Мислам дека Би почна интересна дискусија со својот пост „Љубовта е слобода“. Сумирано, тезата на Би е дека постојат самонаречени либерали (и атеисти) кои се нетолерантни кон оние со друго мислење. За разлика од нив, вистинските верници се исполнети со толеранција.
Немам што да спорам на тезата, таа е евидентно точна. Авторитаризмот кон идеите и нетолеранцијата не се исклучиво деривати на религиозноста и постојат повеќе примери во кои секуларна организација на луѓе учествува во прогон на поинаквите.
Но тезата не пати само од генерализација (кој е инхерентен проблем на секоја теза), туку мислам дека местото на дебата може да се помести од ставот „има „либерали“ со двојни стандарди“ кон содржинска дебата за природата на толеранцијата и нејзиното сфаќање во контекст на верник и во контекст на либералниот атеист. Самиот поим толеранција може да се сфати како прифаќање на поинаквиот во поширока смисла, што значи прифаќање на: неговото постоење; артикулирање на неговото постоење; и манифестација на неговите идеи и активности.
Основната разлика, по мое мислење, е во мотивацијата за толеранција и доживување на поинаквиот.
За верниците, поинаквиот е оној кој не е дел од нивната религија или оној кој не е верник или може да биде некој грешник. „Добриот верник“ според упатствата на верата, во сите такви случаи треба да биде толерантен. Но мотивот за таквата толеранција во случајот на „добриот верник“ не е резултат на некаква елаборација на аргументи или прифаќање на некаква општествена состојба, туку на: 1) догмата од светите писма; 2) страв од пекол/џенем/лоша карма или љубов кон божеството.
За волја на вистината, ниту либерализмот не е имун на догмата, па значаен дел од новите теми на толеранцијата не се широко елаборирани и напротив - чисто догматски се сфаќаат. Меѓутоа, тоа не значи дека неможат да се елаборираат. Во таа смисла „либералниот атеист“ ја базира својата мотивација на елаборација, аргументација (и теорија) на тоа како треба да изгледа определено општество. Така, плурализмот претпоставува комплицирани процеси на усогласување на различни групи на луѓе. Овие процеси не се имуни на структурата на моќ во едно општество, но теоријата е дека општеството треба да се грижи за што поголем број на луѓе, а луѓето се различни. Тоа значи толеранција во либерална смисла. И либерализмот во различни општества значи различни нешта, но за мене либерализмот значи левица.
Најинтересен момент од дебатата е самото доживување на поинаквиот. Самата догма тука игра клучна улога. Поинаквиот никогаш неможе да има право. Хомосексуалците (на пример) можат и да бидат прифатени, но никогаш неможе да се одобри тоа што тие го прават. Толеранцијата, во овој контекст, добива форма на молење за спасение за другите. Тоа е најголемиот проблем на „добриот верник“ и од тоа тој не може да се спаси. За разлика од него „либерланиот атеист“ може да излезе од тој лавиринт иако општествените стереотипи се замки кои не можат да бидат игнорирани.
Што се однесува до „глупавите идеи и верувања“, лично сметам дека идеите и ставовите треба да се предизвикуваат, па дури и на моменти безобразно. Во една дебата, луѓето треба да застанат позади своите ставови и ги соочат со аргументи. Тоа се деловите од дискусијата кои треба да се вреднуваат за да со аргументи се реши определен проблем.