Archive for June, 2007

GNU Општа јавна лиценца верзија 3

Денес, во Бостон беше објавена третата верзија на GNU GPL лиценцата, која стои позади поголемиот дел од слободниот софтвер.

После 18 месеци јавна дебата, за време на која имаше големи спротивставувања произлезе финалната верзија, која Фондацијата Слободен Софтвер се надева дека бргу ќе биде присвоена од развивачите на слободен софтвер и заедницата.

Контроверзата која ја проследува оваа трета верзија е отвореното соочување на ФСС со производителите кои користат слободен софтвер во направи кои ја ограничуваат слободата на корисниците - како на пример ТиВо-то. На едната страна стоеше ФСС која во своите предлог нацрти на лиценцата ја ограничуваше употребата на слободен софтвер за такви цели. Наспроти овој, во етиката заснован став, стојат прагматичните страни во светот на слободниот софтвер, меѓу кои и Линус Торвалдс, кој неретко аргументираше како не постојат ниту правни ниту етички проблеми со користењето на слободен софтвер на таков начин и дека проблемите се некаде на друго место.

Како и да е, духовите полека стивнуваат. Ќе видиме како новите клаузули на верзија 3 ќе влијаат во успехот кој слободниот софтвер го имаше во комерцијалниот свет?

My name is Black, Jack Black

Денес дознав дека студентите ме викаат Џек Блек. Демек… многу сум личел на него.
Џек Блек од Фликр
Мене Џек Блек ми е топ… па ова си го доживеав како комплимент, иако не мислам дека си личиме. :-)

Интересно ми беше исто така, кога пред некој месец, на едно соопштение кое го оставив на огласна табла на факултет, некој допишал kotle до моето име. Можеби треба да ставам некоја забелешка дека киберкотле и Миша не се иста личност, иако се ист човек… мада… секогаш ќе ми биде тешко да го докажувам тоа. :-)

Било како било… у мое време, надимаците кои се користеа за професори беа: Гестапо, Гонзо, (името на предметот), Строги, Косата, Цицкотрес… ех… времињата се менуваат.

п.с: фотографијата на овој пост е од друг автор и се дистрибуира под друга лиценца. кликни на неа за да видиш повеќе

Писмо до Кк.мк

Им напишав писмо на креативекоммонс.орг.мк во врска со рестриктивната кк варијана која ја користат за нивниот сајт. Еве го текстот на писмото:

Почитувани,

Следејќи ја веќе некое време дебатата која се води во рамките на Creative Commons движењето, и распределбата на нивните лиценци на повеќе рестриктивни и помалку рестриктивни, каде NonCommercial и Non Derivative варијантите се предмет на постојана критика, сакам да ве прашам зошто, како промотери на ова движење во Македонија, сте ја одбрале најрестриктивната лиценца за вашиот сајт?

Зарем не мислите дека со ова оставате лош пример кај сегашните и идни корисници на cc во Македонија промовирајќи лиценца која најмалку, според многумина активно вклучени во движењето, го помага развојот на слободната култура - нешто за што cc неуморно се бори.

За разлика од вашиот сајт, матичниот сајт creativecommons.org ја користи најмалку рестриктивната варијанта? Зошто тоа не е следено?

со почит

Одговорот ќе го пастам коа ќе го добијам… ако го добијам

За промоцијата на Криејтив комонс во Скопје

За почеток: не сум дел од организацијата Слободен софтвер Македонија. Текстов го пишувам како близок набљудувач, а се сметам себеси како дел од заедницата на корисници на слободен софтвер во Македонија.

Многу џева се крена за фактот дека претставник на организацијата Слободен софтвер Македонија не присуствуваше на промоцијата на Криејтив комонс лиценците договорите кои фондацијата Метаморфозис ги преведе и прилагоди на условите на македонската легислатива.

На последната конференција на iCommons, која се одржа во Дубровник од 15 до 17 јуни, Лоренс Лесиг, главен извршен директор на Криејтив Комонс го најави своето постепено повлекување. Притоа, доста емотивно сите нам ни порача дека приказната останува на нас и ние сите треба сега да продолжиме. Ова, мислам дека многу јасно ја покажува потребата од дисеминација на приказната за криејтив комонс до самото дно - оние кои ја креираат содржината. Самите автори мора да покажат интерес и знаење за тоа што точно значат посебните лиценци кк договори, што сакаат да направат користејќи ги, а најважно од се - да ја сфатат идејата позади движењето кое се формира или веќе е формирано и пробува да креира слободна култура.

