Archive for April, 2008

150 години од теоријата за еволуција

Овој период се прославуваат 150 години од објавувањето на теоријата на еволуција.

Портрет на Чарлс Дарвин

Во Република Македонија, чинам помила ни е идејата дека еволуцијата не постои а животинските и растителни видови се создадени такви какви се (со сертификувано географско потекло од Македонија), а еден од првите жители во светот подарен од Господа е Александар Македонски кој се обиде, 300 години пред неговиот братучед Исус, да го избави човештвото од неговиот пад.

Во период на масовни историски фалсификувања, национал антички романтизам и анти научно расположение, Дарвиновата, па и другите рационални научни теории, влеваат оптимизам во сивилото.

дополнување: А причината зошто го напишав постот, освен јубилејот, е и оваа секција на магазинот Guardian посветена на тоа.

Ум во глава!

Коља повикува на смиреност, опуштеност и обмисленост до 1 јуни. Јас би додал - останете и со смисла за хумор. Одговорите се кријат и во најситните, навидум смешни детали.

Како атачмент на овие редови текст - антологискиот скеч на Монти Пајтон за фудбалот и филозофијата… или „филозофија за почетници“… или што и да е…

Одиме на избори

Во Македонија се најавува предизборие… всушност предвремени избори се скоро факт - останува формално да се определат во Собранието.

Премиерот Груевски дава чудни објаснувања за таквата иницијатива. Дел од оние, барем оние кои вреди да се разгледуваат, во суштина се базираат на сервираната претпоставка дека Собранието е закочено. Според него, Собранието ја кочи расправата и одлучувањето за реформите. Во изјава на Сител, се опиша себеси како Премиер со врзани раце.

Да почнам со разбивање на митовите…

Пречка за иницијативите на извршната власт во законодавниот дом формално се појавуваат тогаш кога во Собранието, Владата нема поддршка од мнозинството. Само тогаш, Собранието и формално може да ја кочи иницијативата за носење на закони и реформи која доаѓа од Владата. Во било каква поинаква ситуација, т.е состојба во која Владата сеуште има поддршка од мнозинството во Собранието, проблемот на Премиерот Груевски е во тоа што неможе да го натера тоа мнозинство да го надгласа малцинството. Како може малцинството да го кочи мнозинството во услови во кои одлуките се носат со мнозинство? Доколку мнозинството редовно си доаѓа на работа, било какво малцинство неможе да го надгласа.

Собранието, освен од политичка стратегија, во ваков контекст се распушта само доколку постои формална пречка за законодавната иницијатива на извршната власт преку губење на поддршката од мнозинството.

Изјавите на Премиерот Груевски имаат многу лош призвук? Што ќе решат новите избори? Ако опозицијата (малцинството) во Собранието досега ги правело проблемите, како ќе се смени состојбата после изборите? Ќе нема опозиција? Во демократијата неможете да се ослободите од опозицијата… поточно, никаде неможете да се ослободите од опозиција… единствено од што можете да се ослободите е демократијата. Лично, во овој момент не мислам дека Премиерот Груевски има таква намера, но ќе мора да ја смени аргументацијата за нови избори ако не сака да наликува на „човек кој сака да стане диктатор“.

Каде ќе згреши ВМРО-ДПМНЕ?

Во изборната кампања ќе мораат да објаснат како се „најреформската влада“ во услови во кое „Собранието ги кочи нивните реформи“. Таквиот плиток политички маркетинг веројатно ќе биде предмет на негативна кампања од опозицијата.

Јас не би сакал да давам прогнози, анкетите наскоро ќе почнат да зборуваат, но постојат две опасности по рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ : (1) Ова се вонредни избори и граѓаните така и ќе ги разберат - како нешто надвор од нормалното, нешто чудно, нешто неприродно. Тоа може да поремети дел од „критериумите“ (ако воопшто ги има) по кои граѓаните ќе го определуваат својот глас. Некои од адутите на оваа власт можат да бидат занемарени токму поради out of the ordinary ситуацијата во која ќе се спроведуваат изборите. (2) СДСМ има углед на партија која полесно гради меѓународни односи, па така клинчот помеѓу неуспехот за влез во НАТО и масовната хистерија на неизвесна ситуација ако не влеземе во НАТО може да го истиснат СДСМ повисоко на рејтинзите. Нормално, се работи само за перцепција на народот, која вели дека во времето на СДСМ ја добивме кандидатурата за членки во ЕУ, таму немаше проблеми како сега со НАТО.

Што се случува кога имате полоша политика од Србија? Вие претпоставете. Србија, која важи за земја со најлоша политика во последниве скоро 20 години, одржува избори _откако_ се „реши“ „проблемот“ со Косово. Сега на сите ќе им биде полесно во изборната кампања. Во Македонија сега се случува обратното. Наместо прво да се реши проблемот со името, сега повторно никој нема да собере храброст и тоа да го стави во изборната програма. Мандат за промена на името нема да има.

Иако ова несериозно делува во очите на странците во чие семејство сакаме да членуваме, таа најлошо ќе се одрази по обичниот граѓанин. Но, политичката неодговорност за ова, веројатно сама по себе никој нема да ја казни. Пратениците веќе ги имаат потребните привилегии за кои наводно се бориме сите да ги имаме. Затоа и иницијативата не им е голема.

