Archive for March, 2008

Скопски филмски фестивал 2.0

Блогот Кинотека, веќе некое време пишува за програмата на Кинотека на Република Македонија, а ја користи таа прилика и да ги дополнува содржините на мк.Википедија со статии за филмовите кои се прикажуваат.

Овој пат, блогот ќе ги покрива „филмовите на денот“ (оној филм на фестивалскиот ден кој од некои причини е „најважен“), за овогодинешниот филмски фестивал. Како дополнување на таа содржина, ќе биде објавен и дневниот распоред. Веќе падна првиот пост, па можете да го видите форматот.

Но тоа што е најбитно е што доколку имате Google Account, можете лесно да си го организирате времето што ќе го посветите на СФФ. Уредувачкиот тим на блогот Кинотека, комплетно ја пренесе програмата на фестивалот во календарот. Немора веќе да се шетате со брошурката и лутате за да видите што сте заокружиле. Вчитајте го календарот следејќи го ова упатство, а после тоа одберете кој филм кога ќе го гледате и како сакате Google да ве извести за настанот. Тој тоа го прави преку е-пошта и смс, што е прилично корисно ако планирате да посетите поголем број на филмови.

Др. Спинољуб

Или Како Научив да Престанам Да се Грижам и го Сакам НАТО

НАТО нема да ја подобри безбедноста на граѓаните, ниту ќе ги подобри економските прилики… но НАТО ќе ги спаси граѓаните од македонските политичари… а тоа не е мала работа.

Мојот фашистички допелгенгер

Не ми се верува… имам свој фашистички допелгенгер. Крај!

Формата или содржината на блогосферата?

Првата вест која денес ја чув беше дека имало моја слика во печатеното издание на Глобус. Второто нешто беше линкот до сторијата. Додека ја читав, се присетив на замката која ја проследува скоро секоја дискусија за блоговите во која сум учествувал.

Првпат ја приметив на Мк.Блог.Конференцијата во мај минатата година кога се разви дискусија за политичкото значење на блоговите. Една од тезите беше дека содржината на блоговите е нешто што е алтернативно на политиката. Таквото сфаќање се пресликува и во текстот во Глобус, каде авторот го пренесува доживувањето на блоговите како „револуционерно“. Мислам дека оваа теза има две значајни слаби точки.

Првата слаба точка е фактот дека сите блогови не се занимаваат со новинарство или политичко коментаторство. Таквиот ладен туш им го соопшти Жарко Трајаноски на учесниците на блогерската конференција. Според него, не може да се занемари бројот на блогери ја искажуваат својата уметност преку блоговите или ги користат сервисите за забава. Јас би додал дека овој тип на употреба можеби е и доминантен.

Втората слаба точка има повеќе врска со потесното сфаќање на политичкиот контекст на блогот како феномен. Ова беше директен повод за соочување на некои македонски блогери и Роберто Беличанец по повод неговиот став искажан во „Без пардон“ на МТВ. Проблемот или стапицата тука честопати е преферирањето на анализата на содржина наместо на формата на блоговите.

Како и другите медиуми, блоговите функционираат во комплицираниот свет на испреплетени идеологии, субкултури и рефлексија врз стварноста, па во својата содржина неможат да го надминат тоа. Така, како што кажуваат и Дарко и Ивица во текстот, блоговите го отсликуваат политичкиот спектар и култура во општеството. Во таа смисла, беспредметно е да се плашиме дека блогосферата ќе емитира пораки од центрите на моќ кои во иднина би ја употребувале, бидејќи тоа таа веќе го прави преку блогерите, кои свесно и несвесно ги манифестираат пораките кои тие центри сакаат да бидат манифестирани. Но тоа што ги разликува блоговите од другите медиуми е нивната форма и начинот на кој се пренесуваат пораките. Тука мислам дека вреди да се разговара за блоговите.

Вмрежувањето, хипертекстот и ефектот на долгата опашка се клучните точки каде блоговите, и воопшто Веб 2.0 значат медиум на новото време. Тие нема да донесат нова содржина, но начинот на контекстуализирање на информациите, нивната размена и пристап до нив, додаваат нова вредност. Лесниот пристап до ресурсите значи дека и најмалку популарниот има можност да учествува во таа размена (everybody will be tv) - што не е случај со класичните медиуми, хиперлинкот значи лесна дистрибуција на информацијата а ефектот на долга опашка посочува дека никој не е толку непопуларен и секој може да најде своја мрежа на истомисленици кои ќе агрегираат слични содржини.

Наместо заклучок, го вгнездувам ова TED видео од Џонатан Херис наречено „Веб Тајни“. Мислам дека многу добро ја покажува формалната надмоќ на Веб2.0 наспроти класичните медиуми, а фактот дека користи тривијални содржини баш оди во прилог на мојата теза… :-)