Стојан напиша интересен поглед на проблемот со поимање и пракса на традицијата во новото доба. Тргнав да пишувам коментар, ама го претворив во пост:

„Традиционалните вредности“ сите ние ги учиме во процесот на нашата социјализација во општеството. Дел од тие вредности, како такви, ние ги контекстуализираме во совремието и ги применуваме.

Обидот за „навраќање кон традиционалните вредности“, во таа смисла тогаш не е обид за промоција на истите, туку за промена на начинот на кој тие се манифестираат во секојдневниот живот.

Пример : семејните вредности > поимањето на тоа што треба да прави семејството, идејата за блиско семејство кое те поддржува и помага не се променило.

Тоа што се променило (од времето кога денешните промотори ја лоцираат традицијата (пред 1945-та, што е дополнително проблематично) се (1) производствените сили; и (2) улогата на жената во општеството. Нормално, ова се само дел од промените, но јас ќе се задржам на овие.

Индустријализацијата на селото, кое е едно од главните изворишта на ресурси во земјоделските земји, како Македонија до 1945, ја намалува потребата од големи семејства. Дотогаш, бројните семејства значење компаративна предност при обработка на нивите и чувањето на стоката. Тоа значело дека домаќинството (во стопанска смисла) можело да расте. Затоа, многудетните семејства природно се развиле како некаков доминантен животен стил на село. Но со механизацијата, таа потреба се изгубила. Индустријализацијата воопшто, во голема мера го променува обликот на семејството.

Истовремено, промената на класичното селско патријархално семејство, довело до промена на улогата на жената. Промените од 1945 довеле до проширување на улогата на жената, која претходно можела да биде само домаќинка. Pater familias веќе не бил единствениот кој го обезбедувал семејството (формално – целата дебата за реалната улога на жените во македонското општество ќе ја оставам за друг пат). Таквото отворање на општеството за жените значело проширување на дејностите со кои тие се занимавале, па така дошло до намалување на обемот на работа дома, највеќе во бројот на деца кои треба да се одгледаат. Тоа, повторно го сменило обликот на семејство.

Значи промените кои се промовираат, идат спротивно на некоја природна еволуција на семејството предизвикана од општествените и технолошки промени. Прашањето кое треба да се постави е дали промените се туркаат поради верски уверувања (пр. Господ сакал луѓето да се размножуваат) или од некаква мачо потреба жените да се сместат повторно дома. Јас мислам дека овие два мотива не се взаемно исклучиви.