11 Октомври

Проблемот со младата генерација е што веќе не сте дел од неа. (Салвадор Дали)

Вчера присуствував на дебата во „Точка“ по повод 11 Октомври насловена како „Зошто комунистите го дигнале востанието“. Една од работите кои ги увидов беше приказ на времето до 1991 година: еден „комунист“, осум апологети и еден неподобен.

Организаторите веројатно имаа добра намера. Веќе 18 години, а во скриените улички веројатно и подолго, наследството од храброста и револуционерноста на генерацијата партизани од 1941 останува подзаборавено. Уште повеќе што таквиот револуционерен зафат, против реална воена окупација, но и против нацистичкиот ахуман светоглед има конкретна релевантност денеска, во 2008 година. Што би рекла една учесничка на дискусијата: денеска, за разлика од 1941 година се соочуваме со домашен фашизам.

Меѓутоа, добрите намери не се гаранција дека работите нема да излезат од контрола и завршат контрапродуктивно. Тоа и се случи. Критичкото мислење, кое учесниците сакаа да го применат на идејата за капитализмот денеска, не беше дозволено кога се зборуваше за 1941.

Учесници на дебатата беа: Коле Чашуле, Владо Ивановски, Љубомир Цуцуловски и Жарко Трајаноски.

Накратко, Коле Чашуле раскажа за 11 октомври 1941 година во Прилеп, Владо Ивановски за историските тези за периодот, Љубомир Цуцуловски зборуваше општо за марксизам а Жарко се дрзна да го доведе во прашање именувањето на настаните од 1941 за востание, водејќи се од аргументот за размер на борбата, кој зема замав дури во 1943 година. Иако Жарко се согласи дека востанието симболички почнува 1941 година, тој понуди низа аргументи зошто смета дека фактички востанието почнува 1943 година. Но можете да замислите како реагираа другите на ова…

Апологетската реакција следеше моментално. Од нудењето нелогични контра-аргументи, до ad hominem напади и коментари дека треба повеќе да чита. Единствениот кој прифати нормално да полемизира со Жарко Трајаноски беше, the man himself, човекот кој учествувал во настаните од 11 октомври – Коле Чашуле. Иако сеуште тврдеше дека треба да се зборува за „востание“, тој прифати дека размерот и поимањето на „востание“ се нешто за што може да се разговара.

Од сите апологети, најмногу ме разгневи Љубомир Цуцуловски – човекот од кој што, според етикетите кои сам си ги закачи (комунист, социјалист, марксист и професор по филозофија), требаше да се очекува прецизен одговор на зададената тема, полемички капацитет и критичко мислење. Отсуствуваше се погоре наведено.

Прашањата на Жарко ги искоментира како невкусни бидејќи немале мерка, што е онаков конзервативен пристап од учебниците. Можам да си замислам (драматизација) некаков салонски бал во Софија во 1941 година, каде некој ги искоментирал акциите во Прилеп и Куманово како „претерани“ и „невкусни“.

На дилемата на Жарко колку од востаниците биле комунисти а колку антифашисти тој понуди одговор од типот: „Водачот на НОБ бил комунист“, што не е одговор на прашањето.

На реакцијата на Никола Гелевски (од публика) кој протестираше против апологетските напади над Жарко Трајаноски, Љубомир Цуцуловски го „отера“ Гелевски дома да си ги лечи фрустрациите кај жена му. Немам коментар!

Имам коментари и за конкретните одговори на Љубомир Цуцуловски на зададената тема и теоретското објаснување и хипотези, но тие не се релевантни за овој пост кој го пишувам како реакција на нивото кој еден универзитетски професор, кој си ја присвојува улогата на „алтернативен мислител во овие некритички времиња“, го има.

Да се вратам на почеток. Онаа малку критика што сакам да ја кажам кон организаторите е посочување на важноста дискусиите да се водат поиздржано а модерирањето да ги елиминира нападите. Ја чекам идната трибина.

А оваа трибина ми го покажа Коле Чашуле во едно позитивно светло. Без разлика на пост-воената историја на човеков, тој вчера ја покажа разликата помеѓу „изживеаните комунисти“ и „неизживеаните апологети“. Човекот кој најмногу би бил засегнат од евентуална ревизија на „11 Октомври“ немаше проблем да разговара за тоа, додека цела чета апологети му се насрна на неподобниот младич кој се дрзна да ги расчачка авторитетите. Во целата приказна не ми е важна вистината, колку што ми е важна можноста да се дебатира. Вчерашниот настан ми помогна да додадам уште едно парче од мозаикот кој го градам за да го сфатам минатото.

