Откако пред самиот почеток на конференцијата, вчера 26.05.2007, го видов сталмановското писмо кое Новица, неможејќи да дојде на конференцијата, им го упатил на блогерите, знаев дека настанот ќе биде интересен…
За почеток, честитки до организаторите од Центарот за нови медиуми кои, од тоа што јас го знам, за прв пат организираат настан од овој тип. Сметам дека е добро собири од ваков тип и почесто да се случуваат. Јас не сум многу запознаен со луѓето позади блоговите, и морам да признаам дека многу малку од луѓето ги познавав.
Како што беше планирано, настанот беше поделен во три сесии…
На првата сесија Георги Глиша Станоевски и Јован Чомбе Костовски ја презентираа технолошката позадина на некои web2.0 алатки, меѓу другите и Кајмак.от кој самиот Глиша го има направено и го администрира. Блогерите не беа премногу заинтересирани за техничката позадина на средината каде егзистираат нивните блогови. И покрај развиената дискусија за Кајмак.от и некои други онлајн 2.0 сервиси за кои се разговараше, мислам дека изостана интерес за една важна точка, за која Глиша проба да почне разговор - независни блог апликации. Според мене, напредните блогери се повеќе ќе ги чувствуваат ограничувањата на бесплатните блог сервиси, па потребно е повеќе да се интересираат за онлајн апликации за блогирање, кои би можеле да ги постават на сопствени веб простори. Но, веројатно тоа ќе треба да биде дебата на некоја понатамошна конференција/работилница или сл.
Втората сесија ја водеа Анастас Вангели и Ивица Антески а беше насловена како: Блогови и медиуми. Анастас зборуваше за меѓусебното влијание помеѓу блоговите и традиционалните медиуми; обидите на блоговите да навлезат во известување според терковите на традиционалните медиуми; модалитетите на употреба на блогот од страна на традиционалните медиуми; некои попатни замки. Неговото излагање беше кратко, но информативни - барем за мене. Ивица пак проба да ја најде разликата помеѓу самото новинарство и блогот. Тука дискусијата дефинитивно се разводни. Како прво, некои од неговите категоризации беа некохерентни, како на пример ставањето на новинарските жанрови наспроти најчестиот формат на блогирање. Но, тоа е помалку важно - тоа што мене тука ми остави впечаток е дискусијата за статусот на блогерите наспроти новинарите. Обидите да се изедначат овие две форми се непотребни. Напротив, потребно е прво да се направи дистинкцијата помеѓу блогер/ка и блогерите затоа што сите не се занимаваат со новинарство на нивните блогови. Дури понатаму како блогер кој се занимава со новинарство на својот блог треба да бара некакво институционално препознавање, ако тоа воопшто му е важно. Веројатно тоа што ја донесе дискусијата натаму е поистоветувањето на новинарот со медиумот во излагањето на Ивица, што претпоставува дека оној кој има медиум (значи и блогерот) според тоа тежнее и кон новинар.
Во третата сесија Жарко Трајановски веднаш интервенираше забележувајќи дека не сите блогери тежнеат кон новинарство, туку напротив, повеќето од нив не го користат блогот за некаква форма на новинарско известување. Неговиот почеток се состоеше од констатацијата дека постои родов дисбаланс во блогирањето, дискусија околу која сум просведочил дека многу копја се кршеле па затоа ќе застанам со тоа тука. Во оваа сесија се иницираше и дебата околу евентуална институционална поддршка на некои блогери кои со своето блогирање допринесуваат кон културното творештво, или директно или преку рефлектирање на тоа што се случува. Ова е интересна тема, и верувам дека како блогот ќе станува се пошироко употребуван, а со тоа постепено институционално прифатен, ќе го видиме и тоа. Во оваа сесија Анастас проба да го најде изворот на политички активизам кај блогерите, но мислам дека потребно е да го контекстуализираме нашиот поглед кон блоговите и блогерите а не да го генерализираме затоа што таму, во генералната слика, не можеме да го најдеме субверзивното.
Меѓу останатите теми, пак проникна прашањето за авторски права и „интелектуална сопственост“, каде Дамјан и milozvu4na имаа оштра дискусија. На Дамјан му беше проблематично тоа што постојано се спомнуваше „крадење“, а и мене и нему ни беше интересно што повеќемината мислат дека различните форми на заштита на авторски права ќе ги заштитат во дигиталниот свет. Наместо тоа, можеби на идната конференција добра идеја би било да се позанимаваме со овие прашања на еден покохерентен начин, за да го сфатат концептот на слободна култура и се обидат да го најдат своето место таму, нормално, ако сакаат.
Постов го оставам без заклучок. Настанот беше сниман од неколку екипи а фотографиран од уште повеќе. Глиша и јас бевме помеѓу оние кои сликаа, па можете да најдете дел од сликите тука.