Archive for August, 2007

Скриена историја: Битката кај Тафталиџе

Неодамна беа откриени стари записи на херцогот Холштајн за тоа што навистина се случило во Битката кај Тафталиџе, каде познатиот војсководец Пиколомини одлучи да го опожари Скопје. Еве некои извадоци од неговите белешки.

23 октомври 1689 лето Господово
Пиколомини беше нервозен. Густав, неговиот личен готвач ја беше згрешил кашата од пилешко помешувајќи ја со салата од домати. Мирисот веднаш ме потсети на градинката во Виена каде моите родители, Цвајнштајн и Крумхилда, ме носеа не по моја волја. Се чини и дека Пиколомини идел во истата градинка па и нему вкусот не му беше најмил. Но луѓето беа задоволни и со таква храна бидејќи, опсадувајќи го полево во Скопје, немаше ништо подобро а чичко „Стоилко“ го прославуваше денот на револуционерната борба на Македонците. Се ближи пладне. Густав е на нишан и ќе мора да се искупи со некој подобар ручек.

24 октомври 1689 лето Господово
Извидницата штотуку се врати од Козле. Се чини дека Османлиите кампираат кај Лептокарија. Грците повторно ја продале душата и им ги дале своите позиции на Турците на работ на Тафталиџе. Никогаш не им верувај на Грците, дури и кога кумуваат на трговски центри и купуваат Рафинерии. Пиколомини полуде. Ханс, неговиот аѓутант, го извлече подебелиот крај и се најде на погрешната страна од тупаницата на генералот. По се изгледа ќе треба бргу да се реагира и да се нападне срцето на Османлиската војска во Тафталиџе. Пиколомини се мисли дали да ја чека помошта пратена од Карпош, лидерот на востанието во Македонија. Но времето изминува. Логорот на нашата војска е нервозен. Се исчекува битка а Густав зема слободен ден оставајќи го полкот да се снаоѓа со паштети. Го мразам Густав. Да не беше братучед на Милер, дворскиот шут на Леополд I, досега ќе го убиевме.

25 октомври 1689 лето Господово
Војската е во движење. Централниот дел од трупите го пуштивме по Партизанска. Знаевме дека тој дел ќе претрпи значителни загуби, па ги наместивме хрватите во првите редови на чело со Домобран Мускулестиот. Левото крило маршираше по „Митрополит Теодосие Гологанов“ заедно со стрелците и коњаницата, а вториот ударен бран што требаше да ги докрајчи непријателите во Лептокарија го пуштивме по „Илинденска“. Главна цел ќе бидат силите стационирани кај „Здравко Цветковски“. Пред првиот напад дознавме дека македонските герилци на Карпош биле пресретнати и десеткувани по нивниот пат од Крива Паланка до Скопје додека јаделе риба во Гиновци и пиеле литро со литро. Господ нека ни е на помош.

26 октомври 1689 лето Господово
Победата беше слатка. Иако не чинеше многу човечки животи и уште повеќе пешадија, Пиколомини беше задоволен од победата. Турскиот аскер падна а нашата света мисија забележа уште една победа. Империјалната војска на Австрија сега го контролира цело Скопје. Турците се избезумени. Пиколомини најави банкет за оваа вечер и рече дека заедно со Гагарин имаат специјално изненадување. За ручек имавме воено гравче. Некои од војниците имаа тровање, па на Густав му го одземаа готвачкиот имунитет за да може објективно да се спроведе истрага. Во меѓувреме се дозна дека дворскиот шут Милер, братучед му на Густав, поднел оставка. Кутриот Густав.

27 октомври 1689 лето Господово
Од вчера Скопје гори. Испадна дека масовно опожарување било темата на вчерашната специјална забава која Пиколомини ни ја спремил. Сите седевме во кругче и вртевме шише играјќи „фота“. Врвот на шишето се впери на генералот а Гагарин го предизвика да го запали градот. Генералот е човек од збор и не дозволи да ги прекрши правилата на играта и се одзва на предизвикот. Иако го засака градот, тој веднаш ја мобилизираше војската и го потпали Скопје за само еден час. После се врати во кругчето и го сврте шишето за нова тура „фота“. Утринава, отрезнети од пијанството, го убедивме Шпилерс, офицерот за односи со јавност кој не беше поканет на банкетот, дека сме го запалиле градот заради чума. Густав беше ослободен од обвинувањата. Среќно копиле.

Лекција од историјата

Подметнатиот пожар во зградата на Германското Собрание

Внимавај на секирата Јуџин!

Денеска, и вчера, мојот пријател организираше забава по повод своето неколкугодишно заминување од Скопје на студии во Тексас. Поради музиката во својот двор заработи поплака од комшиите поради која полицијата интервенираше па забавата се префли во неговата куќа и тоа на компјутерски - не толку јаки звучници. И тоа не беше доволно за соседството па повторно забавата ја прекинаа полицајците кои сега, поради повторените пријави, го одведоа мојот пријател на „информативен разговор“ заедно со уште неколку случајни учесници на забавата. Отидовме да ги бодриме другарите пред полициската во Ѓорче.

