Денес бев на првомајскиот протест кој го организираше движењето за социјална правда „Ленка“. Честитки до организаторот… настанот беше соодветен на можностите и состојбата. Имаше се што треба еден протест да има: луѓе, поворка, содржина и реквизити
Не знам од каде, неколку новинари дојдоа да побараат изјава од мене. Ги упатив на организаторите, бидејќи тие се луѓето кои имале доволно мотив сето ова да го организираат и сигурно имаат што да кажат. Тие сепак ми земаа изјава, а јас би сакал само малку да се надоврзам на тоа (и тоа само за примерот на Македонија):
1. Република Македонија е дефинирана како социјална држава. Надвор од дебатата за самиот капитализам, социјалната држава мора да игра улога во ублажување на негативните ефекти од капитализмот;
2. Еден значаен дел од таа улога е обезбедување на правна држава во која ќе се гарантираат човековите, а со тоа и работничките права;
3. Под гаранција на работничките права значи дека институциите на власта ќе го спроведуваат законот со што ќе обезбеди самите работодавачи да ги почитуваат работничките права;
4. Социјалната држава активно работи и на проширување на работничките права и воведување на нови подобрени стандарди за работа.
Значајни организации во сферата на заштита на работничките права се синдикатите. Покрај тоа што се застапници, тие се заштитници на работниците на самото работно место.
![]()
Каква е состојбата кај нас?
1. Веќе децении, властите во Македонија релативно успешно го уништуваат работничкото движење и го маргинализираат синдикализирањето;
2. Никој неможе точно да каже под чија капа се синдикатите. Тоа што е најстрашно е што синдикатите се под сечија, само не под раководство и во корист на работниците;
3. Надвор од системската каузалност на соработка на власта и бизнис интересите, во Македонија постои и взаемна спрега на замижување пред валканиот веш. Се додека претпријатијата молчат, државата замижува за тоа што се случува во фабричките хали, до колку доцна се останува на работа, кој е пријавен а кој не и сл. Ова е и поширок феномен и веројатно причина зошто сеуште во Македонија неможеме да кажеме дека постои владеење на правото. Отсуството на правен систем е отворена можност за алиби на заинтересираните страни. Во отсуство на систем никој не е сигурен и сите мораат да молчат.
4. Државата директно учествуваше во намалување на човековите права преку новиот закон за работни односи. И тука не мислам само на ВМРО-ДПМНЕ (која практично содржински го состави законот) , туку и на минатиот претседател Бранко Црвенковски, кој своето првично непотпишување на законот не го елаборираше како да е во корист на работниците, туку во корист на враќање на СДСМ во Собранието.
5. Откако следам политика, изговорот за непосредните кршења на работничките права постојано е недостаток на трудови инспектори. Тоа што е интересно е како секогаш има пари за нешто друго. Еве на пример спомениците… секој споменик чини неколкугодишна плата за нов трудов инспектор.
За крај… денови ли се денови…
