Archive for September, 2007

Денови на лоша музика

Вчера, симнав компилација на најужасните песни на мојата младост, а некои од нив сум ги слушал (за жал) кога не сум знаел за подобро :-) Наскоро, во план ми е организирање на журка насловена „Журката на која секогаш сте сакале да отидете, но никогаш не сте собрале храброст“. Па, еве дел од песните на таа компилација… верувајте има уште мнооогу „добри“.

Mr. President - Coco Jambo

No Mercy - Where do you go

Jon Secada - Just another day

Alphaville - Big in Japan

David Hasselhoff - Looking for freedom

Milli Vanilli - Girl you know it’s true

Wet Wet Wet - Love Is All Around

Roxette - It Must Have Been Love

Бунт во домот на законите

Од извори блиски на Собранието КиберКотле дознава дека пратениците кои вчера правеле проблеми биле на разговор кај Директорот и им бил врачен писмен укор пред исклучување. Денеска треба да се појават кај педагогот а после тоа се на аудиенција кај психологот.

Министерството не сакаше да коментира за најденото оружје во гепекот на возилото во близина на Собранието, но неуморно работи на индикациите дека случајно нашле толку малку оружје. Имено, дел од оружјето било оставено во партискиот штаб бидејќи морало да се направи место за купување пиперки и патлиџани за правење туршија овој викенд.

Алфите, во петок ќе ја објават монографијата „Не снимај иначе тепам“ каде се документирани ситуации кога „со закон“ е забрането снимање на истражни дејствија во кои, не дај боже, некој важен може да биде снимен од „очите на јавноста“. Од специјалните единици не уверија дека не треба да се грижиме за ништо - режисерот на спектакуларните апсења е на одмор па нема да ги апсат осомничените овојпат.

Партиските рекетари утре ќе одржат протестен перформанс пред Собранието насловен „И ние сме луѓе. И ние сакаме да тепаме“.

Здружението на граѓани „Не знам како да се понашам соодветно во било каква ситуација ама упорно носам лептир машна“ одлучи да го прогласи Љубиша Георгиевски за почесен претседател.

Топ 5 Албуми

Пошто Шепард ми пренесе тешка задача, морам прво да се дадам една забелешка:
Бирање на Топ5 албуми е тешко колку и бирање кој е појак - Рамбо I или Рамбо II.

Затоа ги поделив жанровски за да можам да вклучам што повеќе различни бендови, бидејќи во спротивно 4 од 5-те албуми ќе бидат од The Beatles :-) а воопшто многу тешко е да се најдат само 5 албуми….

Па одиме…

1. Рок почетоци:
The Beatles - White Album
Белиот албум

2. Прогресивен рок:
Yes - Close to the Edge
Close to the Edge

3. Електроника (90-ти и 00-ти)
Chemical Brothers - Surrender
Surrender

4. Трип-хоп
Massive Attack - Blue Lines (иако тука лесно може и Mezzanine да стои)
Blue Lines

5. Музика од Македонија
Robotek - Mini
Mini

Патем… мојата плејлиста постојано можете да ја видите на блогов…

Штафетата му ја предавам на Игор.

Зошто Латас ни е потребен?

Драган Павловиќ Латас, или во понатамошниот текст ДПЛ е „новинар“ одамна познат по своите интелектуални бравури, кои веќе некое време толку очигледно ја претставуваат агендата која тој ја турка што не е интересен ниту за онаа маргинална секунда на цинизам или политичка некоректност која сите нам ни е потребна во некои моменти.

Но иако ДПЛ делува како излитена фраза, неговиот лик и дело се повеќе од потребни во консолидирање на слободарскиот живот во општеството. Јас не се откажувам од идејата за општеството како антагонистичка ситуација, па според тоа, на слободата и се нужни соперниците, за да знаеме како да ја негуваме. Меѓу повеќето, на таа листа на личности се наоѓа и именуваниот ДПЛ.

Последна сторија - „Педерологија“. Кога ја прочитав колумната, и тоа случајно, затоа што Зомбификација пишувал нешто на таа тема, сфатив дека ДПЛ го изнел како аргумент, мојот противаргумент за новиот закон за избор на пратеници. Тоа, предизвика олеснување кај мене, затоа што најдобар индикатор за тоа дека си на вистинскиот пат (по твоите идеи) е фактот дека оние кои ги сметаш за најмалку слични ги користат истите аргументи но во спротивна насока.

