Archives for category: како да?

Последните неколку дена, има експлозија на дискусии во Веб 2.0 сферата околу правата на хомосексуалците (некогаш проширена и за бисексуалците и трансродовите личности) каде, нормално, се соочуваат оние кои се „За“ промоција на правата и оние кои се „Против“.

Киберкотле дојде до ексклузивниот водич кој го користат оние кои се „Против“. Ви го објавуваме делот посветен на „толеранција“:

Толеранција е термин кој педерите го користат за да се повикуваат на некои си тамо права. Меѓутоа, толеранција не е почитување на права. Толеранција е не-тепање на педерите се додека не ги гледаме и се додека се кријат. Бидете внимателни како го употребувате ова. Еве една ситуација:

Педерот: Ама на луѓето им се загарантирани некои права нели?

На ова најлесно се одговара со: И јас имам права. Јас ништо не ти правам. Но ти сакаш да ми ги прекршиш моите права и почнеш јавно да се љубиш со дечко ти.

На ова педерот може да ти одговори: Ама и ти се љубиш со девојка ти јавно, зошто јас да не можам со дечко ми?

Тука имате можност дополнително да ја дефокусирате дискусијата:

1. Бидејќи и јас имам права и неќам некој да ми мафта со својата сексуална ориентација; (овој одговор иако делува дека не поминува секогаш најдобро, неговото упорно повторување е добар начин како дискусијата да се вовлече во бесконечен круг)

2. Бидејќи, ради амбасадорите присутни во земјава не е модерно да се кажува вистината, дека е гнасно тоа што го прават и ќе горат во пеколот, многу добра стратегија е да се дефокусира темата и се спомене мало дете (машко дете е поефективно без разлика дали е синче или роднина). Било каков апел за општествена акција да се заштити нивната невиност секогаш го грее срцето на оние кои се согласуваат со вас. Реченици од типот „не сакам мојот син да гледа машки фатени за рака во парк“ е добар начин како да се воведе дискусијата во таква дигресија.

[...]

Многу е важно како да ја заокружите дискусијата и и дадете поширок општествен контекст. Сите знаеме дека најдобри другарчиња на педерите се наркоманите па според тоа употребувајте ги тие паралели. Добра реченица за крај секогаш содржи некаква желба за иднината, од типот:
„Ако немаме по што да се водиме кој знае кај ќе ни биде крајот. Не сакам Скопје да стане Амстердам“.

Има нешто чудно во градов Лондонски…

Знам дека сум во некаква заблуда, ама приметив една интересна работа:

Додека се возиш со автобус во Лондон, одеднаш автобусот може да застане на една од станиците, да ги отвори вратите и да не продолжи. Не ми е јасно зошто ова се случува… една од претпоставките е дека неколку-часовната смена на возачот завршила и сега тој не смее (во смисла на тоа дека долго време возел) да продолжи понатаму. Ако таа моја претпоставка е точна, тоа е поради тоа што (1) не треба да вози повеќе од икс часови дневно и (2) ако вози повеќе од икс часови дневно, тоа значи дека е преморен и ги доведува патниците во опасност.

На крајот на краиштата – не е битно дали е така како што јас како новајлија во овој град мислам дека се случува – интересен е односот што луѓето го имаат кон таков „прекин на услугата“. Никој не е робот, па секогаш се слуша незадоволното „ах“ ама луѓето се помируваат со таа реалност и тргнуваат да го бараат следниот автобус. Слично е и во метрото, кога луѓето се потсетени дека возот ќе им доцни, поради разни причини (една од нив е ‘due to a person under a train’)… никој неќе да доцни, ама сите после иницијалното „ах“ продолжуваат понатаму.

Тоа ме потсети да подразмислам за функцијата на градот и на односот на луѓето кон „градот како комплекс“. Да живееш во метропола не е лесно. Тоа што е битно е да ја сфатиш комплексноста и меѓузависноста на повеќето работи кои го сочинуваат градот. Една од тие работи е јавниот транспорт, иако приказната не завршува само таму. Имам чувство дека некои луѓе во Скопје не го сфаќаат градот како „комлекс“ на повеќе луѓе. Не сакам да промовирам конформизам, но комплицираните системи како градовите (и воопшто било која човечка заедница) сепак значат перспектива која го гледа човекот само како „делче во системот“, но тоа што е побитно, тие комплицирани системи ги упатуваат луѓето едни на други. Да не се биде нервозен кога автобусот одеднаш ќе ти застане, е некаква свест дека и возачот има свои лимити, дека и покрај тоа што тој автобус застанал и прекинал да ме вози, претходно пренел стотици патници на своите дестинации, па и немам причина зошто да се лутам.

