Archive for July, 2008

Кога текстовите сами се пишуваа

Пред неколку денови објавив еден пост каде стоеше мојот одговор до спамот на Македонско Братство. Добив два подолги коментари од нив поради што одлучив да напишам нов пост со мои одговори.

Осудивте, а не кажавте врз основа на што ви изгледаа „сомнително“.

Па јас не осудив. Сомнителни го ставив во наводници а позади тоа стоеше „смешко“ ;-). Но ете… нека биде… сум осудил. Моја грешка.

И повторно велите дека страната изобилува со радикализам, но не извлековте ниту еден цитат за да го покажете радикализмот.

Напротив… цитирав две реченици кои беа радикални, одѕвонуваа со пораки познати од минатото. Или ако сакате да влегуваме во детали, секој текст има свој подтекст а реториката на вашиот сајт (и спам) има радикален националистички призвук (подтекст или како веќе сакате).

Зарем ние треба повеќе да пишуваме за Јохан, или Џони, или Сергеј, а да не смееме пред се да пишуваме за Александар, Јустинијан, Кирил и Методиј, Самоил, Кастриот Мисирков, Делчев, Ченто, Конески, Проески.

Можете да пишувате за што сакате, но си го задржувам правото да го коментирам тоа што го пишувате. Еден од најчестите „коментари“ ми е критика на почитување на освојувачи, како што е на пример Александар, кој во сите култури, освен западната, е запаметен како освојувач а не ослободувач. Дополнително, тој имал за цел да наметне една култура во морето различни култури од истокот, нешто што, според она што го кажувате, сметате дека не е добро.

Оние зборови кои ги извлекувате во долниот дел од текстот ви се земени од форумот.

Напротив, тие се извлечени од спамот и сајтот. Претпоставувам дека тие алатки се презентација на организацијата, така да сметам дека имам право да ги користам во коментар за организацијата. На форумот најдов уште позастрашувачки ставови кои ќе ги коментирам малку подолу.

Не веруваме во крвта, но веруваме во Духот

Тогаш можеби треба да го преуредите сајтот, или пак потребно е пак да го цитирам истото. Колку гледам, сеуште стои тоа на сајтот - отсек „Цели“.

Народ кој не живее во еден дух и се дели на табори ќе се раздели и ќе пропадне. Тоа ни е битно бидејќи тоа ќе ги ослаби и погоди нашите личности бидејќи народносната припадност има значаен удел во личноста на секоја единка. Нашата главна цел е сложноста и единството меѓу нас Македонците, што е предуслов за сложноста меѓу луѓето општо.

Ваквите ставови секогаш се плодна почва за прогон, прогласување предавници и репресија кон оние кои мислат поинаку. Јас не мислам дека било кое општество треба да биде унитарна и монолитна целина. Сложноста и единството помеѓу Македонците? Зошто? Која е потребата за такво национално единство? Најчесто, луѓето и немаат исти интереси. Зошто сите би биле сложни? Зошто работникот Македонец би бил сложен со капиталистот Македонец?

Ниту пак мислам дека личноста на единката е непотполна без национален идентитет. Напротив, таквиот идентитет е конструиран со политичка цел и не постои природно во човекот (во теоријата познато како инструментално сфаќање на национализмот). Заедно со тезата дека не постои природна националност, тука би ја додал и тезата дека националниот идентитет е спротивставен на шареноликоста на локалните идентитети, кој како најмал заеднички содржател на културите на определена територија, ги пегла суптилните културни обележја на локалните средини. Ако мене ме прашувате, јас би гласал за такви микро-идентитети, ниту еден доволно силен да почуствува потреба да се наметнува, а секој доволно добар за да ја покажува сопствената култура.

