија не се случи. Гледано на национално ниво, гласачите кои пред почетокот на изборната кампања биле неопределени, останале неопределени и не излегле на гласање. Кампањите не успеале да ги привлечат. Тоа е неуспех за секоја кампања, гледано од аспект на изборниот процес. Можеби некој од кандидатите имал друга агенда со тоа што излегол на избори, но тоа не е дел од оваа анализа.
Ниту една кампања не успеа да привлече значајно поголем број на гласови за себе во текот на предизборието. Значи, да скратам, сите милиони евра кои се потрошија овие избори на кампањи (а лимитот за трошоци оваа година пропишан со закон се зголеми) се залудно потрошени пари.
Честитки до земјоделците. Ако веќе системот не е на твоја страна – смени го системот!
Јас апсолутно ги поддржувам земјоделците кои се одлучија да ја окупираат млекарата Swedmilk. Секако, тие наплатата треба да ја бараат и на суд па извршителите да можат на сила да го наплатат долгот. Ако тоа не им успее – следен објект за окупирање веројатно ќе им биде една зграда на ул. Илинденска.
Во отсуство на видливо функционирање на политичкиот систем, луѓето ќе почнат да ги превземаат работите во свои раце. Можеби тоа е единствениот начин како се учи демократија и освојува слободата. Тоа што властите, сите овие години не го разбираат е дека луѓето имаат инстинкт да се одбранат, па ако системот не ги згрижува, тогаш, на крајот, тие ќе го променат системот. Таа плима не се запира.