No Trackbacks

You can leave a trackback using this URL: http://kiberkotle.net/2008/10/11-oktomvri/trackback

10 Comments

  1. Диме

    Браво Миша. Сумирај ти вака од време на време за да имаме преглед шо се случува на критичките дебати. b.t.w Многу ме разочара Цуцуловски

    Posted October 12, 2008 at 10:57 pm | Permalink
  2. Љубо

    Миша, велиш:

    „Онаа малку критика што сакам да ја кажам кон организаторите е посочување на важноста дискусиите да се водат поиздржано а модерирањето да ги елиминира нападите.“

    Само кажи ми како да го замолкнев урлањето на Никола Гелевски-Коља? Му упадна на 87-годишниот Коле Чашуле среде реч и не се сопре со митингашка реторика и стадионски тон. Среќа целиот настан го снимавме, ако сакаш може да организираме проекција и да ги споредиме твоите писанија на блогов со тоа што се случуваше.
    Инаку, мислам дека „неизживеаните апологети“ за луѓе во години е благо речено неумесна квалификација напишана од млад човек.

    Поздрав

    Posted October 13, 2008 at 12:47 am | Permalink
  3. kotle

    @ Љубо

    Од Коља можат да се очекуваат нервозни реакции. Можеби јас не би изреагирал така, но и јас бев испровоциран од текот на дебатата.

    Додека во некоја форма може неговиот тон да се определи како „стадионски“, митингашката реторика, посебно подвлечена со поедноставување на проблемите (еден од класични индикатори за „митингашење“) можеше да се чуе од Цуцуловски, Ивановски и дел од публиката (не и од Чашуле, кој и според горенаведениот Коља имаше најдобро излагање).

    Оттука е и мојата определба за „неизживеани апологети“ наспроти стариот „комунист“ кој иако има највеќе да изгуби од историскиот ревизионизам прифати дебата, за разлика од другите кои штом осетија дека определена „догма“ е доведена во прашање – срипаа слепо да ја бранат.

    Да се биде модератор е тешко… јас веќе не прифаќам да бидам модератор бидејќи лично знам како е кога нивото на дебатата ти излегува од контрола.

    Еден од начините како дебатата да се држи фокусирана, во конкретниот случај е да се насочат говорниците ако сакаат некому да реплицираат да не им се дозволи ламентирање колку некој не бил во право.

    Posted October 13, 2008 at 8:04 am | Permalink
  4. Љубо

    Миша,

    „Догмата“ беше аргументирано бранета уште од првиот од публиката што се јави за збор пред да почне „јави се јужна“ делот… На тие аргументи немаше соодветен одговор но гледам тоа не оставило впечаток, што не е ништо чудно, луѓе сме, субјективни, го гледаме и слушаме тоа што сакаме да видиме и чуеме, или тоа на што сме навикнати, си ги браниме другарчињата, си ги правдаме донациите… но за среќа има снимки.
    Дебатата имаше ред све додека Коља не создаде хаос, а кога му реков дека не секој може со него да се надвикува, тој дофрли во стил „па дајте луѓе бидете малку неформални“!? Па таму имаше и старци и старици што едвај може да говорат а не да се надвикуваат со него. На таквиот митингашки испад имаше и низок удар од Цуцуловски кого исто така се обидував да го прекинам.
    Та нели реков дека ќе спроведам дискриминација кон постарите, односно дека ќе имаат предност во прашањата помладите?
    Јас се обидував да ги смирам страстите, дури не ја оставив да се доискаже бабичката која извесни изнесени конструкции на Жаре ја расплакаа (не успеав да дознаам која беше, дали беше борец? годините ги имаше…).
    Повторувам, постои снимка, па бујрум да ја одгледаме, чисто како експеримент како ралични луѓе перцепираат еден ист настан.

    За мене некој роден по `80-та со таква леснотија да нарече стари луѓе за кои не знае што све преживеале во војната „неизживеани апологети“ е далеку посрамно од она емотивно „отерување“ на Коља да си ги лечи фрустрациите (кој очигледно ги манифестираше).