Ќе ве замолам ако сте Македонец, објаснете ми кои се за Вас суштинските особини на македонската личност. Ако не сте Македонец, тогаш не сте меродавен да го одредувате тоа

Интересен став. А дали така ги советувате децата кога пишуваат за „Шиптарите“ по вашите форуми? Или Македонците се Шиптари па можат да зборуваат за особините на Албанската личност? Не ме сфаќајте погрешно - не велам да модерирате, ама очигледно не сте вложиле доволно во едукација.

традиционалните вредности кои доминираат кај македонскиот народ како што се Православното Христијанство, македонскиот јазик, македонското кирилично писмо, македонските ознаки, македонскиот однос кон семејството, бракот и да ги промовираме нивните вредности

Аха… христијанството, за кое не знаат повеќето од Македонците што значи, а кое го практикуваат уште помалку од нив…. македонскиот јазик, кој никој не го зборува а сите си зборуваат на своите дијалекти (што е супер), кирилицата - која ни вие не ја користите.. македонскиот однос кон семејството - патер фамилијас плус жени завиени во носии, жени бегалки затоа што не им давале да прават што сакаат.

Светот станува помал… а традицијата се менува. Повиците кон „враќање кон традицијата“ најчесто значат ревизионизам.

Како тоа за се мора да се бара шарено решение!?

Не знам кај сте виделе дека има шарени решенија насекаде? Најчесто и нема. На пример, во Македонија не е дозволен хомосексуален брак - што не е шарено решение.

потребни се и чисти организации во кои разговор ќе водат само оние кои се поблиску по мисла, род или убедувања.

Ете го подтекстот пак на површина. Ако „чистотата“ на организацијата во овој случај ја мерите и по мисла и по убедување _и_ по род тогаш работите се појасни. Што се тоа чисти луѓе по род? Текстов сам се пишува. Сите луѓе се слични… потекнуваат од Африка и имаат роднини низ целиот свет. Дури и бајката за Адам и Ева го кажува тоа.

Ако е погрешна реченицата, „секој Македонец треба да го сака својот брат поради тоа што е Македонец“, тогаш исто така погрешна ќе биде реченица „секој човек треба да го сака својот брат затоа што е човек“. И двете реченици не исклучуваат љубов кон останатите но промовираат „безусловна“ љубов кон блискиот дури и при „погрешно однесување“

Има разлика помеѓу тие две реченици. Ако потекнува од христијанската „љуби го ближниот свој“, каде се мисли на сите луѓе, таквото разликување на Македонци и не-Македонци за да се конструира „секој Македонец треба да го сака својот брат Македонец“ произведува заклучок дека има „поближни“ и „помалкуближни“.

Значи си дозволувате да ја цитирате Библијата во одбрана на кршењето на пораките кои ги содржи посланието.

Најдобро ќе беше своите мисли културно како постар кон помлади ги искажевте на форумот. Да ги поучевте и ако наидевте на необразложено отфрлање, тогаш ќе стекневте право да критикувате.

Не сметам дека како постар, имам некакво поголемо право да ги подучувам помладите.

Патем, мене ми стигна спам и нормално е да реагирам на спамот.

Како тоа политиколоже само тебе нешто ти бевме сомнителни со радикален национализам.

Па не сум сам. На Кајмакот некој друг го пријавил вашиот сајт со насловот „Некој ги игра нацист“ а не бев сам коментирајќи ја содржината на сајтот и форумите.

Што се однесува до Gmail и ePromter - не би можел да ти помогнам. Не користам Windows за да го проверам софтверот на кој ме упати. Ако преферираш користење на софтвер, можам да ти го препорачам Mozilla Thunderbird - имејл клиент а не софтвер за нотификација, преведен на македонски, одлично работи со Gmail а и кирилицата не прави проблеми. Еве ти и линк.

За крај - не се чувствувам како Македонец. Не се палам на Александар Македонски, ниту на Духот ниту на Господ. По националност се чувствувам како човек од Скопје-Центар, веројатно отсега ќе се пишувам како џедај (освен ако не ми мрчат по шалтери). Се палам на Ричард Сталман и Карл Маркс.