Да ја тргнам на страна историјата на политичката навигација на ДПЛ (од проста причина што тоа би одземало многу простор), текстот е полн со политичка некоректност. Мене лично поимот „политичка коректност“ и последиците ми се проблематични. Моето мислење е дека комплексноста на ситуацијата не дозволува еднозначно определување што е коректно а што не е. Ако некој во популарната култура направил највеќе за рушење на митовите на политичката коректност, тоа се авторите на South Park. Јазикот во таа серија изобилува со политичка некоректност, но тој се користи за да се соочи гледачот со сопствените стереотипи или оние имплицитните, кои наводно општеството ги пребродило.

Како и да е, текстот на ДПЛ нема таква намера, туку до крај го задржува, општествено сфатено лошо значење на поимот „педер“ за да се конфронтира со политичките ривали од опозицијата. Тука јас и ДПЛ се „засакавме“….

Со промените на Уставот после конфликтот во 2001ва Република Македонија застрани од ортодоксната дефиниција на граѓанска држава обидувајќи се да го најде мирот додавајќи етничка компонента и формално во процесот на донесување на одлуки. Сега, од тоа што може да се види како предлог за преструктуирање на начинот како ќе се бираат претставниците на народот, ќе се оди уште еден чекор понатаму. Но прашањето што никој не го поставува е каде е тоа „понатаму“ и дали треба да се отвори јавна дебата за тоа како сакаме да ја гледаме Република Македонија во иднина.

Предлогот за промена ја става Македонија уште повеќе во водите на етнизирање на политиката. Тоа што е проблем со Бадинтеровото мнозинство беше немањето синхронизација помеѓу етничкиот идентитет на гласачите и етничкиот идентитет на претставниците избрани со тие гласови. Во услови кога пратениците гласаат и со својата етничка припадност во нашиот Парламент, таквата несинхронизираност има проблематична смисла. Поедноставено: Зошто Петко Петковски, гласа како Вулканец по етничка припадност за законите кои мора да се донесат со Бадинтерово мнозинство, а е избран и со мој глас, а јас пак сум Џедај по етничка припадност? Сега, ќе се резервираат места за малите и маргинализирани етнички заедници ако се усвои новиот предлог за измена на законот. Дури и да не навлегувам во проблематичноста на тоа како тоа ќе се изведе, јас гледам проблем во самата замисла. Ваквите решенија се карактеристични за повеќедомни претставнички тела и не сум убеден дека хибридно решение може да функционира.

Зошто, ако се грижиме за маргинализираните групи, запираме само на етничката димензија? Веќе непостоечкиот втор дом на собранието на Баварија било сочинето од претставници на најразлични социетални групи, јазични, религиозни, синдикални… Тука, јас и ДПЛ најмалку се сложуваме. Наместо да пробаме да ја трансцедираме етничката подвоеност во нашето општество промовирајќи ја повеќедимензионалноста на човековиот идентитет, политичките елити упорно ја закопуваат ситуацијата со буткање на етничкиот контекст во фокус на перцепцијата за политичкиот процес. Така, враќањето кон граѓанско општество после евентуална рехабилитација на етничките односи станува се помалку веројатно. Општествената фрагментација е посложена од еднодимензионалната поделба по етничка група. За да обезбедиме добра претставеност, онолку колку може едно претставничко тело да обезбеди (ако воопшто може), мораме да го прифатиме овој факт. Доколку не се прифати граѓанската формална класификација, тогаш мора да се обезбеди претставништво на што повеќе димензии на идентитетот, па меѓу другите групи и „педерите“ - ноќната мора на ДПЛ.

Токму поради комплексноста на ситуацијата, потребна е јавна дебата проширена надвор од Клубот на Партиите.

Денот на слободен софтвер…

… или како научив да ја посакувам смртта на козата на комшијата…

Утре, на 15ти септември е „Ден на слободен софтвер“, па затоа, 2с.мк ќе организира настани во текот на целиот ден за да ја одбележи пригодата. За таа цел, ќе се делат дискови со слободен софтвер а заедницата на корисници се стави на располагање и ќе им овозможи на посетителите краток вовед во интересната страна од живеењето со слободниот софтвер.

Значи, во текот на денот, 2с.мк ќе го презентира слободниот софтвер од 11 до 18 часот во Магор и културниот центар Точка. Навечер, 20ч во Мала Станица ќе се проектира Good Copy Bad Copy - интересен филм за копирањето и табуата околу тоа. Можете да видите повеќе за тоа тука.

П.С Баш ми е жал што луѓето во Метаморфозис, во својата мисија да го промовираат слободниот софтвер или интернет животот во Македонија, не го следат Кајмак.от и блогосферата која пишува за технологијата и слободниот софтвер, за да знаат дека и во Македонија ќе има настани посветени на „Денот на слободниот софтвер“.

Next Page »