Останува да се види како ќе се одвиваат кампањите. Доколку некој игра на националистичка карта во овие моменти - тоа ќе биде погубно. Во овој период, национализмот може да биде моќен мотор за мобилизација на гласови, но истовремено, повеќе од кога било, таквиот национализам ќе биде крајно опасен. Но тешко ми е да поверувам дека нема да се игра на таа карта. Не ја знам стратегијата на Груевски, но во овој момент, со сета можна неточност на прерана прогноза, тој неможе да добие повеќе мандати од тоа што сега веќе го има.

Промена на зборови

Како резултат на ветото на Република Грција за влез на нашата земја во НАТО, академици достоинсвеници од науката и културата, студенти, политичари властелини и бизнисмени почнаа иницијатива за исфрлање на грчките зборови и зборовите со грчки корен од употреба во македонскиот јазик.

Од тоа што досега се предложува:

    живонаука наместо биологија;
    мудрољубие наместо филозофија;
    република наместо демократија;
    либротека наместо библиотека;
    пример наместо парадигма;
    стопанство наместо економија;

Жешка дебата се води околу замената за „политика“, „археологија“, „педагогија“, „техника“, „психологија“ и многу други. Од МАНУ изјавија дека ова ќе биде најголемата ревизија на македонскиот јазик после воведувањето на кирилицата.

Повеќезначноста на зборот „логос“ кој се наоѓа во многу зборови во нашиот јазик ќе претставува гордиев јазол кој тешко ќе се реши - ни изјави анонимен извор од Филолошки факултет, чешајќи се по главата

Заводот за стандардизација упати известување до ISO и NIST каде ги известува дека ќе се напушти конвенцијата за употреба на грчки зборови во мерните единици. Првичните предлози се да се користат исклучиво латинските зборови кои досега се користеа за означување на помали мерки од основната. Останува да се види како ќе се имплементираат латинските називи за вредности над основната единица мерка. Некои циници укажуваат на тоа дека со невлегувањето во НАТО, во Република Македонија нема да може ни да се измери нешто со повисока вредност.

Според Владата, до крајот на 2008, од употреба ќе се исфрлат: дека, кило, мега, гига…

Најголем удар со оваа промена доживува математиката, која покрај тоа што ќе треба да си го смени името, ќе мора да заборави на Питагорината теорема и Пи, па од 2009 година, пресметките на плоштина на круг и триаголник ќе мора да бидат аутсорсирани во некоја од соседните земји.

Останува да видиме до каде ќе не доведе оваа политика.

Дополнување: Според извори од МПЦ, Синодот размислува да престане да го користи грчкото име на Спасителот Исус Христос, туку да го прифати еврејско-арамејскиот назив Јешуа Месија.

Македонија во ЕУ влегува во Понеделник

Не, ова не е првоаприлска шега.

Според најновите информации до кои дојде Кибер Котле, на Република Македонија ќе и биде понудена покана за членство во Европската Унија овој понеделник. Извори блиски на Котле јавуваат дека во Букурешт се случил пресврт откако делегацијата на Република Македонија го напушти самитот.

Анонимни извори јавуваат дека после неколку чашки виски (подарок од лицето Б.Ц), Џорџ Буш собрал храброст да ја предизвика Дора Бакојани на „гурање со рака“. Влогот, секако, бил влезот на Република Македонија во НАТО. Караманлис, умислен во триумфалноста на неговата дипломатска примадона, во духот на балканското чаталење ја зачинил опкладата со признавање на Александар Македонски како предок на денешните славо-Македонци и вистинскиот идентитет на нашиот народ. Саркози, видно поднапиен и со притаена омраза кон тексашанецот кој му ја краде славата, ги убедил присутните дека доколку Буш победи, Франција ќе ја стави Република Македонија на брза патека до членство во ЕУ, а доколку изгуби, ќе треба да ја помине ноќта со Дора (на авторот не му е јасно зошто на Саркози не му се допаѓа држечата Бакојани). Да биде сето тоа поинтересно, Ангела Меркел се приклучила кон ставот на Саркози, имајќи веќе искуство со слабите раце на претседателот Буш кој се обиде да ја масира пред година дена. Бугарската делегација вложила формален протест на таквата несериозна шега, но останатите делегати им рекле да се гонат у п.м. на основа на тоа што веќе биле досадни и немале смисла за хумор. За среќа на нашата државичка, другите делегати биле сќорени, па Оли Рен и Јап Де Хоп Шефер успеале без посебна мака да им ги соберат бланко потписите.

„Гурањето со рака“ заврши во полза на претседателот Буш, кој отсекогаш бил добар во таа спортска дисциплина.

Веќе пристигнуваат агенциски вести кои го пренесуваат формалното извинување на Република Грција за сквернавењето на најголемиот македонски син - Александар и узурпацијата на историјата. Како знак на пријателство, Република Грција ќе направи дрвен коњ кој ќе го краси плоштадот Пела во Скопје. Саркози, иако со врзан јазик, свика итен состанок на Европскиот Совет, кој ќе заседава оваа сабота за да и понуди покана за членство на Република Македонија во ЕУ на формалната прес конференција во понеделник. Се очекува, северно-атланскиот совет да ја формализира и поканата за влез во НАТО оваа среда.

Next Page »