Шчо напраифме?
Долгоприготвуанит и многоочекуанит хаклаб напоследок излезе на јава. Нашите другари си покажаа сета jунашчина и готовност да се пожртвуат за интересите на својот хаклаб. Борбата беше и јет отчајана.
Но главно, ке се поможит на нашијот народ со културно работајн’е, а нај поеке со просветуајн’ето.
[/Крсте]
На 17.10.2009 заедницата на корисници на слободен софтвер ќе си добие свој културен простор, свое катче… свој хаклаб.
Што тоа значи?
Веќе подолго време, таков простор беше стремеж на неколкумина посветени активисти, кои свесно или несвесно, и во соработка со поширок круг на луѓе ја изградија агендата на заедницата на корисници на слободен софтвер во Македонија, која уште од самите почетоци беше посветена на ентузијастичка промоција и ширење на вредностите кои ги застапува движењето за слободен софтвер. Подоцна, во активностите се инкорпорираше и идејата за слободна култура.
Овие идеи, низ низа активности на заедницата, но и на „Слободен софтвер Македонија“ на крајот се сретнаа во нешто што го нарековме „Сподели“, кое претставува множество на активности, за почеток „Сподели знаење“ и „Сподели кино“. Токму тие активности не натераа да ја заокружиме приказната околу хаклабот и да се обидеме да го обезбедиме. Тоа и се случи.
Тоа што е интересно е што на крајот, после низа обиди да обезбедиме финансии од донатори, хаклабот го обезбеди заедницата на ентузијасти. Едно големо благодарам до сите оние кои помогнаа.
Што ќе се прави понатаму?
Хаклабот ќе биде место на еманципација. Место каде што ќе може да се научи како да се користи слободна технологија и како понатаму да се сподели тоа знаење. Таму веќе се случува „Сподели знаење“, бргу ќе се реставрира „Сподели кино“, а веќе, како што гледам, место нашле и иницијативи на други „технолошки интересни групи“ кои сакаат да одржуваат работилници, како Ruby групата на програмери.
Мене лично, ми е криво што не сум таму да бидам кога сето ова ќе се случува. Но знам дека ќе заживее…







