Archive for June, 2008

Писмо до „Македонско братство“

На мејл ми стигна едно писмо (тагови: моронско, кретенско, идиотско, нацистичко, загрижувачко) од „Македонското братство“. По се изгледа, додека мекнеевме пред некое време со Стама, ги видовме и во живо и уште тогаш ни изгледаа „сомнително“ ;-). Не ми требаше долго пред да им одговорам. Не се замарав да им кажам нешто претерано ново, ама морав нешто да им кажам.

<почеток>

Почитувани,

Ќе ве молам во иднина да не ме спамирате со мејлови од ваква содржина.
Не само што не сум побарал да ми праќате мејл, ниту пак се знам со
било кој од вас, а уште помалку го поддржувам тоа што го правите.

Ја посетив вашата интернет страна и како политолог можам да кажам дека
изобилува со пораки на радикален национализам кои не му помагаат на
ниту едно општество, а најмалку на современите општества, кои се
претежно, во поголема или помала мера - мултикултурни.

Какви се овие приказни за „крвта” која ја носиме. Зарем постои нешто
како „македонска крв” која е различна од другите? Не постои - секоја
македонска крв може лесно да биде компатибилна и со свинска крв, како
што е воопшто случај и со било која „човечка крв”. До кога со вакви
„ариевски” симболики ќе се обидувате да мобилизирате?

„секој Македонец треба да го сака својот брат поради тоа што е Македонец”

Јас па мислев дека луѓето треба да ги цениме поради тоа што прават, а
не поради тоа што се. Или можеби грешам а македонците се непогрешлив
народ?

„edna celina, edna nacija,
eden narod, edna Makedonija”

Ова е парафраза на „Еден народ, една држава, еден фирер” или јас само
мислам дека сакате да го цитирате нацистичкото начело. Се додека
сликата за „успешно општество” ни претставува монолитна целина, не
можеме да напредуваме до слободата.

За крај, гледајќи многу млади луѓе во вашите редови, се прашувам дали
полемички им ги претставувате вашите идеи, или ја користите нивната
младост за лесно да ја продадете вашата догма.

поздрав,

Миша Поповиќ - дежурен предавник

п.с.

Неможноста да го напишете спамот на кирилица не е технички проблем -
бидејќи сервисот од каде е пратен мејлот Gmail одлично се справува со
кирилица. Напротив, користењето на латиница во вашиот случај ќе го
сметам како одбивност да се научи нешто ново, па се користи нешто
старо, античко, исконско - latinica.

<крај>

Сексот, Градот и Големото разочарување

Го изгледав, не толку краткиот филм „Сексот и градот“ и можам да кажам дека е едно големо разочарување.

Не очекував дека филмот ќе биде нешто феноменално - но очекував добра забава, бидејќи сум фан на серијата. Површната замерка е дека филмот е практично неколку епизоди залапени - а не вистински филм. Истовремено - динамиката на филмот ми е некако тапа. Но мене ми пречи една многу побитна работа. Филмот е практично 2 часа и 20 минути една голема реклама и ништо повеќе.

Постер за филмот Сексот и Градот

Брендовите, модата и гламурот секогаш биле дел од серијата, но како што излезе, испаднаа попатни места на приказната… нешто што со секоја сезона стануваше се поретко. Во филмот се случува токму обратното, приказната е толку споредна во однос на product placement-от, некои делови од филмот се буквално одвоени од линијата на приказната само за да се изрекламираат производи (сцената со венчаниците е пообсцена од генгбенгот на Џасмин Сентклер). Мерцедес, Епл, дизајнери, торби, фустани, чевли - во крупен кадар - фалеше уште и цената да ја кажат.

Ме сака, не ме сака

Не ми се верува… 23:47 05.06.2008 и на Собраниски канал веќе 20 минути оди жив пренос на пребројување на гласови во ДИК. Каков фантастичен телевизиски концепт, а воедно и транспарентност до немајкаде.

Ако веќе МРТ има финансиски проблеми, јас би предложил Собранискиот канал да интегрира смс интеракција со гледачите. Така, додека се пренесуваат седници на собрание, гледачите ќе можат да праќаат смс пораки со свои коментари по само 35 денари/порака. Политика во живо - лепак за луѓето кои сакаат да трошат многу пари на глупи смс-и.

Избори 2008

Од извори блиски на Кибер Котле, дознаваме дека имало нуклеарна експлозија во близина на едно избирачко место во изборната единица 1.

Според сведоци на настанот, т.е преживеаните, непознати и крајно сомнителни луѓе, оставиле нуклеарна боева глава од северно-корејско производство пред влезот на училиштето каде се наоѓало изборното место.

„Имаше двајца едни луѓе, така чудни беа и оставија една зелена, како бомба што имаше таков ко од филмови бројач, и веднаш побегнаа“ - ни изјави Г.З. видно радиоактивен и со изгореници по целото тело

Според Државната изборна комисија, гласањето нема да биде прекинато бидејќи се случило надвор од изборното место. Експерти од РЗЗ и Армијата го расчистуваат теренот а старите и изнемоштени лица се пренесуваат до изборното место со оклопни возила кои можат да преживеат нуклеарен напад.