Archives for category: телевизија

И додека сериозно се соочуваме со можноста во Скопје да се „населат“ 300 „даблдекери“, па уште и како што се шушка – преработени да изгледаат како од старото Скопје (а веројатно кондуктерите ќе изгледаат ко Павле Вујисиќ а возачите ќе се викаат Мишко), Top Gear, супер кул емисијата на BBC која верно ја следам, се здаде во потрага на најдоброто автобуско решение за Лондон. Јас би рекол, да не измислуваме топла вода – тоа што според тројцата мудреци од Top Gear е добро за Лондон, веројатно е доволно добро и за Скопје.

Вчера на Зебра Лајф тема беше: „Дали државата ја штити интелектуалната сопственост?“.

Уште еднаш новинарите се прославија со: тенденциозно водење, лоша подготвеност, дезинформации…

Дезинформација: Во рамки на репортажа за пиратски софтвер, беа прикажани и GNU/Linux + KDE + OpenOffice.org, што е целосна дезинформација. Овие софтверски продукти ја даваат целосно слободата за редистрибуција.

Лоша подготвеност: Еднаш кога сакав да набавам неколку филма за едукативни потреби од Манакифилм, ми рекоа дека во мојот случај би направиле исклучок, бидејќи тие ја продаваат само целосната колекција во едно парче а не одделни филмови. Интересно би било како луѓето од ова претпријатие, кои толку остро ги напаѓаат „пиратите“, би ја објасниле оваа нефер стопанска практика забранета со закон. Значи, ако јас сум видеотекар, и сакам да дистрибуирам филмови „легално“ и би сакал тоа да биде титлувано на македонски, не ми останува ништо друго освен да ја купам целата колекција што ја има издавачот на филмот кој ми треба. Ова ме води кон третата точка…

Тенденциозност: Никој од редакциската екипа не се потрудил да ја согледа другата страна од т.н интелектуална сопственост и да повика гости кои се спротивставуваат на сегашното сфаќање на авторските права и нудат алтернативни решенија и перспективи.

Тажното е во тоа што еден од гостите беше Неда Здравева од Правниот факултет, вклучена во прилагодување на Криејтив комонс лиценците на македонското законодавство, а која не најде за сходно да ги спомене и барем ги навести алтернативите. Но тоа е…

Аха… да… пирати се оние луѓе кои напаѓаат бродови на море, ги ограбуваат и ги убиваат патниците… 123

Денес, добив мејл од Марсел со следната содржина:

alan pavicic aka aka, nenad romic aka marcell mars, dobrica pavlinusic
aka dobrica i tomislav medak aka tomi govore o hakerima i hakerdomu
veceras u emisiji “na rubu znanosti”.. brijem da je to nasa tema, a i
bez veze je propustiti priliku za preseravanje…

Нормално, одма се координиравме и заедно со Дамјан и Новица (Игор извиси пошто му ја прекинаа Анатомија за почетнике добил подобра понуда), уз наргиле се нацртавме пред кутијата што живот значи и чекавме да започне „На рубу знаности“. Инаку тоа е емисија која гледам дека прилично луѓе ја следат овде…

Гости во студио беа Марсел и Ака, дел од размјена вештина која се случува секоја недела во Загреб и е пандан на она што овде си го нарекуваме „сподели знаење“. Како што и Марсел ни најави, тема беа хакерите, па така се дискутираше на неколку значајни теми од таа област… меѓу другите неодминлива и онаа за слободниот софтвер и слободната култура. Во принцип, тоа се двете централни теми во било каква дискусија за тоа што е „хакераштво“. Ми се допадна што веднаш се направи разлика помеѓу хакери и кракери… што мислам дека е многу важно. Преку прилозите се придружија и Томи и Добрица, кои објаснуваа за кептн кранч хакот на телефонијата и пробивањето на дивиди кодовите.

hakeri-na-rubu

Според тоа што Марсел ми го има пренесено, Мишко, уредникот на „На рубу знаности“ е поддржувач на идејата за хакерите и ова не е првата емисија каде се зборува за хакери и / или гикови. Тоа што мене ми е криво е што не постои некој во Македонските медиуми кој ќе ја земе посериозно темава и ќе ја разработи така како што водителот на оваа емисија одлично го имаше направено. Од досегашното искуство кај нас, овој проблем не бил така отворено третиран, а од она што било покриено, се кратки прилози за слободниот софтвер и локализација, барем од она што јас паметам.

marcell-na-rubu

Мене темата ми е неисцрпна, баш затоа што хакерите се феномен кој не е врзан исклучиво со компјутерите. Хакерскиот поглед на свет претпоставува поинакво или критичко доживување на реалноста и методи за деконструкција или илузија која ќе ни помогне, иако тоа можеби апсурдно звучи, подобро да разбереме како ја доживуваме и конструираме реалноста. Затоа нивните интрузии во секојдневното доживување се очигледни, политички некоректни (во позитивна смисла) па и чудни.

