Формата или содржината на блогосферата?
Првата вест која денес ја чув беше дека имало моја слика во печатеното издание на Глобус. Второто нешто беше линкот до сторијата. Додека ја читав, се присетив на замката која ја проследува скоро секоја дискусија за блоговите во која сум учествувал.
Првпат ја приметив на Мк.Блог.Конференцијата во мај минатата година кога се разви дискусија за политичкото значење на блоговите. Една од тезите беше дека содржината на блоговите е нешто што е алтернативно на политиката. Таквото сфаќање се пресликува и во текстот во Глобус, каде авторот го пренесува доживувањето на блоговите како „револуционерно“. Мислам дека оваа теза има две значајни слаби точки.
Првата слаба точка е фактот дека сите блогови не се занимаваат со новинарство или политичко коментаторство. Таквиот ладен туш им го соопшти Жарко Трајаноски на учесниците на блогерската конференција. Според него, не може да се занемари бројот на блогери ја искажуваат својата уметност преку блоговите или ги користат сервисите за забава. Јас би додал дека овој тип на употреба можеби е и доминантен.
Втората слаба точка има повеќе врска со потесното сфаќање на политичкиот контекст на блогот како феномен. Ова беше директен повод за соочување на некои македонски блогери и Роберто Беличанец по повод неговиот став искажан во „Без пардон“ на МТВ. Проблемот или стапицата тука честопати е преферирањето на анализата на содржина наместо на формата на блоговите.
Како и другите медиуми, блоговите функционираат во комплицираниот свет на испреплетени идеологии, субкултури и рефлексија врз стварноста, па во својата содржина неможат да го надминат тоа. Така, како што кажуваат и Дарко и Ивица во текстот, блоговите го отсликуваат политичкиот спектар и култура во општеството. Во таа смисла, беспредметно е да се плашиме дека блогосферата ќе емитира пораки од центрите на моќ кои во иднина би ја употребувале, бидејќи тоа таа веќе го прави преку блогерите, кои свесно и несвесно ги манифестираат пораките кои тие центри сакаат да бидат манифестирани. Но тоа што ги разликува блоговите од другите медиуми е нивната форма и начинот на кој се пренесуваат пораките. Тука мислам дека вреди да се разговара за блоговите.
Вмрежувањето, хипертекстот и ефектот на долгата опашка се клучните точки каде блоговите, и воопшто Веб 2.0 значат медиум на новото време. Тие нема да донесат нова содржина, но начинот на контекстуализирање на информациите, нивната размена и пристап до нив, додаваат нова вредност. Лесниот пристап до ресурсите значи дека и најмалку популарниот има можност да учествува во таа размена (everybody will be tv) - што не е случај со класичните медиуми, хиперлинкот значи лесна дистрибуција на информацијата а ефектот на долга опашка посочува дека никој не е толку непопуларен и секој може да најде своја мрежа на истомисленици кои ќе агрегираат слични содржини.
Наместо заклучок, го вгнездувам ова TED видео од Џонатан Херис наречено „Веб Тајни“. Мислам дека многу добро ја покажува формалната надмоќ на Веб2.0 наспроти класичните медиуми, а фактот дека користи тривијални содржини баш оди во прилог на мојата теза…




… “Тие нема да донесат нова содржина,” …
Блоговите ќе донесат .. а и веќе создаваат нова содржина. Тоа можеби не го приметуваме директно бидејќи блоговите претежно природно (органски) се создаваат и растат.
Но како наједноставен пример се сите оние содржини кои за класичните медиуми се неинтерсни, опасни или прекомплицирани, а кои си го наоѓаат своето место на блоговите. Дури и на македонските блогови.
Содржината за која зборуваш, или ја даваш во примерот, не е искажана само на блогови. Таа извира од некаква теорија, се искажува во некаков постоечки дискурс а тоа што е преопасно или прекоплицирано за мејнстрим медиумите секогаш го наоѓало своето место во алтернативниот медиумски простор (тука не се само блоговите).
Блоговите тука се важни, пак по нивната форма, поради ефектот на долга опашка и ефтиниот пристап до ресурсот. Рецептот отприлика оди вака: ефтин пристап - медиуми и за маргиналните идеи; долга опашка - маргиналните идеи се полесно видливи и полесно се агрегираат па условно полесно би постигнале ефекти.
Блоговите (и остатокот од Web2.0) се важни за македонското општество бидејќи помагаат во надминувањето на отуѓувањето кое е настанато изминативе транзициски години и се чувствува на речиси сите полиња.
Овие даваат можност за афирмација на поединците и вклучување во јавноста и дебатите, притоа заобиколувајќи ги сите центри на моќ и влијанија кои инаку имаат поставено финансиски или други пречки за вклучување на обичниот човек.