Ова ме води на вториот (и пократок) дел од приказната, а тоа се „омразените“ вежби за безбедност при пожари. Досега ги „извежбав“ два пати, и тоа еднаш во студентскиот дом и еднаш на школо. Додуша, една од двете „вежби“ фактички и не била вежба, туку вистински аларм предизвикан од „спреј за коса“ (не ме прашувајте зошто – не знам).

Свесен сум дека вежбите се веројатно поради осигурителните компании, но не би можел да аргументирам зошто не би требало да ги има. Да, вежбите одземаат 30 минути од денот, ама изолирано од пошироката слика, тие вежби ги учат луѓето како да се спасат при пожар. Тоа некако ме потсети на некои „играрии“ од „дневен престој“ на крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите кога се вежбаа трикови за ургентни ситуации како земјотрес, пожар, „атомски с десне“ и слично. Ах, тоа беа времиња. ;-) Можеби сега сме слободни, ослободени од страв и редовни замарања со против-пожарни вежби во Скопје, но дали тоа е поради тоа што некој одлучил дека тоа „непотребно замара“ или очигледно на никому не му е гајле за луѓето, посебно во масовни живеалишта, како студентските домови во Скопје на пример.

Шчо напраифме?

Долгоприготвуанит и многоочекуанит хаклаб напоследок излезе на јава. Нашите другари си покажаа сета jунашчина и готовност да се пожртвуат за интересите на својот хаклаб. Борбата беше и јет отчајана.

Но главно, ке се поможит на нашијот народ со културно работајн’е, а нај поеке со просветуајн’ето.

[/Крсте]

На 17.10.2009 заедницата на корисници на слободен софтвер ќе си добие свој културен простор, свое катче… свој хаклаб.

Што тоа значи?

Веќе подолго време, таков простор беше стремеж на неколкумина посветени активисти, кои свесно или несвесно, и во соработка со поширок круг на луѓе ја изградија агендата на заедницата на корисници на слободен софтвер во Македонија, која уште од самите почетоци беше посветена на ентузијастичка промоција и ширење на вредностите кои ги застапува движењето за слободен софтвер. Подоцна, во активностите се инкорпорираше и идејата за слободна култура.


сподели знаење во претходниот простор

Овие идеи, низ низа активности на заедницата, но и на „Слободен софтвер Македонија“ на крајот се сретнаа во нешто што го нарековме „Сподели“, кое претставува множество на активности, за почеток „Сподели знаење“ и „Сподели кино“. Токму тие активности не натераа да ја заокружиме приказната околу хаклабот и да се обидеме да го обезбедиме. Тоа и се случи.

сподели + знаење = заедница (статија во глобус)

сподели + знаење = заедница (статија во глобус)

Тоа што е интересно е што на крајот, после низа обиди да обезбедиме финансии од донатори, хаклабот го обезбеди заедницата на ентузијасти. Едно големо благодарам до сите оние кои помогнаа.

Што ќе се прави понатаму?

Хаклабот ќе биде место на еманципација. Место каде што ќе може да се научи како да се користи слободна технологија и како понатаму да се сподели тоа знаење. Таму веќе се случува „Сподели знаење“, бргу ќе се реставрира „Сподели кино“, а веќе, како што гледам, место нашле и иницијативи на други „технолошки интересни групи“ кои сакаат да одржуваат работилници, како Ruby групата на програмери.