    Posted October 13, 2008 at 1:01 pm | Permalink
  5. kotle

    @ Љубо

    1. Ок. Се извинувам што стари луѓе сум нарекол „неизживеани апологети“. Притоа не сметам дека по дифолт не смеам некој толку постар од мене да наречам така. Моја грешка е што не сум размислил повеќе, затоа што очигледно луѓето погрешно ме разбрале. Тоа што останува е само да додадам дека тоа не е упатено кон конкретни луѓе туку кон конкретно однесување.

    2. Ако погледнеш во постот на Жарко, ќе видиш мој коментар каде јасно стои дека јас со неговата теза _не се согласувам_.

    http://jasnesumjas.blogspot.com/2008/10/11.html

    Така да немам причина да го бранам Жарко по дифолт заради тоа што го кажал… за другите инсинуации не ни коментирам.

    3. Првиот после изнесената теза на Жарко беше Љубомир Цуцуловски кој ја прогласи неговата теза за невкусна.

    4. Видеото постави го јавно… претпоставувам Google Video е најдобра опција бидејќи дозволува долготрајно видео. Убаво е да се види дебатата… не вреди да се закопа тоа.

    Posted October 13, 2008 at 2:11 pm | Permalink
  6. Хехе… ова за Коља… па јас никогаш не сум го видел поинаку Коља да дискутира… мислев дека до сега сите знаат дека тоа е Коља во своето default-но издание. :-)

    Posted October 13, 2008 at 2:40 pm | Permalink
  7. Љубо

    Миша,
    го видов твојот коментар кај Жаре и многу ми се допадна (ова се однесува и на коментарот на Новица) и сега ептен драго ми е што барем некои ја сфатиле поентата на настанот.
    Малку идеалистички влетав во ова, сметајќи дека сите ќе имаат обзир кон годините и пиетет кон тие што имале храброст да станат против Хитлер во време на неговата најголема моќ, потајно наивно надевајќи се дека тоа ќе инспирира…

    Поздрав

    Posted October 13, 2008 at 5:12 pm | Permalink
  8. Мислам, дека е срамота што сеуште се дискутира за некакво „востание“ 11 октомври. Пред се това не беше никакво востание, туку само една деиверзантска акција на србоманите кумунисти од Македонија.Това беше смислено од вашиот мил водач Тито, а спроведено од неговиот верен слуга Лазо Колишевиќ.
    Това не може да биде дело на некои луге што се бореле за Македонија. Тогаш, а и никогаш немало Македонска комунистичка партија, туку само покраински комитет за Јужна Бановина. Значи членовите на комунистичката партија како членови на ЈКП (СКП)во никој случеј не можеле да се борат за Самостојна Македонија, туку за Југославија (Голема Србија.

    Posted November 23, 2008 at 5:30 pm | Permalink
  9. kotle

    @ Танас

    Дали можам да заклучам од тоа што го пишуваш во вториот пасус, а според аргументите кои ги нудиш (само србомани можеле да дигнат востание), дека македонците немале причина за борба против окупаторот?

    Мене не ми е јасно. Ако некаква акција била насочена против окупаторот, како тогаш „това не може да биде дело на некои луге што се бореле за Македонија“? Мислам… таквата сигурност на ваквиот аргумент ме упатува да заклучам дека мислиш оти Бугарија и Италија не биле окупатори.

    Posted December 1, 2008 at 12:37 am | Permalink
  10. Вака, за жал дебатата во целост немав можност да ја гледам, но дадената оценка за Цуцуловски не ме зачудува, човекот едвај чека некој да каже нешто со што не се согласува па да почне жестока расправа, која неретко вклучува и ad hominem аргументи. Неговите говори и предавања најчесто завршуваат со величање на Југославија, иако се смета за критички мислител. Едноставно, според моето видување човекот си е Миле-контра. А дека, Гелевски знае да настапи хистерично, тоа не мора да се докажува, сепак човекот е порасположен за разумна расправа одошто Цуцуловски. Уште еднаш нагласувам дека дебатат не ја гледав во целост.

    Posted January 29, 2009 at 5:28 am | Permalink

Post a Comment

Your email is never shared. Required fields are marked *

*
*