Archive for July, 2007

Чекор понатаму

Денес беше последниот ден на мојот ангажман во Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од Скопје.

Последниве неколку години… чинам од 2004-та бев дел од тимот за истражувања на ИДСЦС кој највеќе се занимаваше со истражувања на политичкото јавно мнение. Во целото тоа време се здобив со знаења и вештини за истражувања а имав увид во најразлични трендови и промени во јавното мнение предизвикани од најразлични настани.

Но, во меѓувреме ја увидов потребата повеќе да се ангажирам за промоција на слободниот софтвер и култура а паралелно, во последнава година се кристализираше моето гиковство па сфатив дека таму повеќе припаѓам.

Затоа, мојот следен ангажман ќе биде во „Слободен софтвер Македонија“ каде ќе се обидам да допринесам во понатамошно јакнење на организацијата и нејзините активности. Се надевам дека ќе ја докажам довербата која ми беше укажана пред нешто помалку од месец дена кога бев примен како член на организацијата.

Одговор на постот на Мечето Ушко

Мојот претходен пост беше за една петиција насловена „Не пиеме нафта“ насочена против војната во Ирак а со барање војниците од Република Македонија да се повлечат од меѓународните сили.

Кога го пишував не знаев дека веќе имало реакција против петицијата, но осеќав дека ќе има. Конкретно, Мечето Ушко пишало пост за тоа како да им се маваат чврги на петицијашите. Демек фејкери биле. Му одговорив на неговиот блог, но дел од коментарот, кој е општ го пренесувам во постов.

Од моето искуство досега… чести се луѓето кои критикуваат вакви акции или на ним слични. Тоа што секогаш стои позади тоа е мислењето дека само оние кои се на барикадите или во рововите наредените по пукнатините на социјалните конфликти, имаат право на вакви акции.

Крајниот резултат на ваквите ставови јас го гледам во две манифестации:

1. Сликата дека никој друг нема право да ги рефлектира проблемите во општеството освен напатените. Оние кои стојат во академските фотељи, пред компјутер немаат право на збор.

2. (Парафразирајќи го Жижек) Активизмот стои над се и било какво теоретизирање е губење време.

Ваквите ставови се израз на потребата да се остане во статус кво… Така да … не знам кој е комотниот во целата ситуација.

петиција: Не пиеме нафта!

Ми текнува како пред неколку години, кога Република Македонија се определи да ги поддржи САД во борбата против теророт и „слободољубивите“ напори да се „ослободат“ народите во Ирак, јавното мнение беше против тоа.

Но, властите тврдоглаво се решија да ги помагаат своите стратешки партнери без трошка принципи а маѓепсани од политичкиот прагматизам во „одбраното“ друштво на големиот пријател.

За жал, наместо да научиме од секојдневието во Ирак, во што сме се впуштиле, веројатно ќе чекаме историјата да покаже во какво друштво сме биле. Тоа што е трагично е што го рационализираме своето учество во окупаторска акција без аргументи и со себична користољубива перспектива. Но тоа е дел од големата илузија.

Затоа, група мирољубиви луѓе се иницираше да направи критички осврт на оваа политика на нашата Република. Линкови кај Анти, Зомби и Левица.

Една од нивните активности е и петиција за повлекување на војниците на Република Македонија од окупаторските сили во Ирак. Јас се потпишав затоа што сум против војната… ете толку е едноставно.

За троловите

Троловите се митски суштества, кои се сретнуваат во Нордиските и Саксонските митологии и најчесто се појавуваат во две варијанти: тромави џинови или злобни човеколики суштества кои живеат по пештери и темни шумски места.

Свети Јакомо, во својата „Оставштина за неспретниот туѓинец“ ја раскажува приказната за мистериозното исчезнување на троловите од шумите на Скарвсјардјардеен при налетот на громогласните Вандали од XIII-от век. Св. Јакомо посветил две поглавја во истоимената книга за поглаварот на троловските орди - Смејлер, чијшто прдеж надалеку се слушал.

Но Свети Јакомо не е единствениот извор за тоа што денес го знаеме за троловството. Крсте Први Мекиот поминал две години во заточеништво во еден од троловските затвори и денес претставува еден од најрелевантните историски сведоци за Смејлер и неговата дружина. Во својата книга „За троловите“ тој оставил најдобар запис за древната вештина на троловите: нервирање на луѓето.

Крсте Први Мекиот, како пионер трололог, пишува дека од мали нозе, троловите се учат на овие вештини.

Прво нешто што малите тролчиња го учат е како да глумат дека луѓето ги повредиле. Тешко било ова да се совлада, но по години пракса и просечниот трол станува експерт во ова поле.

Втората вежба, Јеронимо Малешевус ја насловува како “ad hominem”. Не сите тролови ја совладале оваа вежба како што тоа го направил Грмир - троловскиот шампион во ad hominem напади. Западното крило на Универзитетот од Троленд го носи неговото име заради славата која тој ја стекнал.

Третата вежба е инфилтрирање помеѓу луѓето. Најмалку тролови ја совладале оваа вежба, а оние на кои тоа им пошло од рака, успеваат со години да бидат заспани троловски агенти инфилтрирани помеѓу луѓето.

Неколку современи историчари трололози, како Руперт Велики, тврдат дека записите на Крсте Мекиот се фалсификат, меѓутоа повеќето угледни автори ја наоѓаат валидноста во работата на Мекиот преку неговата втора книга „Отаде Троловите“, која пред своето време ќе ја предвиди големата преселба на троловите на Интернет. Таму, троловите ја доведоа својата вештина на нервирање на луѓето до совршенство.

ДОПОЛНУВАЊЕ:
Многу тролови ми реагираа дека лошо сум ја претставил нивната култура па еве едно дополнување со фрагменти од нивната богата култура:

Помалку познати филмови од троловската кинематографија:

1. Третиот Трол
2. Офицер и трол
3. Тројца тролови и тролче
4. Како да изгубам трол за 10 дена
5. 2007: Троловска одисеја
6. Граѓанинот Трол
7. Деконструирајќи го Тролот

Некои од забранетите книги во троловската литература:

1. За Тролцките работи
2. Глувци и тролови
3. Тролски завет
4. Сам свој трол
5. Троловите се од Јупитер, тролиците од Нептун
6. Троловска комедија
7. Дружината Троловско стебло
8. Света Крв, Свети Трол
9. Кодот на Да Трол

Некои од троловските мудрости:

1. Трол трола не рани, тешко кој го нема
2. Кој рано рани, два трола граби
3. Trol trolus, homini est
4. Non cogito, ergo troll
5. De Trollibus non disputandis

Детски игриви песнички:

1. Прва жичка за баричка - честа шега на малите тролчиња
2. Женско грифонче, мамино тролче

Ubuntu чучи во владиното кафе

Пред неколку дена, Владата на Република Македонија го отвори првото државно интернет кафе, каде младите и пензионерите ќе можат бесплатно да сурфаат по Интернет.

Случајно, додека читав на Вест за сторијата, ја забележав Gnome десктоп околината на екранот на компјутерот, а по кратка консултација, моите сомнежи беа потврдени - Убунту чучи на компјутерите. Еве и слика…

ѕирни го убунтуто

Убаво што во Владата сфатиле дека информатичкиот развој оди рака под рака со слободниот софтвер.

Next Page »