Во врска со препородениот национализам во рамките на македонската нација, честопати ја слушам тезата дека ова се фази низ кои мораме да поминеме. Овој аргумент најчесто ја има смислата на „оправдување“ на национализмот, како „состојба“ низ која мора да се помине. Дали ова треба да значи нешто во стилот „прележување заушки во детство“ незнам, ама најчесто така ми звучи.
Меѓутоа, доколу за момент се заборави на имплицитното оправдување на национализмот при ваквиот аргумент, сепак остануваат прашања во врска со него. Првото прашање би било дали навистина сме скокнале било која фаза од „нашиот“ (македонскиот) национализам. Второто, и веројатно позначајно прашање во практична смисла е дали мораме да ги поминуваме, наводно скокнатите, фази на национализмот.
Првата дилема се однесува на аргумент развиен од идејата дека т.н. комунистички (или социјалистички) режими го „замрзнале“ национализмот за време на сопствената епоха, па пост-социјалистичките општества сега се соочуваат со тој рез. Меѓутоа, таквата концептуализација, инаку доста влијателна, денес во научните кругови се избегнува, бидејќи големо тело на докази го покажуваат спротивното. Меѓу другото, два влијателни (а јас би рекол и сосема различни) теоретичари на национализмот, Ѓерѓ Шопфлин (György Schöpflin) и Роџерс Брубејкер (Rogers Brubaker), релативно добро ја имаат опишано „љубовната афера“ помеѓу национализмот и „комунизмот“. На примерот на Југославија, доволно е само да се посочи дека концептуализацијата на федерацијата е базирана на национални премиси, па оттука Босна и Херцеговина нема конститутивен народ се додека не се формулира посебна заедница на Муслимани (подоцна Бошњаци итн).
За Македонија, тој период се одликува со стандардни појави при формулирање на нацијата, како стандардизација на јазикот, креирање на образовни инситуции и сопствена администрација (види Ернест Гелнер (Ernest Gellner) и Бенедикт Андерсон (Benedict Anderson) за општи теории), а во истиот, се формира и националната црква (денес сметана за важен фактор на „духот“ на нацијата), како и формулира националната историја итн. Во исто време, македонското национално градење на државата (во тоа време федералната република) не е оперирано од можностите да се асимилираат другите, потенцијално компетитивни етнички групи во општеството, што е една стандардна националистичка алатка. Така, стандарден јазик за комуникација е македонскиот, образованието (во најголем дел) е на македонски. „Социјализмот“, во таа смисла не бил неутрален кон етничките категории во формална смисла. Оттука, се чини проблематично да се означи тој период како „ледена коцка“ за македонскиот национален развој.
Но еве, доколку сме скокнале фази, дали е потребно да ги доживуваме, за да се исцелиме на крајот?
На ова прашање неможам да понудам објективен одговор. Од една страна, неодамнешната реконструкција на национализмот во нашето општество се чини дека креира одлични појави. Така, дуализмот во македонската политика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сега се поместува во дуализам помеѓу патриоти и предавници, мажи и жени, хетеросексуалци и хомосексуалци, побожни и атеисти, националисти и комуњари. Така, естаблишментот (кој и да е) веќе неможе да ја најде сопствената опозиција во определна партија, туку надвор, во цивилното општество. Таквиот конфликт е релативно добро распореден по оските на тоа што го подразбираме како имагинација за нацијата: спремноста да се гине за нацијата; нацијата како жена контролирана од мажи; моралната слика за нацијата. Денес, ако ја погледнете јавната дебата по горливите прашања, дискусијата се води помеѓу власта и оние „педесетина“ кои „Вечер“ ги нарекува дежурни демонстранти за се и сешто. Каде е тука СДСМ? Никаде. СДСМ е сведен на слика која и служи на власта за да проектира неморал врз јавната опозиција. Нереформираната партиска опозиција неможе да генерира вистинско спротивставување бидејќи се способни (ако воопшто се) да се соочат само со ВМРО-ДПМНЕ, а не со самите себеси. Најважното е што ниту едната ниту другата партија, на долг рок, сеуште не е спремна да прифати постоење на постојана (непартиска) граѓанска опозиција сместена во рамките на цивилното општество.
Партиите на страна, ако се прочепка подлабоко, ќе се види огромно опозициско творештво генерирано како реакција на национализмот од последните неколку години. Како веројатно никогаш претходно, социјалните мрежи на Интернет, и реакцијата на мобилизираниот национализам, почна да обединува креативни сили од општеството. Доволно е да се провери хаш тагот на Твитер „skopje-2014“ за да се види какви се сатиризации, интервенции, вицови, изместувања и слични субверзивни тактики вирално се раширија за само неколку часа по повод проектот „Скопје 2014“. Таквите активности зближуваат определена, релативно широка група на луѓе, која ако не ја карактеризира заедничка политичка идеологија, барем отсликува критичко размислување.
Меѓутоа, не би рекол дека сето ова има само оптимистичка страна. Напротив, национализмот од доцните 2000ти, има своја цена. Начинот на кој ќе ја „замислуваме“ нашата заедница влијае на тоа кој ќе биде „внатре“ а кој „надвор“ од телото на нацијата; како ќе ја концептуализираме историјата во нашата иднина; со каква политичка митологија ќе го дефинираме политичкиот дискурс итн. Поради ова, сметам дека е проблематично да го доживуваме (преживуваме) тоа што наводно било ускратено како развој на нацијата (ако воопшто ни било ускратено).