Од тоа што го видов полицијата беше пристојна. На најдобар начин се обидоа да ни објаснат дека ништо не се случува со нашите другари и само ќе бидат прашани за некои основни работи, како лични информации и слично, и потоа ќе бидат пуштени без никакви дополнителни проблеми. Тоа и се случи. Нормално, групата беше значително вознемирена бидејќи не сметаше дека направила ништо лошо, туку напротив, ги слушнала сугестиите при првата посета на полицијата и веднаш се повлекла на забава внатре во куќата. Да биде сето тоа смешно, јас играв улога на добар „полицаец“ во Ѓорче па се ставив на страна на полицајците додека другите играа улога на лоши „цајкани“. Не мислам дека бев хипокритичен. Тие полицајци ја работеа својата работа и постапуваа според жалби. Неформално, еден од полицајците ни призна дека не гледа некој проблем во забава каква што ние ја опишавме до доцна во ноќта, посебно ако соседството било известено а се работи за несекојдневна пригода.

Тоа што мене ме натера да го напишам постов е немањето на објективни мерила за звучна контаминација на средината според која ќе се определи дали некој го нарушува јавниот ред и мир. Наместо мерење на децибели, полицијата и законите се потпираат на субјективната звучна осетливост на соседството, чија нетолерантност најчесто се базира на некомпатибилен музички вкус. Така, тоа што е музика во ушите на еден, истовремено е и бука во ушите на некој друг. Во отсуство на подобри средства за мерење на бука, полицијата фактички постапува по нечиј музички вкус или комшиска фрустрација. Не дека не е можно забавата да е прегласна. Но без инструменти - тоа е сепак субјективна оценка.

Втората полициска посета дефинитивно ја згасна забавата. Кога некој живее во куќа и пушта музика на мали компјутерски звучници а се простува од Скопје и пак бива пријавен, веројатно е лоша волја на соседството. Но јас го имам совршениот лек. На мејл ќе му ја пратам Carefull With That Axe Eugene од Pink Floyd. Доколку имате проблеми со повампирено соседство - тоа е песната за вас.

Кој ја тоа Владата гранатираше?

Сакав да почекам малку пред да блогирам на темава, но изјавата на Бичиклиски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ ме натера да го направам тоа порано.

Уште при првата вест, кога ја прочитав изјавата на Ивица Боцевски - портпаролот на Владата, првото нешто што ми падна во очи е дека отсуствува осомничен.

Доколку некој тврди дека „пораката е примена“ и тоа нема да ја одведе политиката на Владата од зацртаниот пат, при што постојат извесни „политички инспиратори“ на нападот, тоа значи дека се знае кој стои позади. Јас барем така го сфаќам тоа. А зградата на Владата, и тоа што таа го симболизира, не е сопственост на Никола Груевски или Ивица Боцевски и во одговорна држава граѓаните биваат веднаш известени за тоа кој нападнал. Тоа не е државна тајна.

Е сега… ако си партија во опозиција, твоја задача е да поставуваш прашања и се сомневаш во власта. И мене ми е сето ова сомнително, зошто не би му било на СДСМ.

Но ако си партија на власт оваа позиција е многу незгодна. Кога твојот портпарол се обидува да ја набеди противничката партија од опозицијата за извршениот терористички напад, како што тоа Бичиклиски го направи во вчерашната изјава тогаш:
1. Твојата изјава се базира на некои индиции од постапката (е сега треба спектакуларно апсење ;-));
или
2. Во отсуство на откривање на наводните сторители, во ситуација кога се познати барем политичките инспиратори а има и порака која била упатена, користењето на целиот настан против СДСМ буди оправдан сомнеж.

Но, да не биде се така сиво, Киберкотле дојде до потенцијална листа на сторители на овој „неуспешен“ терористички напад:

    МАСИТ (ради тендерот ;-))
    Бранко
    Јорго (мада извори блиски до Котле велат дека поверојатно е дека овој спрема хемиски напад)
    Трифун
    Ослободителната Војска на Олигарсите
    Ал Каеда (заради нашите „ослободителни“ мисии)
    Грците
    Буч
    Обединети комуњари против Ченто
    Народниот фронт на Јудеја
    Телетабисите (особено Пинки Тинки Винки)
    Дружината троловско стебло
    Новинарскиот еснаф - во отсуство на подобри стории

филм: Врзан

Вчера на Youtube се појави „Врзан“ - колку јас знам првиот македонски филм кој користи слободна лиценца. Ај нека се множат. ;-)

„Врзан“ е напишан и режиран од Горјан Милошевски, го снимаа Маја Јакимовска и Кирил Шентевски а го монтираше Тања Фиш. Опремата ја позајмија Cre8ive8 и Британскиот Совет. За глумците ќе си видите во каст листата на крајот на филмот.

„Врзан“ е обид да се раскаже приказна за една дилема на еден млад човек. Нема да опишувам понатаму, нити критикувам… сум учествувал во правењето - тоа не е моја работа туку на публиката.

Фактот дека е дело со слободна лиценца мене ми е исто драг. Тоа значи дека било каква копија од филмот не е акт на пиратство, туку акт на една здрава култура на споделување. Постојат и други слободи кои можете да ги прочитате во текстот на лиценцата.

Next Page »