Во овие „турбулентни времиња“ симболички најмалку значајното, но медиски најекспонираното е апсењето на градоначалникот Зоран Заев и неговата аболиција потпишана од претседателот Бранко Црвенковски. Надвор од дебатата дали Заев е виновен или не, на момент се доби впечаток дека неговото „спектакуларно апсење“ е првата реална сопка во таквата спектаклократска пракса на Владата. Заев – не толку непознат лик, со реноме на неконтаминиран од политичката жабокречина, е политичар чие притворање тешко можеше да не се подведе под категоријата „политичка пресметка“. Барем не додека да се изрече правосилна пресуда, а и после која сеуште ќе постоеше сомнеж. Доколку пак се испоставеше дека не е виновен, контекстот на политичко затворање на така висок претставник (во очите на јавноста очигледно невин) на опозицијата, ќе значеше сребрен куршум во борбата за власт.

Но, дали е Заев виновен или не, нема да дознаеме, поради аболицијата потпишана од Претседателот. Со тоа тој го подведе под иста капа со аболицијата на Доста Димовска, и ја закопа неговата идна политичка кариера. Можеби, во апсурдот на македонската политичка арена, претседателот Црвенковски токму тоа и го сакал, оставајќи се или себеси или неколкумина „сдсм-овски“ медиокритети како единствени спасители на Партијата. Тоа никој не би го знаел… останува да се види… но тоа што е сигурно е црната дамка неречена „аболиција“ во политичкото CV СиВи на Зоран Заев, за обвинение каде што тој можеби, воопшто и не е крив.