Државни удари
Неодамна, голема фама се крена околу експресно донесените закони за следење на комуникациите, работните односи и лобирањето. Определената доза на негативно прифаќање на законите во потесната јавност, Бранко Црвенковски ја искористи за да не ги потпише указите за стапување на законите во сила, но притоа да ја искористи својата постапка како услов за опозицијата да се врати во Собранието. Што би се рекло, „со една мува две“… a потегот може да се толкува како шлаканица и за едните и за другите - првите поради тоа што наводно не ја следат постапката за носење закони, а вторите бидејќи не им се игра опозиција.
За ова ценкање, Владата и ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат Претседателот Црвенковски за државен удар по институциите на системот. Но колку е оправдана таквата констатација?
Во тој пакет ценкања, стоеше и аболицијата на Заев, која дефинитивно може да се карактеризира како удар по правосудниот систем, иако е во законските овластувања на Претседателот. Сега, ВМРО-ДПМНЕ шутира пенали на празниот гол на СДСМ и постојано пентира и ќе поентира со топката „аболиција за Заев“… без разлика на тоа што самите пристапија кон политичка соработка со Доста Димовска, аболирана од Борис Трајковски поради незаконско прислушкување на политичките противници (исто така сериозен прекршок).
Меѓутоа, пред да се извлече заклучок за непотпишувањето на указите, вреди да се проанализира содржината на законите, како и формалната постапка во која се донесени.
Ниту еден од законите не беше донесен по редовна постапка. Иако во предлозите за итна постапка, предлагачите изнесуваат аргументи во полза на итното донесување на законите, Законодавниот дом треба да биде крајно рестриктивен во дозволувањето определен предлог на закон итно да се гласа. Историјата на Собранието на Република Македонија покажува дека повеќето закони се донесуваат по итна постапка, што покажува на релативно нискиот квалитет на работата на законодавството. Мандатот кој граѓаните го пренесуваат на Собранието не е само мандат за гласање, туку „работа во име на граѓаните“. Во стандардната либерално-демократска логика, врз база на која Република Македонија како држава теоретски се гради, тоа значи дека во текот на својата работа, Законодавниот дом треба да ги разгледува законите, да ги дискутира и да се консултира со заинтересираните страни. Оттаму, работата на Собранието е поделена во „специјализирани“ комисии, каде се дискутираат предлозите на закони, пратениците ги слушаат мислењата на стручњаците но и на заинтересираните страни. Паралелно со тоа, се одвива јавна дебата, надвор од институциите. Самиот акт на гласање е краток процес, па не знам дали граѓаните би ги плаќале пратениците само да креваат (или не) рака. Тие таму работат, тоа им е работното место од 8 до 16ч (некогаш и повеќе). Долгиот процес на носење на закони дозволува да се филтрираат про и контра аргументи со кои пратениците се служат за да го изградат својот став. Самите пратеници неможат да бидат, ако воопшто се, стручњаци за се, па оттука ваквата долга постапка обезбедува можност дека барем можеле да се слушнат сите аргументи (или повеќето).
Итното носење на законите само ја покажува подреденоста на Законодавниот дом во однос на Извршната власт (во овој случај Владата). Тоа, за волја на вистината е светски проблем а не карактеристика на овдешната политичка состојба. Но истовремено, случајов јасно покажува дека аргументот на Никола Груевски за предвремени избори поради посилен Парламент е само реторика и желба за контрола на повеќе седишта во Собранието и ништо повеќе.
Содржината на изгласаните закони е уште поалармантна…
Законот за следење на комуникациите без никаква дебата во Собранието (и јавноста) ја проширува листата на дела поради кои може да се дозволи мерка следење на комуникациите. Ова наиде на негодување кај експертите. За мене најпроблематичен дел е можноста истражниот судија и обвинителот усмено да се договараат за следење на комуникациите не подолго од 24 часа. Со оглед на лошата историја на спроведување на правото на приватност на комуникацијата, ваквите законски решенија оправдано се дочекуваат на нож. Не знам што не им е јасно на политичарите, но граѓаните паметат афери поврзани со ова, генерално се исплашени и параноични. Ако на ова го придодадете фактот дека во Македонија Интернет провајдерите имаат обврска да чуваат логови за сурфање неоправдано долго (драстично подолго од европските препораки), заклучокот се наметнува сам по себе.
Итната измена на законот за работни односи можеби не требаше да изненади, но дефинитино не можам да ја оправдам. Во Македонија константно се руши социјалната држава уште од 1991. Овие измени на законот за работни односи се дел од тоа. Ќе видиме што ќе се случи, но фактот дека законот е изгласан по итна постапка покажува дека Владата проценила дека овие решенија нема да бидат поддржани од работниците. А зошто да бидат? Граѓаните досега изгубија бесплатно високо образование, функционално здравство, чувство на сигурност, сега и работничките права им ги крати наводно неконтаминираната нетранзициска Влада која ги убедува дека се бори против нивните експлоататори - македонските олигарси.
Проблемот во овие измени на законот е враќањето наназад. Веќе стекнатите права тешко се враќаат назад. Тие се резултат на долгогодишните борби на работничкото движење низ целиот свет.
Од измените на самиот текст, не успеав да увидам како законот е во полза на работниците. Пример: Доколку досега работодавачите незаконски ги принудувале да не го користат одморот, сега тоа е дозволено, а отштета за некористење на одморот немора да биде повисока од платата што и онака (незаконски принуден) би ја добил.
