Мажите се од Марс а жените се родилки?

Од целата дискусија околу абортусот, највеќе ме нервира аргументот дека жените треба да раѓаат за да го подобрат наталитетот.

Јасно ми е дека верските зилоти постојано ќе мрчат против абортусот како грев.

Јасно ми е дека нема да можам да им понудам добра аргументација на некои хуманисти кои го гледаат абортусот надвор од општествениот контекст, туку само како акт на уништување на живот. Но не секој би можел во ова општество во кое живееме да му обезбеди на своето идно дете пристоен живот (животот станува се поскап) а ниту институциите на општествена нега не се на минимум потребното ниво за да добро ги негуваат децата без родители. Затоа е потребно правото на избор да биде загарантирано затоа што не смее жената да биде принудена да биде родител тогаш кога не може или тогаш кога не сака. Таквата принуда најчесто најлошо ќе испадне по детето. Но, тука секогаш треба да се додаде и дека абортусот не е најдобриот метод на контрацепција и никогаш не треба да биде примарен.

А за да не дојде до несакана бременост, многу е поважно во училиштата да се има сексуално образование наместо парите да се трошат на учење за верата. Таму, жените ќе бидат ставени во уште полоша ситуација. И понатаму извор на знаењето за сексуалниот живот ќе биде непосредното искуство, наместо да се вклучи социјална и медицинска компонента, а дополнително веронауката ќе ги „учи“ младите девојки за нивното место во светот, каде меѓу малкуте улоги на жената е и нивната „приплодна функција“. Можам да си замислам во каква позиција ќе бидат девојките, наполнети со идеи за гревот а во ситуација кога не ја посакувале својата бременост.

Но да се вратам на родилките и националниот наталитет… ова секогаш ме вади од такт. Тука се сумирани сите шовинистички идеи за машката доминација и „вистинското“ место на жените како мајки родилки на нацијата, чија функција не излегува подалеку од прагот на семејната куќа.

„Како да не ни умира нацијата ако жените не сакаат да раѓаат?“

Тоа е истиот ментален склоп од каде потекнува идејата дека најголемата победа во една војна е силувањето и затруднувањето на жените на непријателот - потсвесната идеја дека така најдлабоко се уништува националниот капацитет на спротивставената страна. Оваа идеја девастираше илјадници човечки животи во многу војни, а најблиску ни се граѓанските војни од Балканот во 90тите.

Се плашам од вакви идеи и сметам дека е сериозен општествен проблем доколку такви идеи станат доминантен дел од „општественото размислување“.

Што се однесува до потребата од наталитет, мислам дека човештвото и онака е прекубројно и лошо делува по екосистемот. Оние жени кои се загрижени за намалениот наталитет можат слободно да се потрудат да родат 10 деца наместо да ги тераат другите тоа да го прават, а мажите истомисленици можат да побараат начин како и тие да почнат да раѓаат.

4 Comments so far

  1. Новица on December 2nd, 2007

    Многу бабици и детето килаво…

  2. gemidjy on December 2nd, 2007

    Единствено абортусот доколку не биде изведен професионално може да ја остави трудницата 100% неплодна. Значи да оштети некој орган или што знам што не има таму, инаку и јас го поддржувам абортусот доколку се работи за здравствени причини или немање средства за издржување. Ама исто треба да имаме во предвид дека некои тоа го прават од бес..јас знам девојка која абортирала 8 пати…тоа е бес. Имал дечкото пари, си сакале да се онадат незаштитени и невнимателно и секогаш кога ќе се згрешело таа абортирала (патем таа сега е монахиња) :)

  3. дамјан on December 2nd, 2007

    гемиџи, луѓе од бес прават многу работи.. глупи работи.

  4. Bluessence on December 3rd, 2007

    Без оглед на причините, абортусот е едно ос основните репродуктивни права. “Од бес” за различни луѓе значи различни работи, а ништо не ни дава за право на нам другите да судиме.

Leave a reply