Archive for January, 2007

изгубени во транзицијата

… така гласи првиот пост на новиот блогер чија локација е „Гласно ќутам, тивко викам“.

Што знам… барем за почеток ми изгледа добра идеја некој да го фото-документира она што не опкружува, тоа што не сакаме да си го признаеме па се обидуваме да го игнорираме во секојдневниот стремеж кон личен успех. Така, сликата/фотографијата е оној непријатен трн кој не вознемирува, за да не потсети дека сеуште сме луѓе.

web 2.0 училишта

Сите се шокирани од секс видео клиповите кои испливаа од средните училишта. Не се знае што ќе се прави. А кога е матно, секакви коментари прострујуваат по етерот.

Кој е проблемот? Сексот, снимањето видео или дистрибуција на видеото?

Ако е сексот проблем, тогаш зошто не се тепачките проблем? Како е можно, медиумите да се осетливи на „секс“ а не на „насилство“? Неодамна, во САД, едно училиште суспендираше неколку ученички откако се објави на Youtube видео од една тепачка. Зошто Дневник на пример, не спроведе истражувачка сторија и не открие колкав е степенот на тепачки или носење оружје?

Училиштето не е соодветен простор за секс? Можеби е. Како прво, потребно е сексуално образование. А како второ, во услови на општествениот процут на пуританизмот, не ме чуди што младите имаат се помалку опции каде да имаат секс.

Зошто видео? Зошто да не? Кој е проблемот? Самото видео или (не)согласноста тоа да се сними? Доколку се работи за присила, законите се јасни. Но за мене не постои ништо страшно во самото видео.

И која е дволичноста на коментаторите. Велат:

На клипот се гледа дека не е свесна што и’ се случува бидејќи само лежи, а момчиња ја соблекуваат и ја допираат секаде. Претпоставуваме дека е или под дејство на дрога или на алкохол.

Што се коментира овде? Кој е проблемот? Тоа што е некој на секс клип или издрогиран (по своја волја или не)?

Вака секој ќе го види? Така ќе се види тоа што повеќемината не сакаат да признаат дека се случува. Се додека е скриено, како да не постои. Прашањето е: Ќе се соочуваме со проблемите кои се вистински или не? Ако утре се сними тепачка, дали вака ќе се реагира?

И тоа што дополнително ме изнервира - изјавата на директорката на „Никола Карев“.

Уште вчера им кажав на моите ученици дека ако некого фатиме со мобилен телефон в училиште, ќе му го одземе до крајот на учебната година

Каков е тој фашизам? Употребата на мобилни се повеќе допринесува кон развивање на технолошка писменост. Во секоја анкета за развиеноста на употреба на современи технологии, задолжително постои оддел за мобилна телефонија. Во услови кога сакаме да бидеме „земја на информатичари“ училиштата сакаат да ги одземат алатките. Нека им служи на чест таа web 2.0 кастрација.

powered by performancing firefox

за маските

Пред некое време одекна начинот на кој беше извршено апсењето на Саша Андоновски на Скопскиот Аеродром.

И додека Жарко брзо го осуети обидот апсењето да се означи како соодветно и во согласност со Европски стандарди, а со него потполно се согласувам за ова, мене ми влета и една друга идеја.

Зошто маскирани полицајци го пренесуваа од полициската станица на Аеродромот до полициските возила?

Ајде да разберам дека специјалните полицајци се маскираат за да се заштитат од одмазда после извршена акција. Но ова не беше таков случај. Тој веќе бил уапсен на влезот во Македонија, што значи дека овие полицајци само го пренесоа од една полициска станица до друга. Каква е опасноста по полицајците? Слично на ова, невкусно делуваше што маскирани полицајци го растоваруваа камионот со спорното запленето оружје кое патуваше за Бугарија. Зошто маскирани полицајци?

Но, симптоматично е тоа што токму маскираните полицајци го извршија самиот акт на такво спектакуларно апсење. Криењето позади маската носи слобода. Чувството за одговорност е намалено.

Затоа мислам дека треба да се ограничи употребата на маски или таквото јавно користење на маскирани полицајци. Кога еден полицаец, немаскирано ќе треба да изврши такво брутално апсење, откриен пред јавноста, комшиите, пријателите, сам ќе биде приморан двапати да провери што тоа допрва ќе направи, дали наредбата е во согласност со правилниците, кодексите и законите.

powered by performancing firefox