И повторно - тука немаше јавна дебата, ниту пак при носење на законот се консултирани било какви работнички здруженија - како синдикати и сл.
Јас би предложил закон (по итна постапка) за работодавачи, каде спектакуларно, со цевка на слепоочница ќе биде апсен секој генерален директор кој ќе го прекрши законот за работни односи.
За мене, теоретски најинтересен предлог на закон е „законот за лобирање“. Оваа тема ја следам веќе некое време, бидејќи е актуелна тема во САД, каде Лоренс Лесиг, професор по право на Стенфорд и поранешен главен човек на Криејтив Комонс, иницираше ново движење за промена на Конгресот, во голема мерка базирано на промена на начинот на кој се лобира. Истовремено, демократскиот кандидат Барак Обама начелно се спротивставува на т.н. „лобисти“ кои ја креираат американската политика. Значи, „проблемот на лобирање“ е актуелна дебата… но… како тоа бива во Македонија, очигледно е дека некој или е неинформиран или има лоша намера.
Каде е проблемот?
Лобирањето е срцето на политичкиот процес. На терен, политика е тоа што се случува надвор од самиот чин на гласање: убедување, влечење за ракав, потплатување. Сето тоа е во некоја форма лобирање. Може да мислите дека тоа е погрешно но политиката е таква. Оние кои одлучуваат не знаат се, а лобирањето е начинот како оние кои имаат (или немаат) интерес од некоја политика ги пласираат идеите кај оние кои одлучуваат.
Голем дел од проблемите со лобирањето се регулираат со антикорупциско законодавство и земањето предвид на конфликтот на интереси. Тоа што добар закон за лобирање треба да регулира е затворање на сите дупки кои другите закони ги имаат, како на пример - забрана за големи донации, подароци и сл. заобиколувања на антикорупциското законодавство. Така, сите лобисти се на иста позиција, државниот претставник нема интерес да слуша некого повеќе од друг, па формално неговата одговорна работа пред граѓаните е загарантирана. Токму тоа се препораките на професорот Лесиг: уредување на тоа како државните институции ќе се однесуваат кон лобирањето, а не самото лобирање.
Но овој законски предлог има во себе поинакви механизми. Почетната проблематична точка е дефинирањето на тоа што не е лобирање (таков начин на дефинирање на законска проблематика генерално е полош пристап). Според таквата дефиниција, многу мал дел од комуникацијата на интересните групи (застапени или не од лобисти) не се смета за лобирање, оставајќи голем дел под капата на лобирањето. Според законскиот предлог, освен кога интересната група (еве да речеме некоја невладина организација) не е повикана од државните институции, за било каква друга комуникација, таа мора да биде застапувана од регистриран лобист. Тоа, ги спречува актерите на цивилното општество, да комуницираат лесно со државните или локални институции во предочувањето на било какви аргументи за определена идна или сегашна политика. Таквото законско решение е отворен напад врз цивилното општество, каде се сконцентрирани најголемиот дел од интересните групи. Не се грижете за компаниите и религиозните групи - тие секогаш ќе најдат пари за да ангажираат лобист. Дополнително, определувањето на тоа што не е лобирање, како начин на регулирање на лобирањето, остава одрврзани раце на власта широко да толкува што е лобирање. Така, доколку некоја невладина организација излезе на телевизија да зборува за, на пример, топилницата во Велес и загадувањето, државните институции можат тоа да го обележат како лобирање и да бараат лиценца за лобирање за да може да се изнесуваат аргументи во јавноста. Тоа, реално е зафатено во овој предлог на закон бидејќи покрај опцијата да се дефинира „што не е лобирање“, во самиот предлог се третира и настапот на лобисти во медиумите (т.е дозвола тоа да го прават), што уште повеќе упатува на можноста власта да го ограничува изнесувањето на аргументи во јавноста од нелиценцирани „лобисти“. Правно гледано, овој закон е многу лошо напишан и остава простор за сериозна манипулација. Практично, овој закон се обидува да ја уредува политиката, т.е начинот на кој таа се одвива - што е од една страна невозможно, а од друга страна - не-либерално, комуњарски или како веќе власта неќе да биде нарекувана.
Останува да се види, што би рекол еден истакнат активист, дали сиве овие, скоро 15 години, интензивно трошење пари од невладините организации за градење на капацитетите на цивилното општество, ќе се исплатат, т.е дали невладините организации, негувани да креираат силно цивилно општество, ќе бидат способни да се одбранат од овој државен удар по нивното право да учествуваат во политичкиот процес.
Сумирано, ова што се случува денес, со т.н. „вето“ на законите, кое го постави Бранко Црвенковски може да се третира како македонскиот систем за „проверка и баланс“ со кој властите ја контролираат меѓусебната работа. Секако, дамка претставува аболицијата на Зоран Заев, но „ветото“ на Претседателот на законите е пречка на државните удари кои Собранието ги задава на општеството, непочитувајќи ја системската поставеност на процесот на донесување на закони, со долг процес и дебата. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да го објасни на граѓаните е зошто отсуствува моментот на јавноста во работата при креирање и донесување на законските решенија. Собранието не треба да е гласачка машина - нема мандат да биде само тоа.
п.с. Текстовите на предлозите можете да ги најдете на сајтот на Собрание на Р.М. www.sobranie.mk
Comments(5)



