Има нешто чудно во градов Лондонски…

Знам дека сум во некаква заблуда, ама приметив една интересна работа:

Додека се возиш со автобус во Лондон, одеднаш автобусот може да застане на една од станиците, да ги отвори вратите и да не продолжи. Не ми е јасно зошто ова се случува… една од претпоставките е дека неколку-часовната смена на возачот завршила и сега тој не смее (во смисла на тоа дека долго време возел) да продолжи понатаму. Ако таа моја претпоставка е точна, тоа е поради тоа што (1) не треба да вози повеќе од икс часови дневно и (2) ако вози повеќе од икс часови дневно, тоа значи дека е преморен и ги доведува патниците во опасност.

На крајот на краиштата – не е битно дали е така како што јас како новајлија во овој град мислам дека се случува – интересен е односот што луѓето го имаат кон таков „прекин на услугата“. Никој не е робот, па секогаш се слуша незадоволното „ах“ ама луѓето се помируваат со таа реалност и тргнуваат да го бараат следниот автобус. Слично е и во метрото, кога луѓето се потсетени дека возот ќе им доцни, поради разни причини (една од нив е ‘due to a person under a train’)… никој неќе да доцни, ама сите после иницијалното „ах“ продолжуваат понатаму.

Тоа ме потсети да подразмислам за функцијата на градот и на односот на луѓето кон „градот како комплекс“. Да живееш во метропола не е лесно. Тоа што е битно е да ја сфатиш комплексноста и меѓузависноста на повеќето работи кои го сочинуваат градот. Една од тие работи е јавниот транспорт, иако приказната не завршува само таму. Имам чувство дека некои луѓе во Скопје не го сфаќаат градот како „комлекс“ на повеќе луѓе. Не сакам да промовирам конформизам, но комплицираните системи како градовите (и воопшто било која човечка заедница) сепак значат перспектива која го гледа човекот само како „делче во системот“, но тоа што е побитно, тие комплицирани системи ги упатуваат луѓето едни на други. Да не се биде нервозен кога автобусот одеднаш ќе ти застане, е некаква свест дека и возачот има свои лимити, дека и покрај тоа што тој автобус застанал и прекинал да ме вози, претходно пренел стотици патници на своите дестинации, па и немам причина зошто да се лутам.

Ова ме води на вториот (и пократок) дел од приказната, а тоа се „омразените“ вежби за безбедност при пожари. Досега ги „извежбав“ два пати, и тоа еднаш во студентскиот дом и еднаш на школо. Додуша, една од двете „вежби“ фактички и не била вежба, туку вистински аларм предизвикан од „спреј за коса“ (не ме прашувајте зошто – не знам).

Свесен сум дека вежбите се веројатно поради осигурителните компании, но не би можел да аргументирам зошто не би требало да ги има. Да, вежбите одземаат 30 минути од денот, ама изолирано од пошироката слика, тие вежби ги учат луѓето како да се спасат при пожар. Тоа некако ме потсети на некои „играрии“ од „дневен престој“ на крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите кога се вежбаа трикови за ургентни ситуации како земјотрес, пожар, „атомски с десне“ и слично. Ах, тоа беа времиња. ;-) Можеби сега сме слободни, ослободени од страв и редовни замарања со против-пожарни вежби во Скопје, но дали тоа е поради тоа што некој одлучил дека тоа „непотребно замара“ или очигледно на никому не му е гајле за луѓето, посебно во масовни живеалишта, како студентските домови во Скопје на пример.