Archives for category: слободна култура

Шчо напраифме?

Долгоприготвуанит и многоочекуанит хаклаб напоследок излезе на јава. Нашите другари си покажаа сета jунашчина и готовност да се пожртвуат за интересите на својот хаклаб. Борбата беше и јет отчајана.

Но главно, ке се поможит на нашијот народ со културно работајн’е, а нај поеке со просветуајн’ето.

[/Крсте]

На 17.10.2009 заедницата на корисници на слободен софтвер ќе си добие свој културен простор, свое катче… свој хаклаб.

Што тоа значи?

Веќе подолго време, таков простор беше стремеж на неколкумина посветени активисти, кои свесно или несвесно, и во соработка со поширок круг на луѓе ја изградија агендата на заедницата на корисници на слободен софтвер во Македонија, која уште од самите почетоци беше посветена на ентузијастичка промоција и ширење на вредностите кои ги застапува движењето за слободен софтвер. Подоцна, во активностите се инкорпорираше и идејата за слободна култура.


сподели знаење во претходниот простор

Овие идеи, низ низа активности на заедницата, но и на „Слободен софтвер Македонија“ на крајот се сретнаа во нешто што го нарековме „Сподели“, кое претставува множество на активности, за почеток „Сподели знаење“ и „Сподели кино“. Токму тие активности не натераа да ја заокружиме приказната околу хаклабот и да се обидеме да го обезбедиме. Тоа и се случи.

сподели + знаење = заедница (статија во глобус)

сподели + знаење = заедница (статија во глобус)

Тоа што е интересно е што на крајот, после низа обиди да обезбедиме финансии од донатори, хаклабот го обезбеди заедницата на ентузијасти. Едно големо благодарам до сите оние кои помогнаа.

Што ќе се прави понатаму?

Хаклабот ќе биде место на еманципација. Место каде што ќе може да се научи како да се користи слободна технологија и како понатаму да се сподели тоа знаење. Таму веќе се случува „Сподели знаење“, бргу ќе се реставрира „Сподели кино“, а веќе, како што гледам, место нашле и иницијативи на други „технолошки интересни групи“ кои сакаат да одржуваат работилници, како Ruby групата на програмери.

Точка - каде порано се одржуваа „Сподели“ активностите

Точка - каде порано се одржуваа „Сподели“ активностите

Мене лично, ми е криво што не сум таму да бидам кога сето ова ќе се случува. Но знам дека ќе заживее…

Организацијата во која работам – „Слободен софтвер Македонија“, повеќе од година дена во културниот центар Точка организира Сподели Кино. Во целото тоа време, откако Точка нема свој проектор, бевме принудени да се снаоѓаме и позајмуваме од пријатели. Но позајмувањето не секогаш ни гарантира дека проектор ќе најдеме и неколку пати настаните беа одложувани од тие причини.

Затоа, „Слободен софтвер Македонија“ се заложи да ги вложи сите пари кои ги има во купување проектор, но тие пари не се доволни. Отворивме страна каде луѓето би можеле да остават завет, колку пари сакаат да донираат, па кога ќе се собере сумата, ќе им пратиме мејл со упатства како да ги уплатат парите.

Настаните како Сподели Кино ги користиме за отворање на дискусија за теми кои мислиме дека имаат пошироко значење во 21. век па преку проекција на филмови, предавања и други видеа, се обидуваме да ги доближиме темите поврзани со слободна култура, a тоа најчесто значи крстосница помеѓу култура, политика, (нови) медиуми и технологија . Блог кој ги евидентира овие настани е Сподели знаење.

Јас заветував донација бидејќи мислам дека тоа што го работам заедно со колегите и заедницата на корисници на слободен софтвер има пошироко значење денес, во светот но и во Македонија.

Пред неколку месеци им пратив писмо на претставниците на Криејтив Комонс во Македонија прашувајќи ги зошто ја одбрале најрестриктивната лиценца за нивниот сајт. Сметав дека тоа е лош пример за авторите кон кои се обраќаат. Одговор никогаш не добив, а во меѓувреме проверив дека само уште Малезија ја користи истата лиценца.

Но тоа дали јас добив одговор е помалку важно, тоа што е значајно дека лиценцата е променета. Не знам кога точно се случило – јас го видов тоа денес. Новата лиценца е најмалку рестриктивна, односно највеќе слободна од сите лиценци од палетата на Криејтив Комонс.

Честитки до Метаморфозис.