Затоа, приказната за криејтив комонс и не е приказна на некоја организација или организации, туку приказна на сите оние кои на своите авторски дела ги прикачуваат кк лиценците договорите. Оттука, не гледам дека е неопходно ОССМ службено да биде дел од оваа промоција. Ако одиме во детали, колку јас сум информиран, никаква покана не е стигната до ОССМ - не дека таа е потребна. Од друга страна, ОССМ не ја бојкотираше конференцијата.

Но, тоа што е важно да се каже е дека целта на ОССМ не била никогаш да ги промовира ниту слободниот софтвер, ниту дефиницијата на слободен софтвер, отворените формати, криејтив комонс лиценците договорите, за да присуствува на промоции, коктели или конференции, туку затоа што членовите на ОССМ, како и повеќето членови на заедницата, мислат дека тоа е вистинската работа што треба да се стори. Тоа, сигурен сум, ќе продолжи.

И додека некои мислат дека официјалното претставување на кк се случило вчера во Скопје, можам само да кажам дека тоа не е точно. Заедницата па и пошироко, веќе некое време ги користи кк лиценците договорите. Тоа што вчера се случи е локализацијата, која највеќе значи дека секоја ставка во лиценцата договорот (онаа меѓународната) ќе биде валидна пред македонските судови.

Зарем при фактичка ситуација кога лиценците договорите беа откриени од „народниот гениј“ и масовно гледаме дека се користат по блогосферата (иако без да се сфаќа баш за што се работи - туку од помодарство), заслугата за кк во Македонија треба да ја понесе Метаморфозис? Од нив гледаме како се однесуваат кон споделувањето, прво лиценцирајќи го кк.мк сајтот со најрестриктивната кк лиценца во Македонија. Важниот гостин од Криејтив комонс - Јоичи Ито, беше All Rights Reserved за потребите на Метаморфозис иако Јоичи сакаше да учествува и во други активности. Кога се води дебата на Сител за интелектуална сопственост, главниот правен експерт за Кк во Македонија воопшто не ги споменува овие алтернативи, туку напротив зборува како тие да не постојат; нуди правни совети во спротивност на идеите на Криејтив комонс. Целото ова време, барем јас, не видов скоро ништо од промоција на Кк од страна на Метаморфозис, освен декларативни фусноти таму каде што е популарно да се каже.

За крај, тоа што останува е дека очигледно е дека двата пристапи кон дискусија и промоција на Кк во Македонија се различни. Добро е да останат така, бидејќи имам чувство дека некој во оваа приказна, го прави ова само поради проект и престанува да мисли на слободната култура после работно време. Можеби работите ќе се сменат…

Интелектуална сопственост?

Вчера на Зебра Лајф тема беше: „Дали државата ја штити интелектуалната сопственост?“.

Уште еднаш новинарите се прославија со: тенденциозно водење, лоша подготвеност, дезинформации…

Дезинформација: Во рамки на репортажа за пиратски софтвер, беа прикажани и GNU/Linux + KDE + OpenOffice.org, што е целосна дезинформација. Овие софтверски продукти ја даваат целосно слободата за редистрибуција.

Лоша подготвеност: Еднаш кога сакав да набавам неколку филма за едукативни потреби од Манакифилм, ми рекоа дека во мојот случај би направиле исклучок, бидејќи тие ја продаваат само целосната колекција во едно парче а не одделни филмови. Интересно би било како луѓето од ова претпријатие, кои толку остро ги напаѓаат „пиратите“, би ја објасниле оваа нефер стопанска практика забранета со закон. Значи, ако јас сум видеотекар, и сакам да дистрибуирам филмови „легално“ и би сакал тоа да биде титлувано на македонски, не ми останува ништо друго освен да ја купам целата колекција што ја има издавачот на филмот кој ми треба. Ова ме води кон третата точка…

Тенденциозност: Никој од редакциската екипа не се потрудил да ја согледа другата страна од т.н интелектуална сопственост и да повика гости кои се спротивставуваат на сегашното сфаќање на авторските права и нудат алтернативни решенија и перспективи.

Тажното е во тоа што еден од гостите беше Неда Здравева од Правниот факултет, вклучена во прилагодување на Криејтив комонс лиценците на македонското законодавство, а која не најде за сходно да ги спомене и барем ги навести алтернативите. Но тоа е…

Аха… да… пирати се оние луѓе кои напаѓаат бродови на море, ги ограбуваат и ги убиваат патниците… 1 - 2 - 3

Next Page »