п.с. фала на Марсел за ендорсментот на „Слободен софтвер Македонија“ носејќи ја маичката…

Проблемот на современата демократија и слободна култура и живеење се одлучувачи кои живеат надвор од реалноста со половични погледи на свет.

Денес, од Ротари клубот во Скопје биле промовирани неколку спотови кои ќе се емитуваат пред определени програмски содржини кои ќе ги предупредуваат малолетниците кои содржини се соодветни за нив. Тоа во светот и не е нешто ново, но ете, стигна и кај нас. Нормално, пуританскиот Совет за радиодифузија со отворени раце ја пречека иницијативата од „елитните“ Ротаријанци.

Но, интересно е како се опишува ситуацијата во македонскиот етер. Канал 5, од каде ова го дознав, го опишува ова на следниот начин:

Секојдневно сме сведоци на дневни програми емитувани на телевизија, исполнети со насилство и порнографија. На удар на таквите програми е токму малолетната популација.

Јас претходно пишував дека насилството постои во голема количина во македонскиот медиумски простор. Дебатливо е како треба да се справуваме со насилството како слика во текот на развојот на малолетниците и воопшто луѓето.

Меѓутоа, од каде порнографија секојдневно на македонските медиуми. Порнографија најелементарно би се дефинирала како „содржина која цели кон сексуално возбудување“. Сигурен сум дека во очите на просечниот малолетник во пубертет, многу работи можат да му бидат возбудливи, но исто така мислам дека општеството не може секаква голотија или еротика да дефинира и подреди на порнографија.

Така, не ми е јасно каде ја гледаат новинарите, Советот за радиодифузија и Ротаријанците порнографијата по македонските медиуми. Таа, напротив е изрично забранета на сите јавни медиумски мрежи вклучително и кабелските. Значи, единствен начин како обичен малолетник да гледа порнографија на телевизија е ако дома има сателитска програма. Тоа, мора да се признае е простор кој семејството го уредува. Значи, што се однесува до „порнографија“, целата оваа кампања е неоснована, бидејќи, според постоечката регулатива – никогаш нема да биде емитувана.

Што е тогаш целта на оваа кампања?

По мене, овие политики имаат тенденција да го поедноставуваат светот и нудат прилично штура слика, оневозможувајќи алтернативни погледи. Честопати, една приказна се раскажува преку насилство и секс. Тоа се фактите на секојдневното живеење, а потребно е да се зборува за нив во текот на социјализацијата на младите. Отсега, општеството тие приказни ќе ги обележува како несоодветни, а тоа е врата која честопати ќе помага промоција на мејнстрим поглед на свет и ќе оневозможува алтернативни и честопати критични погледи на реалноста која не опкружува.

Еве една компарација. Во прва година средно, малолетниците се соочуваат со „Пеколот“ од Данте Алигери. Ако се оддалечите од општата прифатеност на оваа книга, ќе сфатите дека е тоа грозоморна слика за кралството на Ѓаволот, исполнето со убијци и блудници, издајници и неверници. Сликите што ги пее Данте се честопати и вознемирувачки. Меѓутоа, таа критика која поетот ни ја нуди, останала запишана како едно од најголемите достигнувања во светската книжевност, па ние им ја нудиме на нашите малолетници за да можат да изведат некоја поука од стиховите на Алигери.

Но, што би се случило со „Очи ширум затворени“ од Стенли Кјубрик. Несомнено, филмот е одличен и прифатен. Но како ќе го обележи Советот за радио дифузија. Во САД тој бил обележен со R што ако не се лажам, значи дека не смеат да го гледаат малолетници. Така, додека филмот поставува неколку интригантни прашања за кои вреди сите ние да се замислиме, а во некоја крајна мерка ја критикува сексуалноста, пуританското општество не ја сака таа критика а филмот го чита како „секс сцени и користење дрога“.

И пак си го поставувам прашањето. Јас постојано очекувам, кога на кабелска ги гледам тие телоп-предупредувања, да го видам црното знакче, кое ќе го најави порничот. Напротив, што помала рестрикција тоа ми се помали очекувањата за добар филм.

Дополнување:

Еден од промоторите на оваа кампања и политика е режисерот Александар Поповски. Се надевам дека тој ќе се противи кога малолетници ќе отидат да гледаат некоја од неговите претстави кои вклучуваат секс и насилство или дека барем ќе стави еден постер каде ќе ги предупреди децата.