
Вчера на Зебра Лајф тема беше: „Дали државата ја штити интелектуалната сопственост?“.
Уште еднаш новинарите се прославија со: тенденциозно водење, лоша подготвеност, дезинформации…
Дезинформација: Во рамки на репортажа за пиратски софтвер, беа прикажани и GNU/Linux + KDE + OpenOffice.org, што е целосна дезинформација. Овие софтверски продукти ја даваат целосно слободата за редистрибуција.
Лоша подготвеност: Еднаш кога сакав да набавам неколку филма за едукативни потреби од Манакифилм, ми рекоа дека во мојот случај би направиле исклучок, бидејќи тие ја продаваат само целосната колекција во едно парче а не одделни филмови. Интересно би било како луѓето од ова претпријатие, кои толку остро ги напаѓаат „пиратите“, би ја објасниле оваа нефер стопанска практика забранета со закон. Значи, ако јас сум видеотекар, и сакам да дистрибуирам филмови „легално“ и би сакал тоа да биде титлувано на македонски, не ми останува ништо друго освен да ја купам целата колекција што ја има издавачот на филмот кој ми треба. Ова ме води кон третата точка…
Тенденциозност: Никој од редакциската екипа не се потрудил да ја согледа другата страна од т.н интелектуална сопственост и да повика гости кои се спротивставуваат на сегашното сфаќање на авторските права и нудат алтернативни решенија и перспективи.
Тажното е во тоа што еден од гостите беше Неда Здравева од Правниот факултет, вклучена во прилагодување на Криејтив комонс лиценците на македонското законодавство, а која не најде за сходно да ги спомене и барем ги навести алтернативите. Но тоа е…
Аха… да… пирати се оние луѓе кои напаѓаат бродови на море, ги ограбуваат и ги убиваат патниците… 1 – 2 – 3
Даница Радовановиќ е автор на блогот Белград и понатаму. Пред неколку дена, на листата на iCommons почна да крева галама како некој и го „крадел“ блогот и го прикажувал како негов. Побара совет на таа мејлинг листа.
Лошо место одбра, бидејќи повеќето на мејлинг листата беа приврзаници на идејата за слободна култура, отворени содржини и споделување идеи.
Како и да е, нејзиниот гнев што некој „ја краде“ ја одведе до DMCA, провајдерот на узурпаторот и кај се не.
Но, типот кој ја „краде“, е практично активист, кој креира прокси за да можат кинезите да ги заобиколат комплицираните филтри кои го цензурираат Интернет во НР Кина. Да биде уште поинтересно, типот не ја заобиколил лиценцата која авторот на блогот ја дал. А за да биде трагично, некои луѓе открија дека авторот вовел порестриктивна лицена дури откако видел дека некој го отсликува нејзиниот блог на друго место на интернет.
И покрај тоа, од вчера или денес, веројатно поради галамата која Даница ја крена, провајдерот на „узурпаторот“ го симна проксито од интернет под притисок на Кинеските власти. Тажно е што еден човек, што помогна тоа да се направи, сеуште не ја сфаќа позитивната страна на активностите на „узурпаторот“. Но, ќе ја чекаме во Дубровник… мислам дека не треба да се надева на гостопримство на пријателски насмевки.