Точка - каде порано се одржуваа „Сподели“ активностите

Точка - каде порано се одржуваа „Сподели“ активностите

Мене лично, ми е криво што не сум таму да бидам кога сето ова ќе се случува. Но знам дека ќе заживее…

Дојде време да го пензионирам мојот Thinkpad z60t на определено време. Не дека нешто му фали (освен батерија) но ми треба нешто уште помобилно…

Enter the EEEPC 1000HE, еден од поновите нетбуци на Asus кој наводно издржува и до 9,5 часови без да го уштекате во струја. Инаку, како и кај сите нетбуци, конфигурацијата стандардна – Intel Atom процесор, 1 гига рам и сл… Овој нетбук користи ralink2860 wireless чипсет што е добро и лошо :-)

1000he-box

Да почнам од почеток…

Asus, како еден од поголемите промотори на Windows на нетбуци (а можеби и воопшто), се погрижи приказната со овој оперативен систем бргу да заврши. Производителот нуди и Gnu/Linux верзии на некои од своите нетбуци, но за жал, таква верзија за овој нетбук не постои. Како мое оправдувања зошто го купив овој, а не некоја линукс варијанта, си ги земам долготрајната батерија и испакнатите копчиња на тастатура, кои ќе им олеснат на моите подебелички прсти да пишуваат без многу мака.

Мене Windows не ми треба, но кога веќе сум го платил бев решен да го „заспијам“ во дуалбутот, и тоа без да ја прифатам лиценцата и фактички никогаш не го активирам Windows-от.

eula-before-we-continue

Иако ја одбив EULA-та на Мајкрософт, кога го стартував Ubuntu-то, видов дека Asus распослале глупости низ повеќе партиции. Ако не се лажам, на 3 партиции имаше околу 13 гигабајти веќе употребени. Одеднаш, „заспивање“ на Windows стана претешко. Толку беше моето дружење… со Windows. Партициите на Asus отидоа… и на нетбукот се насели Ubuntu 9.04 Netbook Remix.

Ubuntu 9.04 NR на EEEPC 1000HE во неколку чекори:

1. го симнувате .img фајлот и го снимате на претходно испразнето usb стикче (или sd картичка), освен ако ете баш сакате да си ги изгубите податоците.

2. Проверете го интегритетот на симнатиот имиџ преку md5sum проверка. Во Gnu/Linux отприлика оди вака:
md5sum фајлот
Нормално, сумите треба да се совпаѓаат со специфичната сума на конкретниот фајл која можете да ја најдете тука.

3. Не знам за Windows, но откако ќе го симнете потребно е да го запишете имиџот на usb стикот. Во Gnu/Linux најбргу си ја завршувате работата со:
dd if=патека до фајлот of=уред (најчесто /dev/sd(x))
За снимање повеќе инфо тука.

4. При бутирање, изберете го стикчето да бутира прво. Така ќе се покрене Ubuntu-то и понатаму е лесно :-)

ubuntu-remix

Отприлика, сите работи функционираат од почеток, па и bluetooth-от. Единствен видлив проблем беше нефункционалноста на wireless уредот, односно неможноста да се поврзе на мрежа. Проблемот е уредно документиран на интернет, а јас најбргу го решив проблемот инсталирајќи претходна верзија на драјверот, практично заменувајќи ја онаа која доаѓа по дифолт со 9.04.

Јас прибрав debian пакет од:

http://www.array.org/ubuntu/dists/intrepid/eeepc/binary-i386/rt2860-dkms_1.7.1.1_all.deb

Го „избришав“ новиот баговит драјвер:

cd /lib/modules/2.6.28-11-generic/kernel/drivers/staging/rt2860/

sudo mv rt2860sta.ko rt2860sta.bak

И го инсталирав новиот драјвер. За оние што почнуваат во Ubuntu – само кликнете на фајлот, понатаму ќе сфатите што сакате да правите.

Сега системот е „скоро“ среден. Останува да го стишам уште малку, дискот е побучен од оној на Thinkpad-от и тука неможам ништо да направам, но постојат скрипти кои добро менаџираат со функционалноста на хардверот. Дополнително, овој нетбук има мултитач тачпед кој не работи по дифолт со графичкиот сервер во Gnu/Linux и потребно е дополнително да се подеси.

За добро, немам што уште да додадам – хардверот кај сите нетбуци е скоро ист, а конструкцијата на овој нетбук делува цврсто.

Тоа што е лошо е што нема трекпоинт, а јас како неколкугодишен корисник на таа направа, осеќам дека ќе имам проблеми да се привикнам на тачпед, кој е инфериорна направа за покажување и според брзина и според ергономија.

Десниот shift е премал, и веројатно секому ќе треба подолго време да се привикне.

keyboard

Сеуште е рано да се каже колку овој нетбук може да биде добра екстензија на просечен гик… Читајте ми ги твитовите – ако се жалам, не го купувајте ;-)