Пред некој ден, присуствував на едно предавање на London School of Economics во кое Даниел Широ (Daniel Chirot) се надоврза на истражување на Роџерс Брубејкер за Романија и примерот со градот Клуж. Имено, Клуж е центaр на Трансилванија населен со Унгарци (традиционално маркиран непријател во романскиот национализам), и иако постои имплицитна тензија помеѓу овие групи, а во Клуж со години се бира(л) ултранационалистички градоначалник, национализмот никогаш не се материјализирал во нешто сериозно. Ова не го давам како пример за некаква аналогија на потенцијален конфликт помеѓу Македонците и Албанците, туку се надоврзувам на заклучокот кој Широ го извлекува а тоа е дека факторите во Романија одлучиле да се посветат на иднината а не на минатото. Според него, европската перспектива на земјата била значаен фактор кој ги амортизирал потенцијалите за распламтување на национализмот.
Каде е тука Македонија? Немам намера некритички да ги бранам определбите за европска интеграција, туку ги ставам во контекст на замислување на иднината. Во таа смисла, учесниците во македонскиот политички процес, и оние кои го коментираат, предлагам да почнат да ја контекстуализираат Македонија во 2010 година, како држава во општество во кое треба да се решаваат современи проблеми на пристап на граѓаните до сервисите на администрацијата, здравство и образование, јавен транспорт, отворени граници, економска сигурност, владеење на правото и најважно од се, човекови права. Така, самиот факт дека сме 2010, налага скокање, синхронизација (или обид) со останатите. Како што „развивање на капитализам“ со (најмалку) 100 години доцнење не дозволува искористување на работниците како на почетокот на дваесетиот век (иако кај нас тоа се прави), така и концептуализацијата на нацијата не треба да ни биде анахрона. Наместо големите наративи од почетокот на минатиот век, потребно е да ја редефинираме државата како мултикултурен сервис, а најважно од се, да развиеме критички однос кон сопствената историја и митологија. На некој начин, потребно е и исмевање на минатото.



Не ја разбирам поентата на текстот?
Ако сме националисти тогаш како такви не признаваме други народи и етникуси што не е точно, ние признаваме.
Дали сакаме да влеземе во Европска Унија, сакаме и се стремиме кон тие вредности. Јас сакам!
Не разбирам каде е скопје2014 тука (што исто мислам дека е глупав проект, но би сакал таму да никне моја 10 денарка отколку во џебот на Милевска)
Добро позната формула. Сервирај национализам за успешна политичка кариера. Candy bars for the masses!!
Имаш право за нетот и социјалните мрежи. Нецензуриран медиум кој не е во сопственост на ниедна инволвирана страна.
Ако не сега, тогаш во иднина нетот би довел до маргинализација на политичките идеологии. Националистите да можат би го откачиле штекот од штекерот уште сега.
Ми се допадна текстов и мислам дека е убав пример на анлиза. Затоа го гласав на Пинг, каде што е и издвоен како препорачан – а ќе го линкувам и од другде.
@kapsarovb
национализмот не е само (не)признавање на други етноси
тоа што се бара од македонија 2010 (од мене барем) е граѓанска држава, република – а не купче племиња – и тоа бара многу повеќе од формално „признавање“.
@kapsarovb
поентата на текстот барај ја во делот што почнува со „Каде е тука Македонија?“ … прашањето каде сме тргнале?
Основните инфраструктурни прашања не сме ги решиле (во кои спаѓаат и улиците но и демократскиот капацитет на пр), а се курчиме со некоја пра-култура, барок (кој бил копија на македонизмот) итн.
@дамјан
Во врска со првиот коментар: Тогаш непостои национализам во целава приказна или е таков за кој што јас незнам.
Во врска со вториот коментар: Тоа е само твое мислење, за жал. А да те потсетам дека и јас не се согласувам со проектот. Но тоа не е поентата на текстот и нема врска со етапите што ги скокаме? Јас не разбрав кои се тие етапи што ги скокаме, во текстот? Според авторот ние не сме скокнале ни една етапа, а скопје2014 не го сметам за етапа. Ако вие го сметате тогаш сте му дале преголемо значење, исто така за жал.
епа не знаеш очигледно .. а сеа ме мрзи да правам попис на целиот национализам во дражава
тезата за етапите што сме ги скокнале се на владата (или нивните пиони), демек под притисок на разните поробувачи вклучително и комуњарите не сме стигнале да ја изразиме нашата култура во 18, 19, 20 век…. па сега во 21 век треба да надокнадиме – што е non-sense.
скопје2014 не е етапа туку smoke&mirrors, проблемот е – пак ќе повторам – не се занимаваме со главните прашања за кои државата треба да се занимава него цело време со глупи прашања
@kapsarovb
Не постои една дефиниција за тоа што е национализам, но ниту една не тврди дека национализот на признава други етноси (и нации) не постојат. Напротив, национализмот се конституира себеси преку постоење на „другиот“. Во поголемиот дел од дефинициите кога се однесува на односи помеѓу заедници, национализмот е дефиниран како идеологија која сопствената заедница ја спротивставува на другите, во политичка, културна, просторна (…) смисла на зборот.
Што се однесува на етапите, како што и објаснив во текстот, се работи за идејата дека од почетокот на 20ти век, па се до 1990тите (или можеби дури и подоцна) некој не држел паузирани и сега треба со фаст-форвард да го надокнадиме тоа што наводно сме го пропуштиле во смисла на градење на нацијата. Оваа идеја се шири и во академски и во политички кругови, а меѓу другото беше истакната и во дебатата за „Скопје 2014“ (што само по себе не беше мотив да го напишам текстот). Јас тврдам дека ништо не сме пропуштиле во процесот на градење нација и никој не не паузирал.