Archives for category: скопје

Гордан Георгиев, во својата колумна во Утрински насловена „Нашето Скопје“ (внимавај! политички маркетинг), пишува за промената на културниот живот во градот. Накратко, тоа што тој го определува како „културно урнисување“ на градот, според него во најголема мера се должи на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Иако се согласувам дека актуелната конзервативна власт во таа смисла има свој печат (кој не треба да се игнорира) и на културниот живот, сепак мислам дека одговорот треба да се бара на друго место.

Размислете. Оваа година полнолетна стана генерација која е родена во 1990тите, значи без никаква меморија на 1980тите. Не правам нормативна квалитативна разлика помеѓу периодите, туку само потсетувам на фактот дека новите генерации своите херои ги има во транзицијата. Новите вредности се поинакви, не неопходно многу полоши, но со поинакви ефекти, вкусови, потреби итн. Сите кои што читам како, во последно време, коментираат за „падот“ на културниот живот се или во своите доцни 20ти или во рани 30ти. Значи, родени најдоцна на почетокот на 80тите, во едно друго време. И повторно, не навлегувам во тоа дали тоа време било подобро, туку само потенцирам дека било поинакво и сеќавањата од тое време, за голем дел од тие генерации, биле некаков фактор во обликувањето и на културниот живот.

А инаку се сложувам со Гордан, дека на Скопје му фали Brick Lane. (иако е калдрма ;-) Меѓутоа, тоа е маргинален проблем на културниот живот во Скопје… а на градот (и на Републиката) и требаат слободарски принципи врз база на кои ќе се креираат политиките, меѓу другите и културните. Така, негувањето на маргиналните култури нема да биде резултат на ад-хок волјата на некој добронамерен политичар, туку резултат на систем во кој тие самите лесно ќе се репродуцираат. Еден таков принцип е негување на слободни зони, во Скопје и во републиката, кои локалните власти (или државата) ќе ги дадат на користење на различни здруженија и иницијативи. Таквите локации можат да послужат како автономни или алтернативни точки каде оние кои сакаат да бидат поинакви ќе можат да си најдат свои истомисленици. Градот Пула, на пример, се откажа од огромна касарна во центарот на градот и ја подари на фолклорни друштва, невладини организации, хакери, металци и панкери. Една таква активност мислам дека би била добар почеток, за СДСМ или ДПМНЕ, таму каде што имаат влијание, да создадат потенцијал за културен плурализам кој ќе се создава „од долу“. Носталгијата е непотребна, бидејќи Скопје, за добро или лошо, никогаш нема да биде ист. Градовите се менуваат – тие така живеат.

Граѓаните на Скопје позитивно ја примија одлуката да им се врати калдрмата на градскиот плоштад. Се разбира, откако:

    Добија брз трамвај и разработена мрежа;
    Градските власти купија 5000 велосипеди;
    Градската библиотека стана најголема на Балканот;
    Универзитетот во Скопје стана едукативен центар на регионот;
    Театрите во Скопје добија буџет да се реновираат и купат нова опрема;
    Освен во „Рамстор“, „Фросина“ и „Кинотека“, филмовите се вратија на големите платна во „Центар“, „Култура“, „Напредок“, „Бамби“…;
    Се изгради уште една концертна сала;
    Градот го реши проблемот со депониите и почна да рециклира;
    Градот почна да произведува енергија од ѓубрето што го собира;
    Престана да има огромни загуби на вода во дистрибутивниот систем до граѓаните;
    Наместо на споменици за минатото, парите ги троши на култура ориентирана кон иднината;
    .
    .
    .

Да бидам јасен – повеќе ја сакам калдрмата од плочите, ама кога штетата е веќе направена, дајте малку осет за приоритети.

Шчо напраифме?

Долгоприготвуанит и многоочекуанит хаклаб напоследок излезе на јава. Нашите другари си покажаа сета jунашчина и готовност да се пожртвуат за интересите на својот хаклаб. Борбата беше и јет отчајана.

Но главно, ке се поможит на нашијот народ со културно работајн’е, а нај поеке со просветуајн’ето.

[/Крсте]

На 17.10.2009 заедницата на корисници на слободен софтвер ќе си добие свој културен простор, свое катче… свој хаклаб.

Што тоа значи?

Веќе подолго време, таков простор беше стремеж на неколкумина посветени активисти, кои свесно или несвесно, и во соработка со поширок круг на луѓе ја изградија агендата на заедницата на корисници на слободен софтвер во Македонија, која уште од самите почетоци беше посветена на ентузијастичка промоција и ширење на вредностите кои ги застапува движењето за слободен софтвер. Подоцна, во активностите се инкорпорираше и идејата за слободна култура.


сподели знаење во претходниот простор

Овие идеи, низ низа активности на заедницата, но и на „Слободен софтвер Македонија“ на крајот се сретнаа во нешто што го нарековме „Сподели“, кое претставува множество на активности, за почеток „Сподели знаење“ и „Сподели кино“. Токму тие активности не натераа да ја заокружиме приказната околу хаклабот и да се обидеме да го обезбедиме. Тоа и се случи.

сподели + знаење = заедница (статија во глобус)

сподели + знаење = заедница (статија во глобус)

Тоа што е интересно е што на крајот, после низа обиди да обезбедиме финансии од донатори, хаклабот го обезбеди заедницата на ентузијасти. Едно големо благодарам до сите оние кои помогнаа.

Што ќе се прави понатаму?

Хаклабот ќе биде место на еманципација. Место каде што ќе може да се научи како да се користи слободна технологија и како понатаму да се сподели тоа знаење. Таму веќе се случува „Сподели знаење“, бргу ќе се реставрира „Сподели кино“, а веќе, како што гледам, место нашле и иницијативи на други „технолошки интересни групи“ кои сакаат да одржуваат работилници, како Ruby групата на програмери.

Точка - каде порано се одржуваа „Сподели“ активностите

Точка - каде порано се одржуваа „Сподели“ активностите

Мене лично, ми е криво што не сум таму да бидам кога сето ова ќе се случува. Но знам дека ќе заживее…

Дарт Вејдер, со партиска книшка на една македонска политичка партија, но и имател на империјално државјанство и пасош, е незадоволен со начинот на кој неговиот лик и дело е третирано во македонската енциклопедија.

Според извори блиски на „Швечер“ Дарт, или Ане за пријателите, е лут затоа што не му бил посветен ниту еден ред во текстот и покрај тоа што тој цело време ги застапувал македонските интереси пред Императорот, и покрај противењето на Џорџ Лукас (по извод од матични Јоргос Лукос).

Во своето писмо до МАНУ, тој додава и дека е загрижен поради изоставањето на Евоксите, како докажана антимакедонска структура. Имено, тие цело време ги затнуваат тушевите, поради тоа што не ги чистат влакната после туширање.

МАНУ се извини за ова и мешана македонско-империјална комисија во академско-ситовски состав ќе работи на исправање на грешките.