Вуна, во својот вчерашен осврт на насловен „Против крдото“, каде пишува за тоа како „крдото“ ги доживува неподобните во Македонија, меѓу другото го цитира и Алекс Букарски. Ќе го пренесам цитатот:
„Добредојдени се и омразените комунисти, стари и млади, секакви, кои ќе ги прифатат конзервативните начела, кои ќе се откажат од лажната социјална сигурност наспроти иницијативноста и земањето на работите во свои раце, или ако се откажат од сталинистичката униформираност во однос на индивидуализмот, секој има право на втора шанса, секој може да се преобрати.”
Овој цитат, Вуна го користи како еден од аргументите евидентната нетолерантност на „крдото“ кон различното мислење. Мене пак, овој цитат ме потсети на ставот на Славој Жижек дека нацизмот и комунизмот, иако и двата тоталитарни режими, треба да се разликуваат по тоа што вториот дозволува, макар симболична, рехабилитација на неподобните.
(…) исто како што во сталинистичките судови, обвинетиот морал јавно да ги признае своите злосторства, и да даде отчет како ги направил, додека нацистите никогаш не би побарале од Евреин да признае учество во еврејскиот заговор против германската нација. Причината е јасна. Сталинизмот се сфаќал себеси како дел од просветителската традиција, според која, бидејќи вистината е достапна на секој рационален човек, без оглед колку бил обесправен, сите се одговорни за своите злосторства. Но за нацистите, вината на Евреите била биолошки факт: не постоела потреба таа да биде докажувана, бидејќи тие по своето постоење како Евреи се сметаат за виновни.
Значи… каде би ја сместиле изјавата на Алекс Букарски во овој контекст? Во кој камп? Или што би рекол мастер Угвеј од „Кунгфу панда“: Човек си ја сретнува судбината на патот кој го бира за да ја избегне.
Понекогаш, тоа што го пишуваме, излегува со спротивното значење. Прашањето што треба да се постави е дали, буквите се наопачки или огледалото „исправува“.
Се зависи до окото кое ги чита буквите преку огледалото, еден може да каже дека е до буквите, друг до огледалото.
Миша, не успеав да сфатам кој што кажал од целиов галиматијас со цитати, само едно нешто ми стана јасно. Дека котлињата ти се измешале.
Една од најголемите неправди и извитоперувања што се прави е обидот да се прикаже дека некогаш и некаде во современата историја постоел систем што може да го прикажеме како комунизам (овде мислам дека извитоперување прави и многупочитуваниот авторитет Жижек). Последните комунистички општества исчезнале со пресечувањето на историскиот развиток на индијанските култури на, тогаш, новоткриениот американски континент. Оттогаш до денес, на планетава не постоеле комунистички општества.
Да се споредуваат нацистички и тн. комунистички режим е смешно. Прво, поимот комунистички режим е оксиморон (комунизмот е против постоењето на држава, тоа е систем без држава, без режими – зашто секоја држава е некој вид тиранија). Второ, кај нацизмот неправдата/нехуманоста е дел од доктрината, така што колку подоследно се спроведува таа доктрина, толку понеправеден/понехуман станува режимот. Кај комунизмот е обратно: во неговата доктрина нема нехуманост/неправда – колку подоследно се спроведува, тој станува похуман „режим“, толку повеќе ги укинува режимите од кој и да е вид.
Има една многу добра теза на Фром – оние што најжестоко го критикуваат марксизмот, најмалку го познаваат. А марксизмот е нели, филозофско-практичната доктрина на комунистите.
Ивица,
Се согласувам со тоа дека „комунизмот“ како идеја е неостварен… оттука и употребата како за остварен општествен систем не е соодветна. Јас во овој контекст ја користам за да биде аналогна на цитатот од Жижек, но и поради нешто друго… за што оставам читателите да откријат.
Што се однесува до останатото, сметам дека изјавата на Жижек јасно зборува за разликата помеѓу нацизмот и стаљинизмот (тој тука користи „комунистички режим“) и за неправедното поистоветување на двата тоталитарни режими.